МЕД ја поздравува одлуката на Владата да ја поддржи иницијативата за Јабланица да се прогласи за национален парк
Македонското еколошко друштво (МЕД) ја поздравува одлуката на Владата да ја поддржи иницијативата за прогласување на Јабланица за национален парк на 116-та седница, се наведува во соопштението на МЕД.
Како невладина организација што е вклучена во иницијативата за прогласување на Јабланица за национален парк и за чија цел уште во 2006 година изработивме Студија за валоризација на природните вредности за планината Јабланица, го поздравуваме овој исчекор на Владата и напорите на месните заедници и општините Струга и Вевчани за конечна заштита на планинскиот масив“, изјави Робертина Брајаноска, извршна директорка на Македонското еколошко друштво.
Од МЕД наведуваат дека планината Јабланица поседува големи и значајни природни вредности и многу богат биодиверзитет заради што заслужува да биде дел од мрежата на заштитени подрачја во Македонија.
„Јабланица е специфична по своите физичко-географски карактеристики, а особено внимание, не само кај научниците туку и кај љубителите на планината, предизвикуваат јабланичките глацијални езера чија старост се проценува на десет до 15 илјади години“, велат оттаму.
Иницијативата за прогласување на Јабланица за национален парк првпат се спомнува во Стратегијата за биолошка разновидност со акциски план на Република Македонија, донесена од Владата на Република Македонија во 2004 година. Покрај националното значење, планината Јабланица има и меѓународно значење. Таа е дел од Балканскиот зелен појас, односно од Европскиот зелен појас, а претставува и важно подрачје за мечката, волкот и за рисот како европски значајни видови.
Со Националната стратегија за биолошка разновидност со акциски план за периодот 2018-2023 година, Република Македонија се обврзува на зголемување на површината на заштитени подрачја до најмалку 15 отсто. Јабланица, како дел од репрезентативната мрежа на заштитени подрачја е предложена да биде заштитено подрачје од втора категорија – Национален парк, што значително би придонело кон зголемување на процентот на заштитени области во Македонија кои во моментов зафаќаат околу 9 насто.
МЕД потсетува дека планинскиот масив Јабланица – Шебеник во Албанија веќе има статус на национален парк прогласен во 2012 година и дека со прогласувањето на Јабланица за национален парк во Македонија ќе се воспостави прекугранично заштитено подрачје.
Природното богатство на Република Македонија во годините наназад било и институционално дефинирано, преку прогласување на заштитени зони, објекти и сл.
Денес, покрај трите национални паркови – Маврово, Галичица и Пелистер, и други предели во државата со своите природни убавини и богатство од флора и фауна, испреплетена со најразлични геоморфолошки форми, отвораат можности за прогласување на нови заштитени подрачја. Шар Планина, Јакупица, Осогово, Малешевијата, Мариово, … но, и планината Јабланица.
Забрзаниот процес на деградација на животната средина и уништувањето на природното богатство, ги натера екологистите да излезат со предлог: Планината Јабланица да се прогласи за нов национален парк. Само на тој начин државата ќе може да ги заштити ретките природни богатства од неконтролираното искористување и уништување.
Пустошењето и сечењето на шумата, што е законски надозволиво, е закана од ерозија на земјиштето на планината, а тоа е аргумент плус, зошто државата треба да поведе грижа и да стави крај на ваквата анархија.
За таа цел, екологистите за да можат да ја изреализираат својата замисла, за прогласување на планината за национален парк и негова трајна заштита, формираа иницијативен одбор.
Познато е дека Јабланица ја делат двете соседни држави и од албанската страна Националниот Парк ”Шебеник” – Јабланица има голема посетеност, па доколку, и од нашата страна Јабланица биде прогласена за национален парк, туристите ќе можат да уживаат во убавините со кои изобилува.