Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), на седницата одржана на 21 мај 2018 година, врз основа на примена жалба од Стојан Трпчевски, ја донесе следната Одлука: Жалбата се отфрла како неоснована – текстот на интернет порталот Нова ТВ не отстапува од професионалните и етичките стандарди. Еве го тој ткст, пресудете сами
БИЛЈАНА СЕКУЛОВСКА
После владеењето на Груевски, десет години подоцна, јавниот сервис се уште е најслабата алка во јавната сфера и генерално, во напорите за демократизација на медиумската сцена. Трансформацијата на МРТВ е замрзнат процес, иако беше долго најавувана од страна на тогашната опозиција која ја предводеше Зоран Заев. Но, разочарувањето за одржувањето во живот на пропагандниот мастодон останува, затоа што Владата на СДСМ се уште го пролонгира процесот, кој треба да започне со целосно реформирање и преструктуирање, започнувајќи од врвот на јавниот сервис, па се до пониските ешалони, силно врзани во политичка и партиска смисла низ изминатава деценија.
Најсилните политички притисоци врз медиумите, меѓу кои е и МРТВ, во времето на Владата на Никола Груевски, беа безобѕирно манифестирани со три клучни настани: црниот понеделник- 24 декември, 2012 година- тепањето на опозицијата и новинарите, и крвавиот четврток-27.04.2017- упадот на разулавената толпа и обидите за убиство на неколку функционери, во април, 2017, кој несомнено, е најтешкиот ден во поновата историја на Македонија, по конфликтот во 2001 година. Третиот доказ за грубите притисоци на ВМРО-ДПМНЕ и со тоа и фабрикување на историјата, беше непрофесионалното однесување на МТВ, кои одбираа да ги скријат или да дадат штура информација, наместо да ги покриваат во живо прес-конференциите на СДСМ каде беа објавувани прислушуваните разговори, т.н бомби на лидерот на тогашната опозиција, Зоран Заев.
Директорот на ЗНМ (Здружението на новинарите во Македонија), Драган Секуловски говори токму за овие настани, кои ја урнисаа јавната сфера и го соголија јавниот сервис, прикажувајќи го пропагандното лице на машинеријата која и служеше беспрекорно на коалиционата Влада на Груевски:
„Во 2017, особено во делот на информативната програма имаме примери каде МРТ не си ја исполни својата законска обврска и граѓаните, за жал, немаа навремени ниту објективни информации за инцидентите од 27- ми април од насилниот упад во Собранието на РМ каде настрада и група на новинари а дел од нивната опрема беше уништена.
Необјективното известување на МРТ за овие инциденти беа забележани и од страна на медиумскиот регулатор преку нивниот надзор и ова е уште еден доказ дека МРТ останува зависна и селективна и во 2017 година во начинот на кој информира што е дополнителна причина за Владата на РМ да ги земат сериозно предлозите на ЗНМ за финансирањето на МРТ од 1 отсто од буџетот на РМ како предуслов за финансиска стабилност а со тоа и за независноста на јавниот радиодифузен сервис”.
Но, иако новинарите низ годините говорат за политички и уреднички притисоци, заплашувања, мобинг и атмосфера на страхо-влада, не сакаат јавно да проговорат за агонијата низ која поминуваат и да ги именуваат- со име, презиме и функција нивните народбодавачи- уредниците или политичарите.
Некои од нив се спротивставувале на разни начини, но молчеле и се уште одбираат да не излезат од анонимноста, други пак биле послушни извршители, се уште лојални на своите “господари”.
Идентично, но очекувано, уредниците на Информативната програма, претходниот Горан Петрески и актуелниот, Стојан Трпчески, одбиваат да одговорат за обвинувањата на новинарите дека ги цензурирале и дека на дневна основа имале средби со раководството на МТВ- и двајцата ја отфрлаат својата улога и велат- “не сум адресата да давам изјави, има други луѓе таму”. За разлика од Трпевски и Петрески, Билјана Василева-Трендафилова, поранешна заменичка-уредничка на Информативната програма, не одговори воопшто ниту на мојот телфонски повик, ниту на СМС пораката- да даде коментар за обвинувањата на новинарите за цензурата која ја спроведувала во МТВ.
Извори кои се запознаени со приликите во јавниот сервис, а кои бараа анонимност, сведочат на кој начин биле покривани овие два инциденти од информативната редакција и како се спроведувала пропагандата од двајцата главни уредници- Горан Петрески, во времето на црниот понеделник и неговиот наследник, Стојан Трпчевски:
“На црниот понеделник од просторијата каде што беа уредниците се слушаше голема кавга. Се зборува дека се расправале како да се известува за случувањата пред и во Собрание. На крајот имаше прилог без изјави со фокус на тоа што се случува надвор, но не и во Салата кога беа исфрлени новинарите и пратениците. И тоа беше скандалозно, без јавување во живо, а Петрески во една прилика ова го објасни дека така било подобро за да не се крева тензија во јавноста.
И тоа беше скандалозно, но подобро прилог отколку само вест. Немавме јавување во живо и ставот на Петрески беше дека така е подобро, за да не се крева тензија во јавноста.
Но, подоцна имало притисоци од директорот, Марјан Цветковски, кој се заканувал дека ќе следуваат последици ако не се согласат уредниците со манипулациите, искривување на вистината и пласирање на премолчување на фактите, токму во вестите. Немам никакви докази, но можам да претпоставам дека Горан Петрески како главен уредник добил инструкции како да се проследат настаните во Собрание и крајниот производ беше таков каков што беше.”
Што се однесува до 27 април, кога наоружани лица со качулки насилно влегоа во Собранието, одлуката на менаџерскиот тим, вклучувајќи го и уредникот, Стојан Трпчевски, беше да не се емитува во живо овој настан од Собранието под образложение дека има платен спортски натпревар кој не смее да се прекине, затоа што подоцна ќе следуваат финансиски последици:
“Знам само дека не држи изговорот оти не можеле да прекинат спортски натпревар за известат од Собрание. Можеше во најмала рака да се пушти текст во долниот дел на екранот со информација за инцидентот, додека траеше натпреварот. Се сеќавам дека неодамна кога Иванов имаше обраќање, прекинаа спортски натпревар без око да им трепне. На 28.11.2017 беше прекинат пренос од ракометен натпревар Метaлург- Татран Прешов за обраќањето на Иванов. “
Бомбите на Заев беа игнорирани од јавниот сервис
Измеѓу овие два насилни инциденти во Собранието, историјата ја запишуваа бомбите на Заев, кои најавија нова ера во Македонија, ера на протести, отпор, обединување на целата прогресивна јавност преку Шарената револуција.
Најголем дел од медиумите најпрво многу кратко и суво известуваа за овие прес-конференции, за подоцна да се одважат и да ги пренесуваат деловите на прислушуваните разговори, игнорирајќи ги забраната и заканите на тогашната Влада на Груевски, кои се темелеа преку инструкциите на Судот- дека не смее да се објавуваат овие “бомби, игнорирајќи го јавниот интерес и неопходноста граѓаните да бидат целосно, навремено информирани.
Подоцна, се охрабрува и дел од медиумската сцена, која во претходниот период имаше неутрален став, со нијанси на критичко известување- започнуваат и неколку медиуми со живо вклучување на прес-конференциите, кои во тој период започнаа и да објавуваат политички дебатни емисии, кои долг период беа ставени во бункер.
За информирањето за прислушуваните разговори изворите од МРТВ даваат своја оценка:
“Имаше став дека треба да ги следиме инструкциите од Судот и ставот дека снимките се нелегално прибавени, а ние како јавен сервис не смееме да ги објавуваме. Не беше направена проценка за јавниот интерес и се водевме од слепото следење на препораките од институциите.
Затоа и се доведовме до смешна ситуација секојдневно да пуштаме реакции на партии за делови од објавените снимени разговори, а притоа да не го емитуваме поводот на тие реакции. Со овој случај демонстриравме класично непознавање на улогата на јавниот сервис. Во тој период уредувачката политика беше да не се анализираат туку само да се пренесуваат голи партиски изјави како реакции на бомбите. Никој од раководството (се мисли на директорите на МРТВ) не се појави во редакција и на тој начин да изврши притисок. “
Но, притисоците биле правени од самите уредници на Информативната програма Горан Петрески и Стојан Трпчевски, како и Билјана Василева- Трендафилова, а како одговор од нивна страна остана молкот- одбија да дадат свој коментар за овој текст, еднакво како и директорот на МРТВ, Марјан Цветковски. Сите тројца во анонимни изјави на новинарите се посочувани за клучните пропагандни извршители на наредбодавците – власта предводена од Груевски, односно владејачкиот врв на ВМРО-ДПМНЕ.
Расплетот на објавувањето на прислушуваните разговори и Шарената револуција беа парламентарните избори, кои согласно Пржинскиот договор, опозициската СДСМ имаше отворен простор да го избере главниот уредник на информативната програма. Епилогот подразбираше професионален јавен сервис, заштитен од политички, партиски и други влијанија- изборот на СДСМ беше новинарката Санта Аргирова. Откако таа ја доби уредничката фотелја, следуваа значајни промени во јавниот сервис, токму во правец на ослободување на медиумскиот и демократски простор, но и паралелно, се одвивале потешкотии со кои се соочувала Аргирова:
„Зборуваме за јавен радиодифузен сервис и нормално е, нели, таков медиум да има свои новинари во другите градови во Македонија. Непоимливо е да работите со два и пол дописници односно да ви испраќаат прилози само од Битола и Прилеп, а при тоа сте ги оставиле да снимаат со застарен тип на камери и добивате материјал чиј квалитет не одговора ниту за аматерско видео, и уште еден дописник од Охрид кој воопшто немаше камера. Така беше во стоте дена кои јас ги поминав таму, од 2 септември до 11 декември 2016 година. Затекнав огромни проблеми со архивата која како да ја немаше.
За време на предизборната кампања не можевме да дочуваме снимки ниту за предвидениот рок. Ми рекоа нема доволно меморија. За информативната програма секогаш се јавуваше кусок на камери. Тоа, како што ми кажаа колегите, е акутен проблем. Системот на кој монтирате материјали не смее да паѓа и да немате вести во одреденото време. Терминот за вести е света работа и не може програмската шема да ја менувате толку често и спортските настани да им го одредуваат местото на информативните емисии. Не зборуваме за мала, локална телевизија, туку за „супер систем“ кон кој целото општество пројавува интерес и очекува исполнување на своите права, обврски, а се очекува и сето тоа да биде креативно, одржливо, едукативно…
Се на се, откако заминав, во 1996 година до моето стодневно пржинско враќање многу работи се измениле, но за жал, на полошо”.
Идентична перцепција за дописничката мрежа има новинар на МТВ, кој бараше анонимност: “МРТ нема постојани дописници од внатрешноста на земјата. До пред 6 месеци имавме небулозна ситуација, да имаме дописник во Вашингтон, но не и во Тетово. Но и во странство каде што бевме присутни имаше слаба реализација или подобро речено неработење.
Јавна тајна е дека дописничката во Атина ( Марија Котовска) годишно одеше на снимање не повеќе од 10 пати под различни изговори. Земаше над 2000 евра плата а таму беше како на одмор. Освен за новинар се правеа трошоци и за снимател. Со Атина беше проблем што постојано имаа расипана камера па тоа беше изговор и ништо да не работат. Дури, се зборува меѓу снимателите дека последните година- две, снимателот живееше во Скопје, а земаше девизна плата и за него се плаќаа кирија и други трошоци во Атина!?
Имаше страшен револт и новинарите и снимателите беа демотивирани- не разбираа зошто раководството го дозволуваше ова. Инаку изборот на дописници и сниматели беше направен без никаков критериум и план за работа ( како што е практика на пр. во ХТВ) туку повеќе по заслуга. Да биде трагедијата поголема, Котовска претходно беше монтажер, но откако одработи успешно едни избори за ВМРО беше унапредена во новинар и потоа дописник. Девојката е класичен пример за партиски војник и тоа без срам го истакнуваше со слика на профил на ФБ како стои пред партискиот грб. Сега состојбата е сменета зашто сите се вратени во Македонија”.
Политичките притисоци во јавниот сервис ги доведоа на најниското скалило работничките права во секој поглед- ниските плати, мобингот кој кореспондира со политичките и уредувачките притисоци се ударот кој постојано го поднесувале новинарите, според нивните анонимни сведочења.
„Ретко кој од новинарите изразува револт на каков било притисок. Многумина од нив се свесни кога некој од партија ќе им се јави и ќе влијае на нивното известување. Ова остава сомнеж како се вработиле и дали можеби нивната улога е токму застапување на партиски интереси. Автоцензура постои во огромни количества.
Новинарите во МРТ ретко поставуваат прашања од страв да не направат некоја грешка која ќе им се одрази на каков било начин. Одбираат да „не брануваат“ и да бидат голи пренесувачи на информациите.
Добрите познавачи на приликите во јавниот сервис велат дека новинарите директно немаат телефонски повици од политичари или од раководството на МРТВ, туку се јавувале на Горан Петрески, на Билјана Трендафиловска, за пораката сигурно да стигне до нив и да биде реализирана. Постојат сомнежи дека неколку новинари работеле под директива на ВМРО-ДПМНЕ и така МРТ била дел од оркестрираната орда која симултано и синхронизирано пренесуваше исти тези на повеќе медиуми.
Каков јавен сервис е потребен?
Улогата на јавниот сервис е високо позиционирана, на врвот кај европските институции, како што е Советот на Европа:
„Во препораката од 1996 година ја афирмира виталната улога на јавните радиодифузни сервиси како суштински фактор за плурализам во медиумите, преку обезбедување на сеопфатна програма што содржи информации, едукација, култура и забава за граѓаните.
Ваквата улога на јавите сервиси, Советот на Европа ја зајакнува со следната препорака донесена во 2012 година, која појаснува дека примарната улога на јавниот сервис е да го промовира општиот интерес како што е социјалниот напредок, јавната свест за демократските процеси, интер-културното разбирање и социјалната интеграција.
Меѓутоа, Советот во истата препорака предупредува дека јавниот сервис не може да биде важен извор на точни, навремени и плурални информации ако не биде независен од разни политички и економски влијанија. За жал, Македонската радио-телевизија уште од независноста на земјата не успеа да се изгради како вистински јавен сервис на граѓаните, поради силната политичка контрола на владејачките структури и отсуството на стабилен и оддржлив извор на финансирање” (истражување на ЗНМ, 2016). Извештаите на Европската Комисија традиционално се фокусирани на медиумската сцена во Македонија, еднакво како што и извештаите на Стејт Департментот, ОБСЕ/ОДИХР преовладуваа со високи тонови, кои одекнуваа низ децениското владеење на Владата на Груевски.
Со најновиот извештај на ЕК на острите критики им се става крај, но останува сериозната забелешка за јавниот сервис и замрзнувањето на неговите реформи:
“Слободата на медиумите и слободата на изразувањето се подобрени… но, потребни се понатамошни напори за да се подобри независноста на јавниот сервис… Јавниот сервис особено треба да се реформира и неговата независност да се зајакне.
Покривањето на изборните кампањи од јавниот радиодифузен сервис (МРТ) беше повеќе избалансиран отколку во минатото, а на учесниците им беше обезбедено бесплатно време на претставување. МРТ усвои етички кодекс. Потребни се дополнителни напори за подобрување на независноста и објективноста на МРТ во известувањето.
Потребна е и долгорочна стратегија за да се обезбеди нејзина финансиска одржливост. Донесен е нов систем за финансирање на јавниот радиодифузер, на регулаторот и на радиодифузното јавно претпријатие. Надоместокот за емитување беше заменет со директен придонес од државниот Буџет, во висина од 0,5%. Овој процент е предвидено да се зголеми со измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Имплементацијата на реформите има потреба од континуирано внимание за да се спречи директно или индиректно несоодветно политичко влијание кое би ја поткопало независноста и ќе обезбеди стабилна, предвидлива и одржлива одредба на средства.”(https://ec.europa.eu/neighbourhood-enlargement/sites/near/files/20180417-the-former-yugoslav-republic-of-macedonia-report.pdf).
Доцентот по комуникологија, Сефер Тахири, дава прецизни препораки за иднината на МРТВ, ставајќи акцент на најавениот, нов Закон за медиумите:
“Јавниот радиодифузен сервис се уште функционира како државен или пак медиумски партиски сервис, поради фактот што се уште кај одреден дел и од самите вработени, но и политичката елита не се сфаќа концептот на јавен сервис, кој треба да му служи на јавниот интерес, а не државниот или пак националниот интерес, кој се дефинира од страна на владата.
Затоа, парламентарното мнозинство треба да го забрза процесот на усвојување на новиот Закон за медиуми, кој меѓу другото ќе го „суспендира„ советот на МРТ, кој треба избира нов менаџмент, бидејќи продолжувањето на актуелниот менаџмент значи само продолжување на летаргијата на МТВ, а со тоа е уништувањето на јавниот сервис, кој треба да биде столбот на медиумскиот систем, а и треба да биде промотор на професионалните стандарди и вредности, но и на етичките норми во новинарството. МРТ треба под итно да се реформира во програмска смисла, треба да биде радиотелевизија, кој информира и критикува, а не пропагира во полза на власта. МТВ треба да биде јавен дебатен форум за различните политички и општествени групации.
Треба да биде медиум кој извршува едукативна/ образовна функција, но и медиум кој ќе се грижи за продуцирање на програмски содржини кои ги култивираат вредностите, но и ќе биде во функција на заштитник на етничкиот, културниот и јазичниот идентитет на македонскиот народ, албанската заедница и другите етнички заедници.
МРТ треба да биде гласот на граѓаните, а во иднина треба да се размислува за зголемување на ставката од буџетот од 0.7 % во 1 %, се со цел да се развива, да се вработуваат нови професионални кадри, бидејќи старосниот просек на вработените е 56 години, а исто така измени треба да претрпат студијата, визуелните аспекти, графичките решенија, интернет страницата итн”.
Драган Секуловски ги сублимира конкретните чекори кои мора да бидат преземени за целосни промени на јавниот сервис: „Законот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во делот кој се однесува за МРТ предвидува независност на јавниот сервис од било кој државен орган, јавно правно лице или трговско друштво како и непристрасност во уредувачката и деловната политика. Освен ова, МРТ има обврска да има програма во интерес на целокупната јавност, а програмите да бидат наменети за сите сегменти во општеството без дискриминација. Со програмата МРТ треба да обезбеди постојано, целосно, непристрасно, навремено информирање преку високо квалитетни програми за сите случувања од јавен интерес во Македонија и пошироко. “
Акцентот на реформите секако дека треба да биде ставен и врз политичката култура на елитите- и не само политичките, партиските, туку и на медиумските, всушност на целокупната прогресивна јавност,на интелигенцијата, која е неопходно да изврши притисок врз релевантните политички актери, но и таа директно и активно да учествува во промените на јавниот сервис, имплементирајќи ги неопоходните реформи и паралелно, образувајќи ја медиумски јавноста, за важноста од професионални, независни медиуми, кои фокусот го имаат на исполнувањата на обврските кон јавноста, јавниот интерес, наспроти досегашните пропагандни практики- да се служи на партиските и владините интереси и цели, како и на други моќни центри и поединци.
***
Оваа статија e објавена во рамките на регионалниот проект “Невидливото насилство: списанија весници”, поддржан од ЕУ, и дел од програмата “Заштита на слободата на медиумите и слободата на изразување”, имплементирана од Хрватското здружение на новинари, како дел од “Регионалната платформа за медиуми за слобода и безбедност на медиумите” новинари на Западен Балкан “. Проектот се реализираше преку партнерство на шест регионални новинарски здруженија: Независната асоцијација на новинари на Србија, Здружението на новинари на БиХ, Хрватското здружение на новинари, Косовското здружение на новинари, Здружението на новинари на Македонија и Сојузот на медиуми на Црна Гора.