НИКИЦА КОРУБИН
На јавноста и е дозволена само реакција. Затоа што, на страна, што ја нема моќта нешто да направи, туку и ја нема информацијата. Дека нема да може ништо да направи. Тоа може да се оквалификува само како „контрола на јавниот дискурс”. А, и двете активности се однесуваат на секој од нас
Јавноста секогаш е клиент, конзумент, пасивниот дел во односот кон политиката. Следи и толкува, што всушност се случува. Ако и тоа го прави … но, дали прашува? Дали аналитичарите прашуваат или само пренесуваат? Не сите, се разбира. Дали новинарите, медиумите, прашуваат или само пренесуваат? Не сите, се разбира.
Затоа што, прашањето е најмалата работа што треба да се постави. Многу повеќе треба активното учество на јавноста, што всушност се случува? Тоа е таа желба за апсолутна контрола на процесите, што секако е во рацете на моќта, туку и потреба за апсолутна контрола на јавноста и јавното мислење. Која, така пасивизирана и анестезирана, со секакви акции и информации, треба да спојува факти, слики, перцепции и претпоставки, за да добие елементарен одговор на нешта која секако требала да ги знае претходно, барем на ниво на елементарна информација. Затоа што се’ е во наше име и за наша сметка.
Дијапазанот е застрашувачки, од посета на премиер на Франција, која јавноста го дознава во актуелно време, во момент на случување, оквалификува како „историска” средба, а за таа историја јавноста ништо и не знаела; бидејќи се’ уште, разбирливо го толкувавме Бајденовиот декрет; па се’ до блиц криг сечата на дрва во центарот на Скопје, фино оправдана со „стручни мислења” и „согласно закон”.
Овие два, само навидум, дијаметрално спротиставени примери, на базично ниво го покажуваат односот политика&јавност. Распонот е голем, недостижен. На јавноста и е дозволена само реакција. Затоа што, на страна, што ја нема моќта нешто да направи, туку и ја нема информацијата. Дека нема да може ништо да направи. Тоа може да се оквалификува само како „контрола на јавниот дискурс”. А, и двете активности се однесуваат на секој од нас.
Така денес, имаме последици, ама се’ уште немаме информации. Имаме чувство на немоќ. Дека имаме дозвола само да коментираме. Да шпекулираме. И на крајот да бидеме оквалификувани, со разни квалификации и деградации, по потреба. Само затоа што го сакаме одговорот. За процеси кои се однесуваат и на нас сега и на нас утре. За да ја споиме сликата, која освен што се гради зад параванот, се гради и во јавноста. За се’ и сешто. Од комуналии до висока политика. Од демократија до екологија.
А, на хоризонтот нема никој, што ќе праша, што ќе објасни …