Службена тајна оддал оној што ја објавил, а не оној што ја доставил! – велат во Обвинителството. Здружението МАН се обиде да направи протест пред зградата на Обвинителството во заштита на новинарот Митовски, ама одѕивот беше навистина слаб
Александар Митовски, сопственик на порталот „Инфомакс“ е обвинет за оддавање службена тајна, бидејќи го објави исказот на бизнисменот Орце Камчев даден пред Јавното обвинителство за случајот „Рекет“. Обвинителството ќе испитува и кој му го дал документот на Митовски, а доколку се утврди тоа, и за него ќе биде поведена кривична постапка. „Обвинетиот на 23 август, преку интернет порталот www.infomax.mk на јавноста им ги сторил достапни податоците што претставуваат службена тајна. Имено, тој ја објавил првата страница од записник за примање кривична пријава од едно лице заведен во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Во поглед на околностите на кој начин овој записник е излезен од списите на предметот и како е предаден на обвинетиот новинар за да биде објавен, обвинителството ќе поведе кривична постапка доколку утврди кое лице го предало и за тоа обезбеди докази“, се вели во соопштението на обвинителството. Во текстот, во кој е објавена првата страница од исказот на Камчев за истрагата на случајот „Рекет“, каде тој прецизно опишува како Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милески – Кичеец му барале пари за ослободување од обвинение за случајот „Империја“ е потпишан Александар Митовски. „Инмфомакс“ е подолго време со нејасна „лична карта“. Порталот нема импресум на својата веб-страница. Основач на порталот, според Македонската академската истражувачка мрежа (МАРНЕТ) е Друштвото за истражување, анализа и маркетинг ЦИА ДООЕЛ Скопје, каде основач и управител е Александар Митовски.
Еве што поконкретно вели Обвинителстото за овој случај.
Во поглед на поднесениот обвинителен предлог против едно лице за кривично дело: оддавање службена тајна од член 360 став 1 од Кривичниот законик со кој обвинетиот Александар Митовски се товари дека на 23. минатиот месец, преку интернет порталот Инфомакс на јавноста им ги сторил достапни податоците што претставуваат службена тајна, Основното јавно обвинителство Скопје, заради правилно информирање на јавноста ги дава следните појаснувања:
„Кривичното дело – Оддавање службена тајна, од член 360 став 1 од КЗ, го сторува тој што на јавноста или на неповикано лице ќе соопшти, предаде или на друг начин ќе му ги стори достапни податоците кои претставуваат службена тајна или прибавува такви податоци со намера да ги соопшти или предаде на јавноста или на неповикано лице. Според став 4 од истиот член на Кривичниот законик, како службена тајна се сметаат податоците или документите што со закон, со друг пропис или со одлука на надлежниот орган донесени врз основа на закон се прогласени за службена тајна и чие откривање има или може да има штетни последици за службата“, се вели во соопштението на Јавното обвинитеклство и се дообјаснува дека согласно член 289 од Законот за кривична постапка, сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител се сметаат за тајна.
„Во конкретниот случај обвинението беше поднесено, бидејќи со објавувањето на првата страница од записникот за прием на кривична пријава изготвен од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на интернет порталот Инфомакс, на јавноста и беа сторени достапни податоците што претставуваат службена тајна. Со записникот за прием на кривична пријава се поведува предистражната постапка и тој записник претставува составен дел од предметот и од обвинителските списи кои што се службени по својата природа. Затоа со објавувањето на записникот е постапено спротивно на член 289 од Законот за кривична постапка“.
Јавното обвинителство, како единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривичните дела, согласно својата уставна и законска положба, е обврзано да ги гони сите сторители на кривични дела за кои се обезбедени докази на законит начин, како што тоа е направено во конкретниот случај.
Јавното обвинителство, тргнувајќи од уставната и законската поставеност, во целост го почитува начелото на транспарентност за сите предмети кои се од интерес на јавноста и редовно известува за тековното постапување во тие предмети, но притоа во целост ги почитува уставно и законски загарантираните права и на осомничените, и на оштетените, како и на сите други учесници во кривичната постапка. Со информирањето за обвинителското постапување не е дозволено да се прекршуваат законските прописи и да се нарушуваат правата на странките во постапката.
Претседателката на МАН, Ивона Талевска од четврточниот протест за новинарот на „Инфомакс“, Александар Митовски, порача дека мора да се сопре со притисоците врз медиумите, притоа додавајќи дека добиле поддршка од неколку балкански земји за оваа ситуација.
„Одговорете со збор а не со притисок се однесува на заштита на новинарските права и слободи. Се водат над 60 предистраги, обвинениеја и процеси над медиумите. Во Република Македонија просекот против слобода на медиумите е 52 отсто. Ова мора да запре. Македонската асоцијација на новинари ги поддржа и протестите за Томислав Кежаровски. Добивме поддршка од Бугарија, Србија, Косово, Албанија. Прогонот на медиумите мора да запре. Бараме да запре цел прогон низ медиумите“, истакна Талевска.
За волја на вистината МАН никогаш не застана одлучно во борбата ба новинарите за слобода на информирањето и за подобрување на просторот во кој дејствуваат.