МИРЈАНА МАЛЕСКА
Процентот од 20% не е произволен, бидејќи Советодавниот комитетот на експерти за Рамковната конвенција за заштита на малцинските права, дошол до заклучок, врз основа на практичната примена на Конвенцијата, дека границата, барем кога станува за службена употреба на јазикот, е некаде 20 до 25% од граѓаните да имаат такво барање
Да се измени устав, не е лесна работа. Прво, треба да се има добра причина за тоа. Понатаму, следува уставна процедура, која бара двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници за прифаќање на нацрт за измена на уставот; следува јавна дискусија и, на крај, гласање – при што е потребно двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратениици. Тоа, сепак не е сѐ.
Кога се менува членот 7 од уставот, ќе биде потребно двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, во кое мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Република Македонија. Стапува на сила „заемното вето”: прв пат, гласаат сите пратеници, потоа гласаат пратениците кои се изјасниле дека припаѓаат на заедниците што не се во мнозинство. Сложено, но ги штити малцинствата од надласување и досега функционираше.
Што содржи членот 7 од уставот?
„На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член”.
Зошто „најмалку 20%”? Дали е тоа меѓународна норма, практично искуство, препорака? Дали е така и во други држави? Сознанијата говорат дека решенијата се разликуваат од земја во земја, во зависност од историскиот и политичкиот контекст. На пример, во Финска, финскиот и шведскиот јазик се службени јазици, иако шведското малцинство изнесува денес 5.2%. Во Канада, службени јазици се англискиот и францускиот, во ситуација кога 20.6% од населението говори француски и е концентрирано, пред сѐ, во провинцијата Квебек, каде службен јазик е само францускиот. Во Швајцарија, германскиот, францускиот, италијанскиот и романскиот се службени јазици, иако етничките заедници се несразмерни по големина. Може да се издвои и примерот на Косово, каде покрај албанскиот, службен јазик е и српскиот, што го говорат 5% од граѓаните на Косово. Ова решение, во кое има удел меѓународната заедница е прифатено заради смирување на непријателствата и градење на доверба меѓу етничките заедници, по внатрешните вооружени судири и интервенцијата на НАТО во Косово (1999).
Решението во нашиот устав, со кое „друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик…” е исто така резултат на мировен договор, меѓу тогашните четири најголеми македонски и албански парламентарни партии, со гаранции за примена, од страна на меѓународната заедница. Процентот од 20% не е произволен, бидејќи Советодавниот комитетот на експерти за Рамковната конвенција за заштита на малцинските права, дошол до заклучок, врз основа на практичната примена на Конвенцијата, дека границата, барем кога станува за службена употреба на јазикот, е некаде 20 до 25% од граѓаните да имаат такво барање.
Настрана бројките, јазична политика во мултиетничките и мултикултурните општества, треба да се разбере во поширок контекст: дека станува збор за афирмирање на вредности на еднаквост, недискриминација и превенција на конфликти. Во таа насока Советодавниот комитет на експерти за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства издаде уште една поопшта насока за примена на јазичните права, ако тоа е “разумно и практично”. Што е “разумно и практично” утврдуваат самите земји низ политички процес, земајќи ги предвид безбедноста, концентрацијата на малцинствата на определена територија, расположливите економски ресурси итн., како и препораката на Комитетот, властите да бидат што повеликодушни и флексибилни кога се во прашање јазичните и други права на малцинствата.
Дали, дваесетина години по склучувањето на Охридскиот рамковен договор (2001) е изградена поголема доверба меѓу етничките заедници во земјата, особено меѓу Македонците и Албанците, за да се смени уставната одредба за службените јазици? Еве едно мое лично искуство, како професор на УЈЕ во Тетово, каде предавав уставно право на студенти од различна националност. Кога ќе дојдев до лекцијата за јазичната политика, употребував, „албански јазик”, наместо уставната формулација. Беше тоа непосредно по вооружениот конфликт од 2001 и отворените рани во општеството не беа зацелени. Сепак, сметав дека моја должност како професор е да ги соочам студентите со новата реалност. Денес би требало да е полесно, а сепак не е сосема така. Зошто?
Етничките заедници во една држава полагаат право на престиж, преку официјално истакнување на симболите (знаме, натписи, ознаки, јазик итн.). Може да се каже дека симболите се транспарентен код на “престижот” и “самопочитта” на групата. Јазикот е особено важен. Тој го означува статусот на групата која го зборува и е симбол на доминација или еднаквост. Групата која е во мнозинство, бара нејзиниот јазик да добие “праведно место”, што практично значи да добие ексклузивен статус на службен јазик.
Но, како што барањето за еден официјален јазик демонстрира желба за предоминација, така барањето за јазичен паритет е транспарентен код за еднаквост во поопшта смисла на зборот. Политиката може да биде употребена не само да го потврди статусот на групата туку и да го унапреди и да постигне поголема групна кохезија, како што беше случајот со македонскиот нација, по Втората светска војна во рамки на Југословенската федерација, или со македонските Албанци, особено по уставните измени од 2001.
Статусот на јазикот е директно поврзан со работните места на средната класа и промоција на изгледите за јавна служба и напредување. Јакнење на самопочитта на групата е исто така придобивка од статусот на јазикот. Накусо, јазикот може да се земе како мерка на групниот статус (на пример, кој е “сопственик” на државата), а јазичната политика влијае не само врз кариерата на поединечни членови на една или друга етничка група, туку и на социјално-класната мобилност на групата. По демократските промени во 1991 година, кога се распаднаа, низ серија брутални војни, две големи федерации (како Југославија, на пример), националните држави што потоа се формираа не се чувствуваа доволно безбедни за да се покажат великодушни и флексибилни во поглед на јазичната политика. Тоа во Македонија се смени 2001 и денес, барањето од страна на некои албански партии за именување на албанскиот јазик, како службен јазик во Уставот, најверојатно нема да се соочи со отпорот кој постоеше, на почетокот на деведесеттите.
Западниот Балкан многу се измени последните две-три декади: стана побезбеден, поразвиен и ги зајакна демократските институции на државите, кои станаа ченки на НАТО и се на пат да станат и членки на ЕУ. Тоа не е малку време да се изгради поголема доверба и кохезија во општествата, како Македонија, кои минале низ етнички конфликт, со човечки жртви и материјално разурнување, иако никогаш нема крај на “приказната”. Во политиката е така: решавањето на едни проблеми, отвора други. Живееме во време на демократија, која легитимира различни политички опции, па и оние кои се противат албанскиот јазик да биде именуван во уставот како службен јазик и со тоа ја поткопуваат сеуште кревката општествена кохезија.
Сепак, не треба да се изуми дека јазичната политика овие последни две-три декади е резултат на политички процес во земјата во кој се усвоени уставните амандмани 2001, Законот за употреба на јазиците и ратификувани се две важни европски конвенции: Конвенцијата за заштита на правата на малцинствата и Европскиот договор за регионални и малцински јазици. Со тоа земјата е тргната во насока која содржи визија заснована на плурализам, толеранција и акомодација.
Македонија, од 1991 до денес, помина низ трауматични искуства и, мислам, како граѓани разбравме барем толку: нема да се повтори 2001, нема да постои “малцински проблем” ако се гради политичка средина каде помалите етнички заедници се чувствуваат безбедни. А ќе се чувствуваат безбедни во вистински демократско општество, засновано на почитување на човековите права, почитување на правата на малцинствата и почитување на нивната различност.
(Авторката е универзитетски професор)
—
Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.