ПЕТАР БОГОЈЕВСКИ
Се обидувам да нарачам кафе на македонски јазик, девојчето не ме разбира целосно. Таа знае дека јас не знам албански јазик и не се ни обидува да ми појасни на нејзиниот мајчин јазик. Значи во срцето на Скопје, двајца Македонци, таа етничка Албанка, јас етнички Македонец, не можеме да комуницираме. Се разбираме на англиски. Тоа е веќе реалноста во Македонија. Како понатаму?
Спомнав можност да се употребуваат други јазици, освен албанскиот, и ме распнаа. Готово, предавникот е фатен. Спасени сме. Сега сè е решено. Македонскиот јазик ќе го замени англискиот на светско ниво. Гревчиња! А никој не забележа дека, предлогот на Македонски концепт, за службена употреба на јазиците, повторувам јазиците на граѓаните на Републиката, е единствен до сега предлог, кој на минатото погледнува низ лупата на иднината. Единствен предлог, против бинационалната и двојазична држава, единствен предлог за решавање на проблемот со јазичната бариера во земјава… единствен предлог за решавање на проблемот со „постоењето“ на македонскиот јазик со соседна Бугарија и сл. Но затоа пак, Латасовиќ, преку украдениот сајт со слично име на овој, на кој ги објавувам овие колумни, Ве извести дека продадени сме на клетите Бугари и сите во транс. Е токму поради тоа, поради таа лекомисленост кај нас Македонците, сме немале и уште немаме полно независна држава Македонија! Од друга страна, заколнати, најтешка форма на Бугари… абе потешка и од Аспарух и Цар Симеон и Цар Борис заедно… ме распнаа за тоа што сум промовирал постоење на два јазици, македонски и бугарски. Овие вториве, често забележани со сексуални проблеми, слуги на оние првите, искомплексирани од пусти СССР и СФРЈ, со огромна желба да докажат колкави Бугари се, по мене имаат потрагична улога и од онаа на Ивона… мечката од пештера, де!
Јазична бариера, дали постои? Секако да. Често користам едно кафуле во турската чаршија во Скопје за средба со пријатели. Внатре работи една прекрасна девојка. Културна, воспитана. Мислам дека е Албанка. Се обидувам да нарачам кафе на македонски јазик, девојчето не ме разбира целосно. Таа знае дека јас не знам албански јазик и не се ни обидува да ми појасни на нејзиниот мајчин јазик. Значи во срцето на Скопје, двајца Македонци, таа етничка Албанка, јас етнички Македонец, не можеме да комуницираме. Се разбираме на англиски. Тоа е веќе реалноста во Македонија. Како понатаму? Едноставно, понудивме решение. Задолжително изучување на македонскиот јазик во образованието, дополнително англиски, со задолжително изучување на еден дополнителен јазик со право на избор, албански, турски, српски, бугарски, влашки, ромски, бошњачки, хрватски, црногорски, па може и грчки ако сакате, на територија на цела Македонија. Едноставно е, ако еден млад човек има амбиција да биде политичар и да анимира и албански гласови, ќе го изучува албанскиот во школо. Неважно дали е роден во Тетово или Делчево. Ако еден млад трговец сака да тргува со Стамбол, носи стока од Азија, ќе го изучува турскиот. Ако една девојка сака да заврши медицина во Бугарија, ќе го научи бугарскиот. Ако друга девојка сака да се појави на „Звезде гранда“ и да стане славна како Цеца, ќе го изучува српскиот јазик. Ако си роден во Куманово, зошто би било проблем, дополнително да ги избереш и српскиот и албанскиот. Тоа е твое богатство.
Мојата баба велеше: колку јазици знаеш за толку луѓе вредиш. Па јас се залетав да изучувам и француски и италијански и англиски. Српски во мое време беше задолжителен, до душа во форма на српско-хрватски. Бугарски научив поради мастер студии. Колку научив од сето ова, тоа е друго прашање. Во мене бил проблемот. За жал, албански или турски не познавам. Но имаме активист во Македонски концепт, Македонец по род, кој албанскиот јазик го знае во негова литературна форма, многу подобро од родени Албанци во Чаир. Исто бугарскиот го знае, подобро од родени Бугари во Русе. И што е тука сега проблемот?!? Каде е тука предавството на Македонија?!? Јазикот е средство за комуникација, а не за себе идентификација.
Точно е тоа, јазикот е најсилен елемент на националниот идентитет. Но Македонија е сè друго само не бинационална држава. Или билингвална. Ние сме мултинационална, мултијазична. Точно е и тоа дека има Македонци, резистентни на реалноста, чекаат Тито да се врати и да направи да има македонски јазик на народот, и малцински јазици на народностите, кои никој не ги забележува. ОК, но луѓе тоа одамна не е реалност во нашата Македонија. По 2001 година, работите се засекогаш сменети во таа смисла. Сега можете пак да плукате и да ме обвинувате и за шиптарофилство, не само за татарофилство, но јас нема да престанам во очи да Ви ја кажувам вистината. Умре таа приказна за народи и народности. Не сум јас крив! Во 2001 година друга генерација Македонци ја замрсија работата. После тоа, оваа генерација Македонци ја дозамрсија, па направија бинационална држава. Па и со Европа се скараа за јазиците. Е сега, легитимно е мојата генерација која доаѓа, да се обидеме да ја оправиме работава. Да ја одмрсиме. Да се обидеме да направиме иднина на „јазиците на Македонија“. Во таа насока е и предлогот, слободно, по сопствен избор, на целата територија на државата, да се изучува и шиптарски и татарски и каурски и шумадински и муртатски… зависно од потребите на единката, на граѓанинот, зависно од индивидуалните потреби на индивидуалецот!
Македонскиот јазик ќе го познаваме сите. Без разлика дали за него Србите ќе сметаат дека е говорна мана… Бугарите го сметаат за западна јазична норма… Албанците за насилно наметнат… Турците за мелозвучен… Власите за погрден… Грците за иредентистички… без разлика, сите ќе знаеме доволно македонски и англиски да се разбереме. Но во исто време, сите ќе го знаеме јазикот на нашиот сосед, на човекот со кој делиме ист воздух, иста судбина. Ќе научиме албански, ако сме со комшии Албанци, зашто е во ред да знаеме. Чесно е да знаеме. Со тоа покажуваме големина и респект кон комшијата, сограѓанинот. Во ред е да знаеме и српски и бугарски. Еве јас доволно ги познавам и двата, па тоа воопшто не ме прави помалку Македонец.
Четничката организација во Македонија, после оваа колумна може повторно да организира мое каменување… македончињата, со мало М и со големо ЧЕ, може да тргнете по умот на четниците, колку да сакате… но овој предлог е реалноста. Денес ќе го плукате, но за некое време кога ќе го предложат други, пресметани, бандити политичари, кои ќе го направат истото, ама поради пазар за власт и пари, а не поради искреност како нас, тогаш истите тие четници ќе ви соопштат дека предлогот е сега супер, а македончињата ќе се израдуваат до небеса. Како и да е, Македонија е слободна и демократска држава, обезбедува права и за четничињата и за македончињата… на крајот на денот, нашата максима е „Македонија е на сите нас!“.
Продолжуваме со засилено темпо, храбро, реално, цврсто газиме на земја… со предлози кои се решенија за денешна Македонија… со решенија кои отвораат иднина… кои не подлежат на автоцензура од македонскиот инат! Затоа што ние имаме нешто, кои останатите политички организации го немаат… ние од Македонски концепт, на минатото гледаме низ призмата на иднината!