Во редовите на политичарите, кои се во центарот на отпорот против претстојниот референдум, најјасно е присуството на лидерот на Единствена Македонија. За него не смее да има евроатлански амбиции на земјава. За опозицијата на референдумот – оние кои се против или најчесто се за бојкот кон Преспанскиот договор – тој е играчот кој треба да биде мотиватор на уличните манифестации, па и нивни инспиратор, но како што се приближува датумот на гласањето – 30 септември, тој станува непријатен актер во играта пред гласачите каде „отпорашите“ треба да се претстават како поддржувачи на првиот дел од од референдумското прашање. Имено, се за влез во НАТО пактот и ЕУ, ама не со ваков договор како Преспанскиот. Затоа се јавуваат и сѐ погласни коментари против него и од опозицијата
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Кога во јануари годинава Јанко Бачев реши да ја ребрендира својата партија – Народно движење во Единствена Македонија, тој на свој начин, многумина би рекле на карикатурален, покажа дека е искрен имитатор на она што се случува во земјата кон која се завртени неговите идеолошки копнежи. Имено, партијата на претседателот, кој секогаш победува, Владимир Путин, се вика Единаја Расија и Бачев посакал тоа име да му држи „маја“.
Гледано од некаков формален аспект неговите изборни резултати се ужасни. На избоите во 2014 година партијата на Бачев доби само 1.925 гласа. Најголема поддршка имаше во четворка – 669 гласа, а најмалку во петка 158, па во единица 237. Во неговата екипа тогаш беше и новинарот Саше Политико. Партијата за првпат по своето формирање учествувала самостојно на парламентарните избори во 2002 година, каде што освоила 2.230 гласови (0,1%). На парламентарните избори во 2006, 2008 и 2011 НДМ учествувала во коалиции предводени од ВМРО-ДПМНЕ, додека на парламентарните избори во 2014 година, по 12 години учество во коалиција, повторно настапила самостојно и освоила околу 1.900 гласови (0,1%). Партијата не учествувала на парламентарните избори во 2016 година, поради тоа што Државната изборна комисија ги отфрлила кандидатските листи на партијата. НДМ на ниеден парламентарен изборен циклус нема освоено пратеничко место.
Но, неговата ролја во организирањето на отпор кон политиките на левицата во земјава, пред сѐ кон СДСМ и неговите коалициони партнери не е за занемарување, особено што тој се смета за експонент на проруската политика во земјава, онаа која се преокупира токму со спречување на евроатланските амбиции на земјава.
МАКЕДОНИЈА БОЈКОТИРА Бачев се стави на чело на кампањата „Македонија бојкотира“ и барем според потписите, тука се 30 политички партии и невладини организации кои застанале зад бојкотот со потпишување на „Меморандум за стратешка соработка“. Тие имаат и свој т.н. Кризен штаб за кампањата. Во кампањата на чие чело е Бачев, учествуваат партии и организации со живописни имиња како Христијанско братство, чиј потписник е Жарко Гроздановски, Аманет 1903 (Дејан Бошков), Тврдокорните (Драган Угриновски), Трета партија на Македонците и здружението Трета Република (двете потпишани од Љупчо Палески), ВМРО-ДПМНЕ-Демократска фракција, предводени од Јове Кекеновски и Филип Петровски, неколку организации на дијаспората и неколку анонимни здруженија. Фактот што Јанко Бачев е на чело на кризниот штаб на „Македонија бојкотира“ направи во дел од медиумите истите да се нарекуваат „рубљови“ (асоцијација на валутата на Русија), односно се смета дека конекциите кон Москва кај него се најверојатни и оттаму тој би можел евентуално да даде најмногу во финансиската поткрепа на бојкотот на референдумот.
За разлика од сите други што ќе го бојкотираат референдумот и кои по правило не нудат друг излез за земјава, Бачев смета дека наш излез е сојуз со Русија и влез во Евроазиската економска унија. Тој страстен противник на правата на малцинските групи, пред сѐ, на Албанците, ги мрази либералните идеи, се противи на подржувањето на хомосексуалноста, истополовите бракови и посвојување на деца од истополови бракови. Се залага за комплетна лустрација, која би ја опфатила и МПЦ.
Во својата промотивна кампања ги вклучи и двајцата високи гости од Москва – Александар Дугин и Леонид Савин, кои една сабота пролетва ја наполнија салата во Хотел „Континентал“, претставувајќи ги како главни Путинови советници за безбедност, податок кој не е сосема точен. Тогаш собра бројна публика, која тој самиот никогаш не ја имал. Се појави и да даде поддршка за дипломатите на Русија кои земјава ги протера неодамна.
ДОКТОР НА ПРАВНИ НАУКИ Јанко Бачев е роден пред 54 години во Струмица. По завршувањето на Правниот факултет во април 1991 година е ангажиран како адвокатски приправник, па, како адвокатски стручен соработник. Од мај 1994 работи во Службата за државна безбедност при МВР. Бил повеќегодишен предавач во Комората на Република Македонија за обезбедување на лица и имот и детективски услуги и член на Комисијата за полагање на стручен испит за вршење работи на обезбедување на лица и имот. Од 2012 година е професор по меѓународно право на Правниот факултет при Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“, каде предава група предмети од областа европско право!
Бачев е доктор на правни науки во областа на меѓународното право, кој докторирал на Катедрата за меѓународно право и меѓународна политика на Правниот факултет „Јустинијан Први„ во Скопје, одбранувајќи ја докторската дисертација на тема: „Правните механизми во Организацијата на Обединетите нации и прашањето околу името на Република Македонија“. Постдипломски магистерски студии завршил на истиот факултет и за таа цел го одбранил магистерскиот труд на тема: „Приемот на Република Македонија во Организацијата на Обединетите нации и меѓународното право“.
КРИВИЧНА ПРИЈАВА Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека против него ќе биде поднесена кривична пријава по неговото качување на борбено возило на полицијата пред Собранието на РМ за време на протести. Тој треба да одговара за спречување на овластено лице во вршење на неговата функција. Не е позната судбината на таа оценка. Овој потег на Спасовски беше поддржан и од страна на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, а забележани се и напади во некои медиуми на опозицијата на ликот и делото на овој проруски политичар во земјава. Во мигот тој е повеќе товар за главната опозициона партија околу корисен „уличен разгорувач“ на масите. (Поподробно за неговите ставови може да се прочита на сајтот https://macedonia365.com/7299/)