Во настапот на еден поткаст екс-министерката кажа доста работи за својот шеф, главно негативни, додека тој и одговара на соијалните мрежи дека покажува скриени амбиции кон новата власт
Поранешната министерка Гордана Јанкулоска во поткастот на Христијан Ландов за Претрес искрено одговараше за нејзиниот долгогодишен шеф Никола Груевски. Дали треба да се потсетиме дека таа беше негов избор за прв човек во МВР каде тој беше 11 години премиер а таа како негова десна рака. На функција и остана речиси девет години, се до 9 мај 2015 година, кога после опасната вооружена пресметка со нарачани и увезени терористи во кумановско Дивљо насеље загинаа македонски полицајци. Таа заедно со првиот човек на УБК мораа да поднесат оставки. Под надворешен притисок, се разбира, заради чинот на сериозно загрозување на мирот во регионот. Таа е единствената што од врвот на груевската екипа одлежа во затвор, пред се физички ја почувствува промената на власта.
Сега, од временска дистанца Јанкуловска после се што преживеа не го крие разочаеувањето од Груевски кој побегна од државата и ги остави неа и најблиските негови соработници на институциите.
На прашањето дали му замерува за бегството, таа вели дека таквиот чекор можеби е немање на храброст, а доколку ја побара повторно да биде дел од неговиот кабинет таа не би прифатила.
Јанкулоска додаде и дека не ги чита неговите објави на социјалните мрежи оти не ја интересираат.
„Не, не ги читам, немам јас толку време да читам лектири, тоа што ме интересира читам, а за што пишува и како пишува, навистина не ме интересира, посебно не гледам поента нити во тоа да ги читам, нити пак гледам поента да се пишуваат такви написи од дистанца. Тој што сака нешто да смени, што сака нешто да направи, треба да е тука и тука да ги артикулира своите ставови. Сега тоа е како да пишам во Кина што треба да се прави.
Неговите постапки зборуваат за него и за неговиот карактер. Ќе си дозволам да дадам коментар, мислам дека неговиот кредибилитет ќе беше без оглед на суровоста со која тој се соочи како нас со неправедниот политички прогон, ќе беше многу поголем тој кредибилитет ако останеше овде да се бори“, вели Јанкулоска.
Таа вели дека доколку била на негово место со првиот авион од Будимпешта би слетала во Македонија и би се борела.
„Јас да сум на негово место не би чекала да има екстрадиција, јас би дошла сама. Нема да дозволам да бидам ставена во една постапка на екстрадиција. Сама ќе го фатам првиот авион и ќе дојдам и ќе се борам во една атмосфера која очекувам да биде многу поправедна и многу подемократска по промената на власта“, додава Јанкулоска во поткастот на Pретрес.
Во одговрот на овој настап на својата екс-министерка будимпештанскиот бегалец и екс-премиер напиша подолг коментар на социјалните мрежи.
Еве што вели:
„Легитимно е секој да сака да добие некоја државна или партиска функција, и при тоа, особено ако извршувал високи државни функции да има јавни настапи заради сопствена промоција, за да биде забележан и да ги истакне своите идеи, визија, знаења, квалитети и досегашни успеси. Одговарајќи на прашањето дали очекува функција, поранешниот министер за внатрешни работи Гордана Јанкуловска во поткастот на кој се појави, одговори дека не очекува висока функција но ако партијата од неа побарала нешто да и помогне, ќе помогнала.
Во превод, тоа значи “сакам функција”. И тоа е во ред и е легитимно.
Но, не е легитимно да добиеш функција или некоја привилегија, не е легитимно да сакаш некому да се допаднеш, додвориш, наметнеш или да се препорачаш себеси користејки јавни клевети, навреди и лаги за друг човек, особено ако никогаш во животот на тој човек не си му изразил различно мислење и став, или спротивставување, ако тој ништо лошо не ти направил во животот, напротив секогаш ти бил од помош и со подршка.
Гордана Јанкуловска ја паметам од нејзиното прво вработување кога некаде во 2000 или 2001 година како министер за финансии лично ја интервјуирав за вработување во Министерството за финасии, за потоа во текот на нашата 15-16 годишна речиси непрекината соработка никогаш да не сме имале несогласувања или било какви расправии по било кое прашање.
Со други зборови се додека Јанкуловска гледала некаков интерес од соработката со мене, таа се најдобро говореше за мене насекаде каде ќе стигне.
Таа некое време по вработувањето во секторот за меѓународни финасии во Министерството за финасии премина во мојот кабинет.
Малку пред да заминеме во опозиција, на еден заеднички ручек со амбасадорот на Велика Британија во тоа време, тој ме замоли да му дадам препорака за една стипендија на некој од моите соработници.
Ја препорачав Гордана за стипендија за постдипломски студии на универзитет во Англија, од каде кога се врати, што се поклопи со мојот избор за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, со радост прифати да се вклучи во политиката и во ВМРО-ДПМНЕ, па стана шеф на мојот кабинет, потоа генерален секретар на партијата и министер за внатрешни работи непрекидно речиси цели 9 години, со што беше и со најдолг стаж на таа функција.
По превземањето на водството на МВР, за да нема двојство на висока партиска позиција и МВР како многу чувствителен ресор, по договор помеѓу нас таа се повлече од функцијата генерален секретар, но до крајот остана член на извршниот и централниот комитет на партијата, а како истакнат функционер беше и носител на листа во повеќе избори. И така 15-16 години…
На еден поткаст деновиве Јанкуловска изјавила за мене дека со доаѓањето и добивање политички азил во Унгарија не сум покажал доволно храброст да се соочам со предизвиците и дека сум заминал од земјата со кола како на одмор и тоа не можело да биде без некакво „прогледување низ прсти“ на високи политички структури во тоа време.
Во битката за докажување и себепромоција Јанкуловска кажала и дека не ги читала моите фб објави бидејќи биле како „лектири”. Ама затоа немаше проблем со најголемо внимание во минатото да ги чита, аплаудира и да ги прераскажува сите мои подолги интервјуа, говори, настапи и слично се додека имаше корист и интерес од тоа. Сега се пресметала дека користа за неа е ако каже дека веќе не ги чита, иако ги чита. И да сум и понудил сега таква функција немало да прифати да соработува со мене. Ќе прифати со уште поголем ентузијазам и ќе потскокнува од радост, но никој не нуди функции на луѓе со таков карактер, кога тој ќе се види каков е, а за тоа малку подолу“, напиша тој на Фејсбк.