ЉУБИША СТАНКОВИЌ
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, не пријавува дека некој, наводно, нудел милионски суми за поткуп, но за тоа обвинува од партиска говорница со што ризикува кривично да одговара
Кога пред десетина дена Специјалното јавно обвинителство најави нова кривична истрага наречен „Дизајн“ и кога меѓу осомничените го наведе и името на актуелниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, никако не ми одеше во глава каква врска може да имаат кинеските автобуси и изгледот на двокатните возила на ЈСП „Скопје“.
Зошто новата истрагата е наречена „Дизајн“ не соопштија ниту од СЈО, но како што тргнало современиот „израз“ на Јанушев повеќе е во корелација со законите кои се од сферата на кривичнот право, отколку со што било друго.
На страна обвинувањата упатени на адреса на Јанушев дека со незаконската набавка на кинески автобуси бил прекршен Законот за јавни набавки и дека за 202 двокатни автобуси државата платила пет милиони повеќе од понудата на бугарската компанија „Кинг Лонг“. Имено, проблемот кој се јавува, а повторно се однесува на Јанушев се новите милиони за кои лично тој зборуваше од партиската говорница. Токму Јанушев е тој кој, низ неколку промени ќе обвини дека на пратеници од неговата партија им биле нудени големи износи пари, па така, на еден пратеник ми биле понудени 250.000 евра, на друг милион, а на трет два милиона евра!
Големи суми и уште поголеми обвинувања! Јанушев кажа што кажа, а потоа застана во „одбрана“ за оние на кои што, наводно, им биле понудени милиони.
И да сакам да му верувам на Јанушев за понудите за поткуп во Собранието не можам, бидејќи од него не слушнав дали поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, на два пати поништил јавна набавка, само за да биде избрана фирмата „Јутонг“, а тој, како член на Комисијата за јавни набавки – молчел!
Ако на момент заборавиме дека безмалку сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ негираа притисоци и (обиди за) поткуп и дека за искажаните обвинувања лично премиерот Зоран Заев се закани со тужби, пак ќе остане отворено прашањето зошто Игор Јанушев своите сознанија за поткуп не ги пријавил во Министерството за внатрешни работи, туку за такви сериозни работи зборува од партиска говорница?
Можеби Јанушев не знаел, но некој требало да му каже дека тоа што го зборува се сериозни работи и дека за примање-давање поткуп се оди во затвор! Некој нему морал да му каже дека за кривично дело примање поткуп е предвидена затворска казна од четири до 10 години затвор, ама и тоа дека за давање поткуп се оди во затвор, иако за ова дело казните се нешто помали.
Конечно, Јанушев треба да знае дека освен што ќе мора да докажува нешто, за што ќе биде тужен со приватна тужба, може да се соочи и со кривичен прогон поради тоа што, наводно, знаел, а не пријавил кривично дело и дека за тоа е предвидена затворска казна од три месеци до три години, ама и тоа дека за лажно пријавување се оди во затвор!