Три земји во регионот имаат поевтин киловат-час струја од Македонија. Македонија ќе избира нов универзален снабдувач. Над 50 отсто од крајната сума во сметките е за пренос, дистрибуција, ДДВ, комунално осветлување
НАТАША ХАЏИСПИРКОВА СТЕФОВСКА
Од средината на идната година домаќинствата во земјава може да добијат нов снабдувач со струја. Владата веќе го распиша огласот, a заинтересираните компании требаa да достават понуди до 12 јануари 2024 година.
Досега е извесно дека на огласот ќе се јави „ЕВН хоум“, компанијата што и во моментов е универзален снабдувач. Учество најави и „ЕСМ продажба“, компанија што е дел од државното електростопанство, а според нашите информации во трката ќе влезе и компанијата за трговија со струја ЕДС. Таа е фирма ќерка на грчката државна компанија за производство на енергија ППС. Наводно, и други грчки компании се заинтересирани за влез во овој сектор во земјава.
Но, пред да дојде време за евентуална смена на универзалниот снабдувач, домаќинствата ќе добијат нова цена на струјата. Таа ќе важи од 1 јануари. Според пресметките на енергетските компании, зголемувањето на цената треба да изнесува околу 27 отсто, а колку реално ќе поскапи струјата ќе одлучи Регулаторната комисија за енергетика.
Друга новина е што во наредниот период ќе биде воведена и нова давачка – пристап до мрежа. Сè уште не е утврдено колку ќе изнесува, а се калкулира сума од 50 до 250 денари. Според власта, новата давачка ќе ја намали мрежарината за 20 отсто, а ќе ја плаќаат само тие што имаат по повеќе станови или куќи.
Колку давачки има во сметката за струја?
Во сегашните сметки за струја, освен надомест за потрошена електрична енергија, има и надомест за пренос и дистрибуција, ДДВ и комунална такса за јавно осветлување.
Ставката за пренос и дистрибуција изнесува речиси колку и надоместокот за потрошена струја.
Според калкулаторот на Регулаторната комисија за енергетика, за потрошени 400 киловат-часа струја, од нив 100 во скапа 300 во евтина тарифа, домаќинството има 846 денари за потрошената енергија, а 1.049 денари за пренос и дистрибуција. Таксата за комунално осветлување е фиксна, изнесува 184 денари. Последната ставка, ДДВ, изнесува 18 отсто и во овој случај чини 341 денар. Вкупната сметка за струја изнесува 2.420 денари.
Во сметките за струја уште стои и дека Владата субвенционира 91,5 отсто од сметките.
Користејќи ги калкулаторите за пресметка на сметките за струја на овластени институции во регионот, ги видовме и преостанатите давачки што влегуваат во крајната пресметка.
Хрватска е земја со поскап киловат-час од Македонија и има многу повеќе давачки во сметката. Формиравме сметка со истите параметри како и за земјава – потрошени 400 киловати, 100 во скапа и 300 во евтина тарифа. Го користевме калкулаторот на државната компанија ХЕП. Крајната сметка изгледа вака:
Струја 18,49 евра
Пренос 3,72 евра
Дистрибуција 8,23 евра
Снабдување 0,98 евра
Мерно место 1,54 евра
ОИЕ 5,57 евра
ДДВ 13 отсто
Вкупно 43,54 евра (четири евра повеќе споредено со Македонија)
Хрватска има вкупно седум компании што се снабдувачи со струја. Споредбата на цените покажува мали разлики.
Босна и Херцеговина е земја со поевтин киловат од Македонија, а за потрошени 400 киловати како во претходните случаи, според калкулаторот на државното електростопанство сметката изнесува 55,38 конвертибилни марки или 28,3 евра, односно над десет евра помалку споредено со земјава.
Крајните сметки за струја во Србија се на исто ниво како во земјава. Или за 400 киловати околу 40 евра месечно.
Словенија има најскап киловат-час електрична енергија од споредуваните земји, а до крајот на 2024 година цените ќе останат регулирани, но од јули и таму се воведува нов начин на пресметка на мрежарина, со кој на некој начин ќе се воведат пенали за користење струја во одредени делови од денот. Словенечкиот пазар е целосно либерализиран и има пет компании што имаат лиценци за снабдувачи. Во крајната сметка, 30 отсто од сумата е за потрошената струја, остатокот се давачки за мрежарина, за обновливи извори на енергија и за трошарина.
(Блумбеерг Адрија)