Во белградските кругови крајот на Првата светска војна – доцниот ноември 1918 година – може да се одбележува и како почеток на југсловенскста држава. Белградската историчарка,а вторка на кмнигата „Југословенското наследство и политиките на иднината во постјугословенските општества“ смета дека вистинскиот роденден на Југославија започнува на 29 ноември 1943 година
ТАЊА ПЕТРОВИЌ
Во октомври 2011 година во Белград почина Радомир Константиновиќ, книжевник и филозоф, доследен борец против национализмот и еден од најактивните членови на Независното здружение на југословенски писатели, кои кон крајот на осумдесеттите години се обидуваа да му се спротистават на надоаѓачкото националистичко лудило. Уште еден ангажиран член на здружението, писателот Павле Угринов, во својот дневник наведува дека Константиновиќ, бидејќи ги прочитал документите за основачкото собрание на здружението, се спротиставил на тоа што во нив Југославија се третира исклучиво како географски поим и подвлекол дека „Југославија за нас е нешто повеќе, и нешто подлабоко, и нешто не само објективно туку и лично, па не би требало да се сведува на географски поим“.
Во годината на смртта на Константиновиќ се навршија две децении од распадот на Југославија. Веќе толку долго Југославија повеќе не е (ни) географски поим, но се чини дека прашањето како да се размислува за неа сè повеќе добива на значење.
Како наднационална политичка творба, Југославија има прецизен датум на формирање и, макар што времето на нејзиното настанување може да се утврдува по различни критериуми, денес таа е недвосмислен дел од минатото и историски факт. Иако држава под името Југославија постоела и пред Втората светска војна и по 1991 година, денес името Југославија, доколку не е маркирано со друга одредница, најчесто се однесува на социјалистичката федеративна држава која настанала во 1943 и исчезна во 1991 година.
Како објект на историјата Југославија подлежи на типични процеси на историзација: станува предмет на историографски прегледи и научни анализи и се сместува во музејските архиви и на изложби. Поради начинот на кој државата се распадна, академската литература која се занимава со „смртта“ на Југославија е многу пообемна од онаа која се занимава со нејзинот „живот“. Кога се во прашање и „животот“ и „смртта“ на Југославија, вниманието на истражувачите првенствено е посветено на политичките и институционалните аспекти на функционирање на државата и/или нејзиниот колапс, додека искуството од секојдневниот живот и популарната култура се теми кои се појавуваат ретко и дури во последно време.
Музејските изложби и наративи за Југославија како конкретни и, што е уште поважно, завршени историски случувања, се обликуваат по правило низ праксата карактеристична за „авторизираниот дискурс на културното наследство“ (термин преземен од критиката на културното наследство на Лауријана Смит) и припаѓаат на парадигмата во која низ собирање и изложување артефакти уште поизразено се истакнува нејзиното недвосмислено природно минато.
Со историзацијата на Југославија, нејзиното сведување на историски факт, дефиниран низ временски распон ограничен со почеток и крај, Југославија се вклучува во линеарен, историографски или музејски наратив. Како што се случува со други музејски наративи, како наративите за модернизација и индустријализација, историзација и музеализација, приказната за Југославија се „смирува“, се потиснува во завршеното и недвосмислено минато со што и’ се одзема секоја можност за интервенција во сегашноста.
Сведувањето на приказната за Југославија на збир податоци, предмети и документи би требало да ни пружи дистанцирана и објективна слика за тоа што значело да се живее во Југославија, а притоа се игнорира фактот дека цела генерација граѓани на просторот на поранешна Југославија се дел од тоа проживеано искуство. Генерациите на поранешни Југословени така и самите стануваат објект на минатото – ним (во врска со сераспространетата „тоталитарна парадигма“ според која социјалистичките субјекти не можат да бидат легитимни политички актери во иднина, бидејќи доброволно или без многу размислување се подредиле на тоталитарниот систем) практично им се одзема можноста за преговарање за сегашноста и иднината од позиција која сериозно би го земала предвид нивното социјалистичко искуство. И споменатите малубројни истражувања на секојдневниот живот во Југославија често учествуваат во „заклучувањето во минатото“ на постсоцијалистичкиот субјект, на што предупредува словенечкиот филозоф Гал Кирн, наведувајќи дека тие истражувања често имаат за цел „потврдување на тезата дека дури и за време на социјализмот луѓето живееле нормални животи. Тоа потврдување можеме да го збиеме во една реченица: сега, кога периодот на социјализмот засекогаш измина, можеме барем да тврдиме дека луѓето тогаш живееле достојни, односно нормални животи. И тие биле само луѓе“.
Кога последиците од историзацијата на Југославија ќе се постават во контекст на симболичната географија на современа Европа, до израз доаѓа веќе познатиот механизам на легитимизација на колонијалните односи и пракси со помош на алохронизам, претстава според која другите живеат во друго време: „меѓународната заедница“ поранешните Југославени ги гледа како несамостојни и недораснати политички субјекти, што отвора пат за примена на експеримент и увезени модели во обликување на нивните општествени реалности и иднини. Притоа, во целост се игнорираат личните и колективните желби, афинитети, идеи и сништа кои граѓаните на просторот на поранешна Југославија ги носат како багаж од минатото.
(продолжува)