ТАЊА ПЕТРОВИЌ
Ефикасен начин југословенското искуство да се исклучи од преговорите за сегашноста и иднината е неговата тривијализација, ритуализација и комодификација, приклучување во „индустријата на комунистичкото искуство“. Основната премиса на оваа постапка е деполитизацијата на тоа искуство и на праксата на сеќавање
Во редефинирање на односот помеѓу општествата на поранешна Југославија низ процесот на „европеизација“, игнорирањето на минатото произведува сличен колонизациски ефект. Колонијалниот однос на „европска Словенија“ кон остатокот на поранешна Југославија се гледа како во конкретните државни и инситуционални политики (да речеме, во случајот со сезонските работници), така и на ниво на продукцијата на знаење.
Претставата за Србија во Словенија се сведува на стереотип за хедонистички рај, земја на ирационалните, насилните и темпераментни луѓе со лежерен однос кон времето и работата. Српската културна продукција, која наоѓа пат до словенечката публика, е ограничена на филмовите на Емир Кустурица и Срѓан Драгоевиќ, трубачки оркестри и турбо фолк – на она врз што се одржува сликата за Србија како општество од друго време. За различните, рефлективни гласови од Србија, критичките литерарни дела на младите поколенија српски писатели и за алтернативната музичка сцена – за сето она што таквата Србија би ја довела во прашање, нема место ниту претерано интересирање.
Тоа бришење, сеприсутно во институционализираните пракси на историски ревизионизам, се доживува како неопходно дури и кога се во прашање и просторите кои во периодот на социјализмот претставувале точки на алтернативното и космополитското, како белградскиот Дом на младите, каде за време на реновирањето од мермерните плочки покрај влезот е избришан податокот дека е изграден со подршка на Јосип Броз Тито, а Pogon Doma omladine е преименуван во Sala Amerikana.
ЈУГОСЛАВИЈА КАКО ИСКУСТВО И КАКО СЕЌАВАЊЕ Уште еден ефикасен начин југословенското искуство да се исклучи од преговорите за сегашноста и иднината е неговата тривијализација, ритуализација и комодификација, приклучување во „индустријата на комунистичкото искуство“. Основната премиса на оваа постапка е деполитизацијата на тоа искуство и на праксата на сеќавање: тие се ограничуваат на сферата на приватното, личното и сентименталното или, пак, се сведуваат на објекти за масовна популарна култура и потрошувачка.
Сведувањето на југословенското искуство на деполитизирана приказна, на тривијални сентименти, кичести збирки на предмети од периодот на социјализмот и на бизарните комеморијални пракси го утврдува разбирањето на афектите и емоциите како пречки за легитимно политичко делување. Постсоцијалистичките субјекти, кои на своето минато му пристапуваат со големо емоционално вложување, се претставуваат како неспособни или незаинтересирани за артикулација на релевантни пораки и барања, а нивниот обид југословенското искуство да го вградат во политичката иднина се отфрла како сентиментална, опсесивна и непродуктивна насоченост кон минатото. Меѓутоа, наспроти популарните категоризации, емоциите не претставуваат спротивност на рационалното, ниту пречка за политичко дејствување: како што истакнува Хју Рафлс, „односите, знаењето и праксата не се одредени само со општествените моќи и дискурси, туку и со емоциите. Тоа нè предупредува на фактот дека емоциите се, иако променливи, исто така и сеприсутни, и како такви постојано одново ја одредуваат рационалноста“.
Исто како и „ објективните“ наративи за Југославија како историски факт, и ваквите пристапи „ги заклучуваат“ носителите на југословенското искуство во минатото од кое не е возможна никаква легитимна интервенција во сегашноста и автономен пристап до сопствената иднина. Со тоа, како што истакнува Гал Кирн, се „блокира секоја еманципациска политика, секоја критичка расправа и политичко дејствување кое би било насочено кон барање вистинска алтернатива на сегашната конјуктура на капиталократијата“. Ништо помалку важно, со преговарањето за сегашноста и иднината се исклучува афективниот импулс заснован на различни облици на сеќавање на социјализмот и на видовите на југословенското искуство – а без тој импулс минатото може да се опише само со свршени глаголски облици – тоа се праќа во историјата, станува дел од ладниот, линеарен историски наратив и му се одзема движечката сила и можноста да интервенира во сегашноста и да влијае на создавање различни и прифатливи визии за иднината. Токму поради капацитетот да интервенира во сегашноста, да „вознемирува“ и да создава пукнатини во нормализираните наративи, инсистирам на тоа дека југоносталгијата како специфична конфигурација на афекти и емоции навистина е продуктивна аналитичка категорија и важен начин на мобилизација на социјалистичкото наследство во политичките преговарања за сегашноста и иднината. Впрочем, како и другите облици на носталгија – така Елизабет Блекмар пишува за вознемирувачкиот потенцијал на носталгијата која произлегува од фотографиите на индустриските урнатини во САД.
Југославија како утопија
На спротивниот пол на пристапувањето на Југославија како историски факт стојат интерпретациите за повикување на југословенското искуство во кое се отфрла релевантноста на историската подлогаНа спротивниот пол на пристапувањето на Југославија како историски факт стојат интерпретациите за повикување на југословенското искуство во кое се отфрла релевантноста на историската подлога. Во нив инсистирањето на социјалистичкото минато се разбира не како жал за изгубеното минато, туку како повикување на минато кое никогаш не постоело, односно како утопија. Бред Лухар и Маруш Пушник истакнуваат дека југоносталгијата, всушност, е „проекција на утопистичкото минато кон иднината во посткапиталистичките општества настанати од Југославија. Она што се нарекува југоносталгија е пренесување на утопијата – идеално општествено уредување, благосостојба и успех, ред и сигурност – кон секојдневието и несигурноста на денешните животни услови“. Според нивното мислење, таквата југоносталгија „може да понуди утеха низ утописка визија на стабилност, правда и сигурност позајмена од фантазијата за минатите социјалистички светови“.
Проблемот на толкувањето на југоносталгијата како утопија лежи во тоа што го игнорира искуствениот, проживеан аспект на ова минато – југословенското искуство за генерации Југословени сè уште е важен дел од личните биографии. Ним на тој начин им се ускратува можноста да се повикаат на оние аспекти од тоа искуство кои сакаат да ги истакнат не како замислена, туку како доживеана алтернатива на денешните општествени односи и преовладувачки вредности. И во овие интерпретативни рамки граѓаните на општествата на просторот на поранешна Југославија се претставуваат како неспособни да дејствуваат како легитимен политички субјект, да ги разликуваат фантазијата од „објективното минато“, проживеаното од измисленото.