Историчарката Марија Тодорова, истакнувајќи дека „преовладувачкиот идеолошки третман сака да нè убеди дека сето тоа доаѓало во пакет: не можеш да имаш постојана работа без рестрикции, мир помеѓу различните етнички групи без присилна хомогенизација, или бесплатна здравствена заштита без тоталитаризам. И бидејќи по таквата интерпретација не можеш да го сакаш делот, а да не ја сакаш целината, секое позитивно споменување на социјалитичкото минато станува идеолошки сомнително
ТАЊА ПЕТРОВИЌ
Акцентот на идеализација на југословенското минато, на неговото оддалечување од проживеаното и изедначувањето со фантазија, имаат ефект споредлив со тотализирачкиот ефект на „тоталитарната парадигма“ на разбирање на сеќавањето на социјализмот за која говори историчарката Марија Тодорова, истакнувајќи дека „преовладувачкиот идеолошки третман сака да нè убеди дека сето тоа доаѓало во пакет: не можеш да имаш постојана работа без рестрикции, мир помеѓу различните етнички групи без присилна хомогенизација, или бесплатна здравствена заштита без тоталитаризам. И бидејќи по таквата интерпретација не можеш да го сакаш делот, а да не ја сакаш целината, секое позитивно споменување на социјалитичкото минато станува идеолошки сомнително“.
Така и порананешните Југословени не можат да укажат на мошне конкретните позитивни аспекти на југословенскиот социјализам за кои зборуваат со полно емоционално вложување и врз основа на сопственото искуство, а да не бидат обвинети за идеолошко слепило, идеализирање на тоталитарното минато или за желба за враќање на социјализмот. Таквиот пристап го отфрла значењето и потенцијалот на интимното знаење како важна социјална категорија: значењето засновано на личното искуство и на минатото како простор на интимноста (сфатен широко, како простор на емоцијата и афектот) има значајна улога во политичките преговарања на различни општествени нивоа.
Без оглед на ова, толкувањето на утопијата како опачина на југоносталгијата заслужува посебно внимание затоа што низ него се воспоставува директната врска помеѓу југословенското минато и иднина.
Сфаќањето на југоносталгијата како утопија носталгијата ја признава како движечка сила и можност таа да биде орудие за еманципација; според зборовите на Митја Великоња, таа не служи само за „лижење на старите рани, туку предизвикува пукнатини во она што сега доминира“. Инсистирањето на одредени аспекти и значења на југословенското минато, кои како такви во времето на социјализмот не биле нужно присутни или релевантни, на граѓаните во општествата на просторот на поранешна Југославија им дава не само глас за отпор против доминантните вредности и општествените односи, туку и можност за обликување на алтернативни визии, односи и наративи. А таа можност денес, во време на нормализираните и нормативни дискурси и хегемонски односи на моќ е од суштинско значење. Југословените, етноним кој во време на Југославија претставуваше неутрално, немаркирано одредување за нејзините граѓани, денес станува не само навреда која (во пакет со „југоносталгичарите“) националистичките елити ќе им ја препишат на своите противници, туку и средство со чија реапропријација граѓаните создаваат алтернатива на преовладувачкиот националистички и провинцијален модел на идентификација во постјугословенските светови.
Драган Марковина, професор на сплитскиот универзитет, му порачува на градоначалникот Жељко Керум, за кого урбаните Југословени се најголемите противници и, се разбира, најголемите непријатели на Хрватска, дека „урбаните Југословени навистина постојат и се насекаде околу Вас. Постојат во културното сфаќање, во саморазбирливата комуникација, во идентичните обрасци на растењето и општествената реалност, но пред сè, постојат во заедничките соништа за поправедно и поубаво живеење на сите нас заедно на овие несреќни простори од поранешната држава. Тука ви се тие, каде и да го свртите погледот, само немој да се грижите. Нема страв од загрозување. Тие, имено, се тоа што вие и таквите како вас, никогаш нема да бидете“.
Југословените, понатаму, не се „спорен остаток на минатото“, туку општествени актери кои бараат друга визија за иднината. Ваквата идентификација не е само акт на интимно препознавање на сличноста – тоа е ариткулирано политичко дејствување, за кое беше свесен и политичкиот естаблишмент во Србија кој на граѓаните на пописот 2011 година им ја скрати можноста да се изјаснат како Југословени, иако според пописот од 2002 година во Србија имало 80.721 Југословени.`
(продолжува)