Само оние кои е изјаснија дека не прифаќаат амнестија и нема да ја бараат за себе се сигурни „муштерии“ на судот во врска со процесот околу 27 април. Другите ќе имаат можност да бидат амнестирани и пред да заврши доказната постапка!
Тие што по закон мора да бидат амнестирани ќе бидат амнестирани, а постапките ќе си продолжат за оние кои нема да потпаднат под овој закон, рече деновиве обвинителката Вилма Русковска ,која посочи и дека е незадоволна од Законот за амнестија. Обвинетите Игор Југ и Јане Ченто велат дека нема да бараат амнестија.
„Како обвинител кој вложи многу труд во овој предмет не сум задоволна од Законот за амнестија“ изјави обвинителката Вилма Русковска по последното судско рочиште за предметот за насилството во Собранието на 27 април. Таа посочи дека преквалификација нема да има за тие обвинети што не се опфатени со амнестијата, затоа што таа не важи за целото кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, а како ќе стигнуваат барањата за амнестија така и поединечно ќе се одлучува за истите.
„Во законот е предвидено дека одлуката ќе ја донесе судот откако обвинителството ќе се изјасни за тоа. Тоа е добро што е така, затоа што е многу подобро тоа отколку комисија да формираа во Собранието, па амнестијата да ја одредуваа тие за кого да важи а за кого да не важи. Сепак обвинителот најдобро го знае предметот а и судот кога ќе се комплетира доказната постапка“ вели Русковска.
Таа додава дека законот не е до крај прецизен и дека за детали ќе се консултира со државниот јавен обвинител и колегите од обвинителството. При одлучувањето ќе се земат предвид сите докази предложени и од обвинителството и од одбраната, а конечниот збор ќе го има судот, вели Русковска.
На новинарското прашање дали дел од обвинетите можат да се товарат за „здружување заради непријателско дејствување“, дело за кое е осомничен и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски а кое не подлежи на амнестија, рече дека за тоа дополнително ќе одлучуваат заедно со државниот јавен обвинител.
„Ако некој е организатор, тој одговара и за делата кои ги сториле тие што тој ги организирал, значи може евентуално некој дополнително да биде обвинет за „здружување за непријателска дејност“ а сепак да му остане и кривичното дело „ терористичко загрозување на уставен поредок и безбедност“, вели Русковска.
Во однос на организаторите на насилствата од „крвавиот четврток, Русковска изјави дека во обвинителството се води предистражна постапка и дека потоа таа ќе треба да донесе наредба за истрага која ќе може да трае до 6 месеци, по што евентуално би следело и обвинение.
Во судот обвинетите Игор Југ и Јане Ченто рекоа дека нема да бараат амнестија и дека бараат судот да им суди, а не политичарите. Ченто во своето обраќање посочи дека сака правда и дека е точно дека влегле во Собранието понесени од емоции, но дека секој треба да одговара за постапките внатре. Југ се надоврза со став дека не го признава селективниот закон за амнестија и дека нема да дозволи како што вели, да биде монета за поткусурување.
Рочиштето по една пауза беше одложено затоа што одбраната на обвинетиот Митко Чавков бараше дополнително време за разгледување на доказите кои беа декласифицирани и доставени од МВР за предметот. Во однос на барањето на обвинетиот Александар Василевски Нинџа, судијката Кацарска рече дека судот не може да ги прифати снимените 115 разговори, кои ги понуди како докази, затоа што се незаконски снимени.
Иако се` уште не е во сила, јавноста реагира за содржината на законското решение, намената и целта на амнестијата
За поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски, амнестијата сама по себе е судир со правдата и станува збор за политички, а не правен чин.
Тој смета дека политиката одамна е влезена во правото и со тоа се изместени нормите.
Сепак, според Ивановски, во овој случај станува збор за повисока цел.
„Јас како правник не ја прифаќам амнестијата, но, како човек да. Станува збор за изнуден чекор поради кој ќе се црвенеат и правници и судии и обвинители, но, подобро е да се голтне оваа кнедла и да се прифати за да се создадат услови за усвојување на уставните измени“, вели тој.
Според Ивановски, самиот закон за амнестија е нејасен, и има многу недоречености и слабости.
„Во конкретниот случај се` уште се водат постапки и не е утврдено кој е виновен а кој не. Очекував дека во законот ќе бидат прецизирани и конкретизирани делата, а не вака компромисно со опис. Погрешно е и што Обвинителството треба да даде мислење за индивидуалните барања за амнестија“, смета Ивановски.
Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев смета дека станува збор за решение кое ќе повлече правни последици и оти е спорно што во процесот се вклучуваат судот и Обвинителството.
„Претпочитав почисто решение на законот. Моделот на кој што се пристапи е оригинален. Јас не сум сретнал ваква амнестија. Особено е спорно што се вклучуваат и судовите и Обвинителството. Чудно решение, кое по моја проценка ќе влече правни последици. Се надевав дека дојде време во кое ќе се даде малку повеќе вредност на правото и на правната држава, а политичарите ќе ги тргнат рацете од правото“, изјави Калајџиев.
Вилма Русковска, шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и обвинител во процесот за 27-ми април, се` уште е воздржана од коментари околу законот за амнестија.
Судијката Добрила Кацарска, пак, која го води судскиот процес е со став дека законот е предвремено донесен.
„Има многу нејасни работи, ваков закон досега не сме имале. Според мене ни еден факт не е докажан додека не се докаже во постапка, а тоа е додека целосно не заврши судскиот процес. Во оваа фаза не требаше да се носи ваков закон и сметам дека е донесен предвреме“, изјави Кацарска.
Првиот човек на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) Катица Јанева нема коментар околу содржината на законот, но, додава дека тој нема никаква сличност со амнестијата која ја даде претседателот Иванов за обвинетите во случаите што ги води СЈО.
„Одлуката на Собранието да го усвои законот за амнестија со големо мнозинство е важен чекор кон помирување на општеството и за надминување на болната поларизација. ЕУ очекува усвоениот закон да не се меша во независноста на судството, кое самостојно треба да одлучи за тоа кој се бил вклучен во органиизрањето и извршувањето насилства, како и за тоа кој не ги исполнил своите службени обврски на 27-ми април“, стои во соопштението на портпаролката на ЕК Маја Коцијанчич.