Грција планира да ги отвори границите најпрвин за туристите од Кипар и Израел
ЈАНИС ПАПАДИМИТРИУ
Поранешниот грчки министер од ПАСОК и поранешен пратеник од истата партија, а подоцна и од Движење на промена, Димитрис Кремастинос, по 44 дена, ја загуби битката со новиот коронавирус и почина на 78 годишна возраст, јави дописничката на МИА од Атина. По професија кардиолог, Кремастинос беше личен лекар на основачот на ПАСОК Андреас Папандреу, но и министер за здравство и социјално осигурување во неговата влада во периодот од октомври 1993 година до јануари 1996 година. Беше пратеник во грчкиот Парламент 14 години, прво од редовите на ПАСОК, а потоа и од Движење на промена, додека пак од октомври 2015 до јули 2019 година беше во еден од потпретседателите на Парламентот. Оваа вест од петокот (8 мај) јасно покажува дека опасноста од од пандемијата се уште ја држи Грција под „своја власт“, што ги релативиза плановите на вчадтите кај јужниот сосед да започнат со делумно отворање на границите кон одредени земји.
Планот е да се воспостави таканречен корона коридор, дозволувајќи пристап на туристи до почетокот на јули. Грција размислува да ги отвори границите за граѓаните од најмалку две други држави, каде ситуацијата со КОВИД-19 е под контрола и дозволува заживување на туризмот.
Министерот за туризам Харис Теохарис, вели дека потегот би вклучувал воспоставување на таканаречен корона коридор меѓу Грција, Кипар и Израел, привлекувајќи туристи кои не сакаат да патуваат далеку во наредните месеци, дозволувајќи им пристап до островите на Егејското и Средоземното Море до почетокот на јули.
„Неколку детали допрва треба да се разработат“, рече Теохарис за Гласот на Америка, додавајќи дека Израел и Кипар се расположени за ова.
Ова план, вели тој, ќе им дозволи на луѓето да избегнат карантин или двонеделен период на изолација.
„Никој не сака да оди на одмор знаејќи дека ќе биде затворен“, објаснува Теохарис.
Европската комисија утре (13 мај), ќе објави препораки за туризам за време на коронавирусот. Дотогаш, неколку американски сојузни држави, како и Грција, преземаат мерки за регулирање на ситуацијата.
Јоргос Катикас ужива во сончевите пролетни денови и ладното нескафе во градината. Заедно со неговите родители имаат хотел во родниот град Ретимнон на островот Крит, уредни соби, блиску до плажа, без екстравагантност. На почетокот на мај веќе би требало да стасуваат резервациите за летото. Но, короната промени сѐ. „Уште размислувам дали се исплати летово воопшто да отвараме за туристи”, вели Катикас во разговор со ДВ. „Од денешна перспектива би рекол дека не треба”, додава тој. Од една страна поради ограничувањата едвај и да може да дојдат гости од странство. Од друга страна потребни би биле комплицирани хигиенски мерки, а никој точно не може да им каже кои. Но, во теорија сѐ е можно – на пример да се затвори просторијата за појадок или појадокот од хигиенски причини да се носи во собите. „Но, тогаш само за појадокот треба да вработувам нови луѓе и тоа не можам да си го дозволам”, вели сопственикот на хотелот. Веројатно Катикас ќе најде економски разумно решение, сепак е дипломиран економист. По неговите студии во Атина долго време работел како економски новинар за разни телевизии и печатени медиуми. Во 2012 на врвот на должничката криза која ги зафати и медиумите, Катикас се вратил на Кри
Тоа му се исплатело: „За туризмот 2012 беше катастрофална година, но од тогаш се движеше сѐ по нагорна линија и секое лето имавме нови рекордни бројки на туристи”, се радувал 45-годишниот соговорник. Особено северот на Крит профитирал од посетителите од Скандинавија кои веќе десет или петнаесет години се верни на островот како да си имаат своја вила таму, вели тој. Но, годинава короната на сите хотели им ги помати сметките.
Економски хотелот веќе и да нема смисла, се жали Александрос Ангелопулос, шеф на реномираниот ланец хотели Алдемар и генерален секретар на Здружението на хотелиери во Хераклион, главниот град на Крит.
Ангелопулос за ДВ вели дека пред сѐ луксузните хотели во Грција актуелно имаат огромен финансиски проблем. Причината: „Многу од нив преку зимата беа реновирани, работата е 90% завршена и мора да биде платена, а приходите на кои се надевавме изостануваат”.
Покрај тоа можни се и дополнителни трошоци за хигиенски мерки во време на корона кои Ангелопулос за луксузните хотели ги проценува на 2-3% од годишниот буџет. И потоа има и трет проблем: „ако сите хотели во Хераклион отворат и да речеме има 4 илјади слободни легла, но само една илјада посетители, ќе се најдеме пред ценовна војна која сите економски ќе нѐ руинира”.
Странски туристички агенции ќе притискаат произволно за намалување на цените, а тоа просто не смее да се дозволи. Се работи за ускладување на побарувачката и понудата, вели економистот. Со други зборови: „Разбирам дека агенциите си ја вршат својата работа, но и ние мораме да ја вршиме нашата”.
Додека ЕУ се обидува да изнајде заедничка стратегија за укинување на актуелните ограничувања за патување, Австрија сака да воведе невообичаен модел: одредени ЕУ земји членки да си ги отворат меѓусебните граници со билатерален договор, дури и ако ограничувањата за патување во Европа останат и во текот на летото, објаснува министерката за туризам Елизабет Костингер. Во Грција има различни реакции за ова. Лисандрос Цилидис, шеф на грчката Асоцијација на туристички агенции (ФЕДХАТТА) го критикува предлогот, кој според него го поткопува заедничкиот ЕУ пазар. „Во таков случај ние во туристичката бранша треба да се однесуваме како при натпреварот за песна за Евровизија и да претпочитаме пријателски држави,“ се жали со мала доза на иронија во едно телевизиско интервју. Од друга страна Ангелопулос е отворен кон австрискиот предлог и вели дека ионака е изгубено многу драгоцено време, како и дека ќе потрае додека земјите донесат заедничко прифатливо решение. Неговиот заклучок гласи: „Билатералните договори се најбрзиот и најсигурниот начин за нештата малку да се придвижат.” Сепак, главниот предуслов е вообичаените протоколи за чистење и хигиена да се применуваат за сите заинтересирани земји.
За Грците не се работи само за претстојната летна сезона. Со 24% од БДП туризмот е најголемиот економски мотор на земјата и даде значаен придонес Грција да ја преброди должничката криза и во 2018 успешно да се затвори спасувачката програма од ЕУ- партнерите. На туристичите острови како Крит и Родос во меѓувреме туризмот сочинува 80% од економијата. Менаџерот на хотелот, Ангелопулос предупредува дека ако пропадне туристичката сезона, ќе бидат загрозени до 900.000 работни места.
И Јоргос Катикас е загрижен за економската иднина на Грција. Економскиот новинар и татко на две деца, уште долго пред пандемијата си ја постави својата домашна канцеларија на Крит и редовно ги коментира берзанските движења за атинските медиуми. „Индексните движења на берзите ги следам онлајн, си ги одржувам контактите, немам никаков проблем,“ уверува економистот. И како хотелиер и како аналитичар, на прашањето дали грчкото стопанство може да преживее втора депресија во само неколку години, Катикас го дава истиот одговор: „Ќе биде многу, многу тешко..”