Претседателот на Еврокомисијатa не сака повеќе да ја види владејачката унгарска партија во редовите на конзервативната Европска народна партија. Вообичаено помирливиот Жан-Клод Јункер многу го разлути еден плакат на Фидес
СРЕЌКО МАТИЌ
Традиционалната Хрватска селанска партија (ХСС) сака да го напушти ЕПП, меѓу другото и поради Виктор Орбан. Официјалното образложение на ХСС за ваквиот чекор е долго само неколку редови, па сепак одлуката ја разбранува Европа.
„Кога се приклучивме кон Европската народна партија, беше тоа уверлива опција, но со текот на времето и оваа групација се промени”, се вели во изјавата на ХСС од 24-ти февруари, дадена по состанокот на проширениот извршен комитет на партијата.
Орбан во минатата недела започна кампања со плакати во Унгарија, напаѓајќи го претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, како наводен промотор на илегалната миграција. Плакатите на кои Јункер и американскиот милијардер Џорџ Сорос се прикажани со насмеани лица, предизвикаа бес во редовите на ЕПП и сѐ погласни станаа повиците за исклучување на десничарската унгарска владејачка партија Фидес од редовите на Европската народна партија.
Германската канцеларка Ангела Меркел која доѓа од редовите на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и шефот на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) Маркус Зедер за волја на вистината се дистанцираа од Орбан. Заедничката пратеничка група на овие две демохристијански партии во германскиот парламент дури го стави под прашање и натамошното членство на Фидес во во ЕПП. Но Меркел не сака до оди толку далеку. Таа само демонстративно го поддржа Јункер. Во ЕПП членуваат и ЦДУ и ЦСУ. А претседателот на пратеничката група на ЕПП во Европскиот парламент, Манфред Вебер (ЦСУ), би сакал по европските избори во мај да стане наследник на Јункер – по можност и со гласовите на Фидес.
Хрватската селанска партија сега сака да се оддели од „антиевропските и антицивилизациски политичари и партии во Европската народна партија”, изјави лидерот на партијата Крешо Бељак за Дојче Веле. Иако ја почитува позицијата на Меркел и Зедер, тој нема многу разбирање за тоа:
„Не разбирам зошто тие – како влијателни политичари во ЕПП – порешително не се дистанцираат од ксенофобијата на Виктор Орбан и нему сличните. Ние веќе не се гледаме во исто семејство со оние кои, како Орбан, се залагаат за назадна Европа“.
Сега Бељак со ХСС сака да бара нови партнери кои „водат поинаква политика во ЕУ: толерантна, за силна и за отворена Европа”. Сепак, сè уште е неизвесно дали ХСС повторно ќе обезбеди место во Европскиот парламент. Во актуелниов состав на ЕП партијата има еден пратеник.
ХСС, исто така, го оправда своето повлекување од ЕПП со фактот дека деловните луѓе блиски на Орбан купија медиуми во Хрватска, преку кои сега шират „омраза”. Таа, исто така, критикуваше и дека во ЕПП се слуша само гласот на најголемата хрватска граѓанска партија, владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ).
И ХДЗ со сигурност одигра важна улога во одлуката на ХСС да ја напушти ЕПП. Бељак го обвинува ХДЗ дека недоволно решително се бори за хрватските интереси во ЕУ и се профилира себеси како опозициски лидер и директен ривал на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ (ХДЗ).
Како пример тој за ДВ го наведува „мекиот курс“ на хрватското раководство кон српскиот претседател Александар Вучиќ, кого Бељак го нарекува „поранешен поддржувач на големосрпската и фашистичка политика” и млаката реакција на хрватските власти на неодамнешниот вербален испад на претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, со кој Далмација и Истра ги нарече италијански. Тајани, инаку, е член на партијата Форца Италија, која е членка на ЕПП. Српската напредна партија на Вучиќ, пак, е придружна членка на ЕПП
Одлуката на ХСС претставува преседан за ЕУ, вели загрепскиот политички аналитичар Жарко Пуховски: „ХСС на тој начин воспостави еден вид стандард во односот кон Орбан и неговата партија. ЕПП ќе мора да се соочи со тоа, дури и ако не ја исклучи Фидес од членството“.
На тој начин, Бељак го докажа своојот политички инстинкт. Акцијата на една релативно мала партија беше проследена со голем интерес низ цела Европа. Дали пак таа ќе има влијание врз целата ЕУ или не, Бељак не се осмелува да тврди: „Нашиот потег нема да ѝ наштети на големата ЕПП. Ние им посакуваме многу успех, но ние не сакаме да имаме никаква врска со оваа шарена екипа.”
Хрватската селанска партија е основана во 1904 година и беше најсилната политичка партија во Хрватска во првата половина на 20 век. ХСС во моментов има четири пратеници во хрватскиот парламент, кој брои 151 пратенички места.
Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер смета дека партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан би требало да ја напушти Европската народна партија (ЕПП).
Невообичаено остриот коментар Јункер го изнесе во германскиот град Штутгарт откако унгарската влада претстави нов плакат (насловна фотографија) со кој ги обвинува Јункер и американскиот филантроп со унгарско потекло Џорџ Сорос дека сакаат да ја преплават Унгарија со мигранти.
„Против лаги не можете да сторите многу“, изјави Јункер и додаде дека германскиот политичар Манфред Вебер, кој е избран за главен кандидат на Европската народна партија за претстојните избори за Европскиот парламент, би требало да се запраша дали му е потребен гласот на Фидес
Во редовите на ЕПП, во која се собрани европските демохристијански и партиите на десниот центар, сѐ погласни стануваат повиците за исклучување на Фидес, поради нејзината остра антимигрантска кампања.
Партијата на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан е силна во Унгарија, што значи дека ќе освои голем број пратенички места на изборите за Европскиот парламент во мај годинава. Нејзиното исклучување значително би ја ослабело Европската народна партија, која во актуелниот состав на Европарламентот има најголем број пратеници.