АЛЕКСАНДАР ЛИТОВСКИ
Отсекогаш, различни биле и различни се животите на луѓето, ама секогаш останувала иста љубовта кон слободата и кон сопствените деца, кон иднината.
Потврдувана е таа љубов од столетие во столетие со борба, пот и труд, а некогаш и со солзи и крв. Можеби најубаво и највпечатливо тоа е вградено во нашата македонска „Егејска барутна бајка“ (Славко Јаневски), Љубовта кон децата и слободната иднина, во времето на мракобесието на Граѓанската војна во Грција, на македонскиот народ му дала сила да го прави неможното, да јуриша кон сонцето, голорак да ги напаѓа тенковите и бајонетите на монархофашистите, да ги преживее и поробителите и предавниците. Очите на светот тогаш, го виделе пламенот на желбата за слобода, но и страдањето на беспомошните деца низ цела Грција и Егејска Македонија. Впрочем, да не заборавиме: со крвта на најдобрите и најдоблесните мажи, жени и деца е напишана вистината и историјата за Граѓанската војна.
Грамос и Вичо не се големи планини, не си ни Хималаи, ни Алпи, ама со своите врвови, отсекогаш, а и денес, разговараат со ѕвездите. И им глаголат за борците-праведници кои вкопани по сртовите на Грамос и Вичо, со невиден хероизам им се спротиставувале на напалм-бомбите, на авионите и тенковите, на далеку побројниот непријател. За тие македонски и грчки воини за честа, правдата и слободата, тие планини биле и татко и мајка во деновите на неизвесна и крвава борба и невеста во време на радосни моменти со песна, игра и слободен живот. Преполни се Грамос и Вичо со остри камења и густа папрат, а на сите нив има многу страдање, гордост и крв, што ги претвораат сончевите зраци во злато, во оној надвремен „златен отсјај“, кој низ столетијата го создавал вистинскиот Човек. Затоа, Грамос и Вичо никогаш не заборавиле и никогаш нема да заборават на колежите од оѕверените фашисти, на стенкањата од ранетите партизани и на пискотниците од сите оние жени, мажи и деца што секојдневно умирале од куршумите на приврзаниците на мракот и злото. Но, Грамос и Вичо нема да ги заборават ниту песната партизанска, ниту натчовечките напори за да се престорат во неосвоива тврдина, ниту гордоста со која исправено се дочекувала опасноста, ниту желбите за поубав живот, ниту шепотењата за една слободна Татковина.
Трагичната судбина на македонските и грчки партизани, на македонските и грчки деца, од сега веќе далечните 1948 и 1949 година, денес треба „перспективистички“ да се погледне преку еден Мишелфукоовски клуч, на тој начин да се разбере и дури потоа да се проговори за тој дел од нашето минато. Поинаку кажано, таа наша болна и жална историска епизода отвора можноста за видување на настаните од визура на поразените и настраданите. Имено, обично се вели дека историјата ја пишуваат победниците, но постои онаа „друга“ историја, историја која ја пишуваат поразените, оние кои својата разочараност и огорченост ги преточуваат во историски „факти“, онаа историја која е малку видлива и е под површината на јавноста. Во овој вид на историографија, историјата на поразените борци и протераните деца од Грција и Егејска Македонија воопшто не е помалку веродостојна и вредна од историјата за Граѓанската војна напишана на атинските и солунските универзитети. Всушност, може да се каже дека понекогаш „правата“ историја е токму онаа која ја пишуваат поразените, а дека „победничката“ историја е само фактографија на оние кои имаат моќ и власт во свои раце.
Постојат разни методи и средства за антифашистичка борба, но сосема сигурно, еден од начините на борба е сеќавањето, помнењето, историјата. Особено што македонската левица има прекрасна, херојска и епска, борбена антифашистичка традиција. Можеби јуришот кон сонцето преку Вичо и Грамос ги спржи илјадниците борци-херои и не донесе победа, но, во најмала рака, преку таа историја треба да се потсетат луѓето дека мирот и националната слобода се скапоцени придобивки и не смеат лесно да се изгубат, да се потсетат дека низ целиот дваесетти век херојската антифашистичка борба беше она што го спречи фашистичкото зло да го поклопи и завладее сиот свет, да се потсетат дека и денес е нужно да се спротистават, активно и борбено, на национализмот, шовинизмот, ксенофобијата, расизмот, милитаризмот и фашизмот, кои ако надвладеат светот ќе биде сведок на целосен и катаклизмичен „бродолом на цивилизацијата“ (Мирослав Грчев).
(Текстот е прилагодена верзија на јавно изречената реч по повод одбележувањето на 35-тата годишнина од формирањето на Републичкото здружение на децата-бегалци-Скопје и 71-та годишнина од завршувањето на Граѓанската војна во Грција, пред обновениот споменик во „Жена-парк“ во Скопје на 29. 09. 2020 година).