Затворањето на кино салите и зголемената доминација на услугите за стриминг им го одзеде сјајот на Oскарите
Џорџ Бредли порано беше обожавател на оскарите. 28-годишниот Британец, кој сега живее во Сан Диего, би останал до доцна за да го следи преносот во живо. Иако сега е во вистинската временска зона, тој едноставно не е заинтересиран, а тоа се должи пред се на пандемијата.
„Зголемената доминација на услугите за стриминг им го одзеде сјајот на оскарите. Едноставно, не го добивате истото чувство,” рече тој.
Без разлика дали гледате од љубов, или пак ги мразите или пак можеби сте се откажале како Бредли, ваквите и слични настани се променија со затворањето на театрите и настапите во живо. Но, падот на рејтингот за оскарите започна многу одамна пред коронавирусот.
Поголемиот дел од овој век, оскарите привлекуваа 35 до 45 милиони гледачи, честопати веднаш зад Суперболот. Минатата година, непосредно пред да се прогласи пандемијата, телевизиското шоу без водител на Еј Би Си ја забележа најмалку бројната публика досега, 23,6 милиони гледачи, што е за 20 проценти помалку од претходната година.
Златните глобуси во време на пандемијата, нешто повеќе од една година подоцна, паднаа на 6,9 милиони гледачи, што е за 64 проценти помалку од минатата година. Минатата година, малку пред пандемијата, шоуто имаше 18,4 милиони гледачи, според компанијата Нилсен.
Во март, продуцентите на Греми ја избегнаа непријатноста од користење на апликацијата „Зум” за други вакви или слични емисии и ги поставија како водители некои од најголемите sвезди во индустријата – но сето тоа без резултат. Телевизијата на Си Би Ес достигна 9,2 милиони гледачи, телевизиски и стриминг заедно, што е најмал рекорден број и пад од 51 процент од 2020-та година, рече Нилсен.
Како и другите настани на доделување награди, телевизиското емитување на Оскари беше потиснато назад поради ограничувањата околу пандемијата и безбедносните проблеми. Претставата беше одложена трипати претходно во историјата, но никогаш како досега. Организаторите минатиот јуни ги закажаа за 25-ти април, наспроти вообичаениот термин во февруари или почетокот на март.
Според поранешните фанови на шоуто, да гледате номинирани филмови на малите екрани или да барате услуги за стриминг на интернет е навистина чудно.
62-годишната Присила Висинтин од Сент Луис, Мисури, уживала во преносот на оскарите.
„Дефинитивно затворањето на театрите и кино салите го намали мојот интерес за манифестацијата оваа година. Немам никакво чувство и еуфорија“, рече таа.
Но, не сите се откажаа од своето омилено шоу. Во Ноксвил, Тенеси, 50-годишната Џенифер Рајс и нејзиниот 22-годишен син Џордан со години се натпреваруваа кој ќе изгледа што е можно повеќе номинирани филмови. Во изминатите години, тоа беше нивно „февруарско лудило“, рече таа и додаде дека сè уште ги чува документираните графикони за своите предвидувања.
„Другите две деца, на возраст од 25 и 19 години, немаат интерес за оскарите. Оскарите всушност нè поттикнуваа да гледаме филмови што можеби никогаш не сме ги одбрале. Оваа година не сум толку возбудена, но сепак се обидувам да ги изгледам сите номинирани филмови пред доделувањето на наградите”, додава таа.
55-годишниот Џон Никум од Лоренс, Канзас, предава сценарио на Државниот универзитет. Тој е режисер во одделот на филмското училиште и работел како филмски критичар. Тој и неговата сопруга организираат годишна забава за време на оскарите, со 30 гости, каде гостите можат да се обложуваат. Оваа година забавата ќе биде само за семејството поради пандемијата, но обложувањето ќе продолжи.
„Не сум пропуштил ниту едни ’Оскари’ 45 години. Ја гледам секоја минута од настанот на доделување награди”, рече Никум.
Според него, гледајќи ги сите врвни филмови дома на телевизор или компјутер е безначајно и жално.
Да се потсетиме дека церемонијата Оскарите 2021 година е одложена за два месеца поради пандемијата. Церемонијата требаше да се одржи на 28 февруари, но сега е турната се до 25 април.
„Повеќе од еден век, филмовите играа важна улога за да нè тешат, инспирираат и забавуваат во најтемните времиња“, рече Дејвид Рубин, претседател на Академијата и нејзиниот извршен директор Даун Хадсон.
„Тие сигурно ја имаат оваа година. Нашата надеж, во продолжување на периодот за подобност и датумот на доделување на нашите награди, е да обезбедиме флексибилност, режисерите што треба да ги завршат и објават своите филмови без да бидат казнети за нешто што е над никого.
„Оскарите што доаѓаат и отворањето на нашиот нов музеј ќе одбележат историски момент, собирајќи ги филмските фанови ширум светот да се обединат преку кино.
Претходно Оскарите беа одложени трипати – првиот беше поради поплавување на ЛА во 1938 година; вториот пат по атентатот на д-р Мартин Лутер Кинг јуниор во 1968 година; и трето по обидот за убиство на претседателот Роналд Реган во 1981 година.
Академијата исто така објави планови за подобрување на различноста на доделувањето на наградите со проширување на категоријата најдобар филм секогаш да вклучува 10 филмови за да се обезбеди застапеност на поширок спектар на гласови и наративи. Сепак, ова нема да се спроведе до 2022 година.
До церемонијата за доделување на „Оскарите“ ни преостанува уште еден месец, а не се знаат многу детали за тоа како ќе се одржува.
Во писмо до номинираните за „Оскар“ оваа година продуцентите на шоуто – Џеси Колинс, Стивен Содерберг и Стејси Шер – најавија дека нема да постои опција за вклучување преку „Зум“ за уметниците што ќе изберат да не присуствуваат или нема да сакаат да патуваат поради ситуацијата.
Земајќи примери од „Златните глобуси“ и „Еми“, каде што добитниците имале опција да ги примат наградите преку „Зум“, продуцентите изјавија дека ќе се потрудат да им обезбедат пријатна и безбедна вечер за сите, како и за сите милиони љубители на филмот низ светот.
– Сметаме дека виртуелната опција ќе ги намали овие напори – велат тие.
Исто така, продуцентите дадоа забелешка дека треба да се одржуваат многу кратки говори, така што шоуто не трае премногу долго.
Собирот ќе се карактеризира како интимен настан со физичко присуство и ќе се одржува во „Јунион стејшн“ во Лос Анџелес, со дополнителни елементи што ќе се одржуваат во живо во театарот „Долби“ во Холивуд.
Нагласувајќи ја пораката дека приказните се важни, продуцентите на телевизијата бараат секој кандидат да биде интервјуиран за секој да добие еднаква важност.
– Целта е да се потенцираат врските помеѓу сите ние што работиме во филмот и да покажеме дека процесот е уникатно интимен и забавен – велат продуцентите, но не беа споделени детали за тоа кој ќе ги интервјуира или кога ќе се прикажуваат тие интервјуа во текот на шоуто.
Вклучени се и деталите во врска со кодексот на облекување во вечерните часови, чија цел е да биде спој на инспиративно и аспиративно, што со други зборови значи дека формалното е сосема во ред, но кежуал-варијанта не би била во ред.
Номинациите објавени на 15 март беа најразновидни и најинклузивни во 93-годишната историја на „Оскарите“. Две режисерки (Клои Жао „Номадска земја“ и Емералд Фенел „Ветувачка млада жена“) беа номинирани во категоријата најдобар режисер, а нивните филмови добија номинации и за најдобар филм.