Што пишуваше амбасадорот Хил во своите мемоари за тој настан во своите мемоари

Поранешниот премиер на Македонија, Љупчо Георгиевски, во интервју за Лајм откри до сега непознати детали за инцидентот со палењето на Американската амбасада во Скопје во 1999 година. Според Георгиевски, тогашната институција имала на располагање конкретни докази против 40 лица, вклучувајќи фотографии, видеоснимки направени на местото на настанот.
Оваа изјава фрла ново светло на дел од инцидентните дипломатски настани од крајот на XX в. во Македонија и покренува прашања за тоа дали институциите тогаш биле подложни на политички, идеолошки и други влијанија. Палењето на Американската амбасада се случи во време на силни геополитичке тензии поврзани со кризата на Косово и интервенцијата на НАТО во поранешна Југославија. Насилството кулминираша со напади врз странске дипломатске објекте.
Изјавата на Георгиевски предизвика реакција на социјалните мрежи и барање на одговорност на тогашните носители на обвинителска и судска функција. Засега од институциите нема официјален коментар по повод обвинувањата.
Тогаш актуелниот амбасадор во Скопје Кристофер Хил, кој беше воедно и првиот американски амбасадор во Македонија, а потоа служеше и во Полска, Јужна Кореја и Ирак, значителен простор во своите сеќевања посветуваат на воената 1999 година во Косово, како и на палењето на Американската амбасада во Скопје. Книгата насловена како Упориште – живот поминат на бојното поле на американската дипломатија, веќе беше објавена во САД.
Кристофер Хил стана американски амбасадор во Македонија во јуни 1996 година, по претходен договор меѓу Ричард Холбрук и претседателот Киро Глигоров, како дел од потпишувањето на Рамковниот договор. Во своите мемоари, Хил вели дека грчкото лоби во САД не вршело голем притисок да се спречи именувањето на амбасадор во Македонија, но дека сепак републиканскиот сенатор Мич Меконел го блокирал неговото именување, протестирајќи против испраќањето американски мировни сили под знамето на Обединетите нации.

– Во тоа време мојот татко беше во болница во Масачусетс, во тешка состојба поради рак на панкреасот. Сакав да види дека неговиот син станал амбасадор пред да почине, но не знаев колку долго Меконел ќе го блокира моето именување. Со целото семејство бевме во небрано, половина од работите ни беа спакувани, а ние не знаевме кога и дали воопшто ќе одиме во Македонија. Како што ми кажа една од ќерките: „тато, те сакам, ама ми го упропасти животот”, пишува Хил. По неколку недели сенаторот Меконел сепак дозволил САД да го испратат својот прв амбасадор во Македонија.
За мировните преговори во Рамбује, амбасадорот Хил вели дека биле вложени вонредни напори да се убедат косовските претставници да го прифатат предложениот договор, бидејќи во спротивно воздушните напади врз Србија би биле невозможни. Според Хил, Ветон Сурои е косовскиот политичар кој единствен се одважил да го прифати договорот во име на целата косовска делегација, отворајќи пат за воздушните нападите, откако веќе српската страна го одби предлогот. Во меѓувреме, состојбата на теренот на Косово ескалира, со се почести пресметки и вести за масакри на цивили, и по последен обид на Холбрук и Хил за договор со Милошевиќ, воздушните напади на САД и другите НАТО земји врз Србија почнаа на 23 март.
Хил вели дека на денот на палењето на Амбасадата, 25 март 1999 година, немало никакви знаци дека се подготвуваат протести, освен мала група студенти кои ја пееле “Give Peace a Chance” пред Aмбасадата, и не го препознале амбасадорот додека тој протрчал покрај нив на својата утринска прошетка. Во меѓувреме, вели Хил, Скопје беше преплавено со портокалови џипови на набљудувачката мисија на ОБСЕ, вратени од Косово и сконцентрирани околу хотелот Александар Палас, во непосредна близина на Aмбасадата.
– Како набљудувачи на спортски настан, сите се туркаа преку малиот скопски аеродром за да седнат на трибините. Странските известувачи, кои беа навикнати на состојбата во Босна, сега им доделуваа улоги на завојуваните страни: Србите си се Срби. Албанците се новите Босанци. Македонците можеби се нешто како Хрватите?, пишува Хил, опишувајќи ги и првичните тензии меѓу набљудувачката мисија и другите дојденци, и Македонците, припишувајќи го тоа на тековниот спор со Грција и внатрешните меѓуетнички тензии.
Амбасадорот инсистира дека се крајно нефер коментарите дека Македонија, на некој начин, ја поддржувала политиката на Милошевиќ, и вели дека протестите во земјата се должеле на загриженоста од доаѓањето на војната.
– До раното попладне, малата група распеани студенти се повлече, а ја замени доста поголема група која не беше заинтересирана да пее, туку да фрла јајца преку оградата. Заедно со јајцата ќе долеташе и по некој камен. Главен проблем беше што македонската Влада не обезбеди поголемо полициско присуство. Автобусите со демонстранти се истоваруваа кај хотелот Александар Палас, но кога ќе го видеа застрашувачкиот полициски кордон таму, се вртеа назад, и одеа надолу по Илинденска кон Aмбасадата, пишува Хил.
Околу 17.15 часот прозорците почнале да попуштаат под налетот на камењата, а поради отсуството на полицијата, службеникот Чарлс Стоунцифер, кој бил задолжен да бара поголема заштита од полицијата, препорачал дека е време да се искористат специјално подготвените простории во подрумот на Aмбасадата, бидејќи влегувањето на демонстрантите во Aмбасадата е само прашање на време.
– Им наредив на сите вработени да се симнат внатре, лично проверувајќи ги собите да не заборавиме некого. Имаше вкупно 42 лица, повеќето Македонци вработени во Aмбасадата. Дотогаш веќе влезната порта беше урната, а толпата беше во дворот на Aмбасадата. Сцената беше ужасна, демонстрантите ги палеа нашите возила. Видов еден демонстрант, не многу млад, со долга волнена наметка, како зема голем камен и удира по задниот прозорец на автомобил додека не го скрши, а потоа запали молотов коктел и го фрли на задното седиште, вели Хил и додава дека заедно со преведувачот Бикс Алиу последен влегол во „бункерот”.

Како дете, во своите мемоари, Хил раскажува дека бил на училиште во Белград кога резиденцијата во која живеел со татко му – политички офицер во Aмериканската амбасада во Србија – била каменувана поради убиството на Патрис Лумумба. По тој случај, се сеќава Хил, татко му го научил како да ракува со пиштол доколку има потреба, и му раскажувал како белгискиот амбасадор ја разбркал толпата, која ја нападнала неговата Aмбасада излегувајќи пред нив со пиштол во рака.
– Размислував за тој белгиски амбасадор во Белград во 1962 година, и како ја избрка толпата. Како да насети на каде ми оди паметот, Бикс ми рече – мораме да се симнеме во бункерот, веднаш!, пишува Хил.
Бункерот, составен од неколку простории заштитени со дебела челична врата, имал директна врска со Стејт департментот, од каде го следеле секој момент на драмата, а функционирала и мобилната телефонска врска со вработен од обезбедувањето на Aмбасадата, кој бил вмешан меѓу групата демонстранти и го информирал амбасадорот Хил за тоа што му се случува во дворот. Преку трета линија, службеници на Aмбасадата барале интервенција на македонската полиција, а од четврта страна во тек биле разговори со генералот Весли Кларк, кој на барање на државниот секретар Медлин Олбрајт подготвил единица од 75 американски маринци од базата кај Петровец, која би интервенирала во случај на крајна нужда.
Хил опишува како дел од вработените, како Рикер и Кајданов, се обидувале да го одржат моралот на колегите кои биле на крај со нервите. Во подрумот, освен вработените, била и Клара, една од ќерките на амбасадорот, но и Биљана Секуловска, новинарка на А1 телевизија со нејзиниот камерман, кои дошле за претходно договорено интервју.
– Биљана делуваше незаинтересирана за тоа што се случува, освен што постојано прашуваше: “Може да запалам?” Не!, сите и одговаравме, се сеќава Хил.
Амбасадорот додава дека главна причина за загриженост во бункерот било снабдувањето со воздух, и што би се случило со системот доколку целиот објект над нив биде запален. Во случај да останат без воздух, вработените во Aмбасадата имале опција да искористат и тунел кој ќе ги одвел до паркингот, точно каде што во тој момент демонстрантите ги палеле нивните автомобили.
Околу 18 часот, демонстрантите го скршиле јарболот и почнале да го користат како орудие за уривање на влезната врата. „Средновековно”, Рикер забележа. Петнаесет минути подоцна, преку нивниот службеник во групата демонстранти, во бункерот дознале дека полицијата интервенира и ги брка демонстрантите од дворот на Aмбасадата. “Го брифирав генералот Весли Кларк за тоа. Тој ми кажа дека и од неговата единица за брза реакција, распоредена во близината, имаат информација дека полицијата влегува во Aмбасадата. Му реков дека сме подготвени да излеземе надвор. Додека се качував по скалите, Биљана, се уште држејќи ја цигарата во рака, праша, „може сега да запалам?”
Генералот Бенц Кредок, задолжен за американските сили подготвени за распоредување на Косово, преземал контрола над безбедносната ситуација и наредил поставување на боцкава жица на влезот и ѕидовите, додека група маринци биле распоредени околу зградата.
– Прашав еден од нив кои им се наредбите? Ми рече дека ако се случи неколкумина демонстранти повторно да се пробијат, да ги врземе и да им ги предадеме на македонските власти. Ако поголема група се пробие, да пукаме предупредувачки во воздух. Ако продолжат да навлегуваат… не би сакале да го сторат тоа, гласел одговорот.
Стејт департментот донел одлука Aмбасадата да остане отворена, исто како и сите други амбасади во Европа кои се соочувале со демонстрации поради нападите врз Југославија. Амбасадорот Хил вели дека главна задача потоа била што поскоро да се исчистат навредливите графити на ѕидовите, и да се крене нов јарбол со американското знаме, за да се испрати порака дека САД остануваат присутни во Македонија.