Таа била избрана во конкуренција од 37 инженерки. Била предложена и како единствена кандидатка од околу 6.000 вработени од словенечката компанија „Петрол“
Бев полна со ентузијазам и енергичен дух. Но, преку ноќ се најдов во ситуација да се борам против цел еден систем во Македонија, за да ја докажам вистината. Ми остана тој горчлив вкус и заминав, вели Љупка Вртева, која неодамна беше прогласена за Инженерка на годината во Словенија.
За мене сè е возможно, ако се сака, потребна е желба.
Таков е ставот на 31-годишната Љупка Вртева, која неодамна беше прогласена за Инженерка на годината во Словенија.
„Признанието се доделува врз основа на тоа, која девојка остава најголем впечаток. Која девојка има најголем потенцијал да ги мотивира младите девојки“, вели Вртева во разговор за Гласот на Америка.
Целта за оваа мотивација е да се поттикнат ученичките, студентките, но и сите млади луѓе, да влезат во инженерските води.
„Самиот тој настан го носи слоганот: „Од невидливост до инспирација“, што значи дека меѓу нас има многу девојки кои можеби општеството, заради некои стереотипи ги потиснува и се незабележани, иако имаат голем потенцијал, и се добри и се вистинските за инженерската професија“, објаснува Вртева.
Признанието, во Словенија, се доделува веќе шест години. Вртева била избрана во конкуренција од 37 инженерки. Била предложена и како единствена кандидатка од околу 6.000 вработени од словенечката компанија „Петрол“, каде што денес работи.
„Оваа титула за мене претставува признание за мојата работа и посветеност во областа на инженерството. Особено ме радува што Словенија тоа кај мене го препозна и знаеше како да ме награди“, вели нашата соговорничка.
До таму стигнала преку студиите на машинскиот факултет во Љубљана.
„Морам да кажам дека Машинскиот факултет важи за еден од потешките за Словенците. Бев единствена студентка која не е Словенка. Бев странец, можам да кажам“, се присетува Вртева.
Во Словенија заминала во 2011 година, веднаш после средното образование во Струмица. Но, поводот за заминување не бил пријатен.
„Бев полна со ентузијазам и енергичен дух. Преку ноќ се најдов во ситуација да се борам против цел еден систем во Македонија, за да ја докажам вистината. И, едноставно, бев жедна за правда“, вели Вртева.
Како што ни раскажа: Во трета година во средното училиште барала да го докаже своето знаење и да преполага тест по физика – наставничкиот колегиум тоа не ѝ го дозволил.
„На една страна 17-годишна средношколка која што бараше само правда, а од другата страна, еден цел систем. Знаењето, во мојот случај, ги победи сите пречки. Но, ми остана тој горчлив вкус од тие времиња во Македонија“, се присетува Вртева.
Била свесна дека во странство почнува живот од нула. Но, водечка мисла ѝ била да го докаже своето знаење.
„Навистина имав среќа што се вклучив во еден исклучително професионален тим на инженери, во кој бев навистина почитувана и соработував со колеги кои го ценеа моето знаење уште од самиот почеток, и додека бев како студент“, вели инженерката.
Но, се соочила и со родови предрасуди.
„Но, морам да кажам дека сум имала и ситуации каде што сум чувствувала дека кон мене гледаат со недоверба, бидејќи не сум инженер, туку инженерка. Но, верувам дека на тие луѓе им треба време да го променат своето размислување, или, пак воопшто нема да го променат. Но, затоа сме ние овде да влијаеме на тоа. И, секако, на крај, делата зборуваат за професионалноста, а не стереотипите“, укажува Вртева.
Младата инженерка продолжува да го следи својот професионален пат. На младите им порачува да веруваат во себе.
„Да ја следат својата желба, да го следат својот сон. Некогаш е потребно да си и бунтовник, за да можеш да стигнеш до целта. Важни се само желбите, потребно е да се следат во секој миг“, порачува инженерката на годината.