Во Русија за Катерина Тихонова и Марија Воронцова се верува дека се ќерки на рускиот претседател Владимир Путин иако тој воопшто не сака јавно да зборува за нив. Сега тие зачестено почнаа да појавуваат во јавноста. Зошто?
РОБЕРТ КОАЛСОН – ЈЕЛЕНА РИКОВЦЕВА
На меѓународниот економски форум од висок профил во Санкт Петербург овој месец, шефицата на Центарот за национални интелектуални резерви на Московскиот државен универзитет Катерина Тихонова, одржа шестминутен говor преку видео-врска за користење „технологии за напредување“ за зголемување на инвестициите.
На маргините на истиот настан, истражувачот по генетика, Марија Воронцова даде 13-минутно интервју за ретки болести што беше емитувано на националната телевизија.
И двата настана ќе останеа незабележани во преполната програма на тридневниот форум, ако наголемо во Русија не се верува дека двете се ќерки на авторитарниот руски претседател Владимир Путин.
На маргините на истиот настан, истражувачот по генетика, Марија Воронцова даде 13-минутно интервју за ретки болести што беше емитувано на националната телевизија.
И двата настана ќе останеа незабележани во преполната програма на тридневниот форум, ако наголемо во Русија не се верува дека двете се ќерки на авторитарниот руски претседател Владимир Путин.
Путин и Кремљ постојано одбиваат да ги потврдат или негираат извештаите, повикувајќи се на загриженост за приватноста. Сепак, идентитетите на жените се сметаат за отворена тајна.
Никој не се осмели да ги праша за ова на Форумот, а единственото навестување за нивниот идентитет беше кога модераторот на панелот Тихонова ја нарече „Катерина Владимировна“.
Кон крајот на панел дискусијата во Санкт Петербург, модераторот се пошегува во моментот додека зборуваше Тихонова. Ова го поттикна министерот за правда Константин Чуиченко – да го замолчи и да го предупреди да не ја прекинува, објави „Вашингтон пост“.
Политичкиот аналитичар Сергеј Марков вели дека Форумот е практично „семеен настан“ за Путин. „Не е тајна дека со Русија управуваат луѓе од Санкт Петербург и ова е голем форум во Русија, создаден од луѓе од Санкт Петербург“, рече тој, додавајќи: „Тоа е форум за владејачката елита во Русија, форум на луѓето од Санкт Петербург што се одржува во Санкт Петербург. Значи, беше логично членовите на семејството да се појават на ваков „семеен форум“.
Тихонова и Воронцова ги зачестија јавни настапи во последно време, но појавувањето на форумот во Санкт Петербург го подигна нивното јавно присуство на ново ниво, што предизвика шпекулации дека земјата може да ги гледа повеќе во иднина.
Аналитичарот Андреј Колесников од московскиот Карнеги центар, објаснува зошто тие се појавија на форумот во Санкт Петербург:
„Или тие беа користени од лобистите за свои цели, како што може да се помисли, особено од изгледот на Катерина Тихонова, или тие само сметаа дека би било интересно да им се покаже на надворешните медиуми што велат и како изгледаат ќерките на Путин“.
Според него, можеби тоа било мало повлекување на завесата за некаков вид на појавување на голема сцена.
„Покрај тоа, јавното појавување на неговите наводни ќерки може да биде обид за дополнително зајакнување на имиџот на Путин. Многу припадници на руската владејачка елита беа критикувани затоа што нивните деца и други роднини студирале или живееле во странство, додека ќерките на Путин, наводно, останале претежно во Русија“, вели Колесников, додавајќи:
„Неговите ќерки се толку деловни и вклучени во толку различни кариери. Едната е практично докторка, а другата – добро, не е многу јасно што прави, но таа зборува јавно за инвестиции“.
Појавувањето на Тихонова на форумот можеби беше обид за зајакнување на престижот на Кирил Дмитриjев, кој исто така беше на нејзиниот панел. Дмитријев е шеф на Рускиот фонд за директни инвестиции (РФДИ) и понекогаш се споменува како можен наследник на Путин.
Тој и неговата сопруга, руската државна телевизиска фигура Наталија Попова, веќе долго време се тесно поврзани со Тихонова и нејзиниот поранешен сопруг, милијардерот Кирил Шамалов. Тихонова и Попова, наводно, студирале заедно.
Дмитриев, кој се школуваше на Стенфорд и Харвард, се најде во странските наслови во март 2017 година кога беше објавено дека тој се состанал тајно на Сејшелите со основачот на американската приватна фирма за безбедност Блеквотер, Ерик Принс.
Принс ги негираше медиумските извештаи дека имал врски со преодниот тим на новоизбраниот претседател Доналд Трамп и дека тој и Дмитријев разговарале за создавање на „канал“ за комуникација меѓу двете земји.
„Кирил Дмитриев често е именуван меѓу можните наследници на Владимир Путин. Не е тајна дека тој е пријател на семејството. Знаеме дека тој беше на венчавката на Катерина Тихонова и Кирил Шамалов“, вели Сергеј Јежов, новинар на веб-страницата „Инсајдер“.
Аналитичарот Колесников оценува дека улогата на Дмитријев е исклучително важна за системот на управување на Путин. „Тој е корисен на практичен начин затоа што ги затвора сите зделки со учество на владата. Излегува дека главниот играч е секогаш владата – инаку нашиот систем на капитализам во кој доминира државата не би функционирал. Владата ги склучува зделките или дозволува зделките да се случат. Владата влегува во зделки за своја корист“, вели Колесников, додавајќи:
„И така, овој човек, кој не е министер и нема особено висока позиција во администрацијата, станува исклучително моќна личност од гледна точка на паричните текови што моќниците сакаат да одат тука или таму и во реализација на разни проекти кои се важни за владата. Ова целосно се совпаѓа со концепцијата на Путин за тоа како треба да работи една економија“.
Официјално, Путин има две деца, ќерките од бракот со Људмила: едната е Марија (се верува дека е Марија Воронцова) и е родена во Ленинград во април 1985 година, а другата Екатерина (се верува дека е Катерина Тихонова) и е родена во август 1986 година во Дрезден, во тогашна Источна Германија.
Путин одбива да зборува за нив, освен дека тие живеат и работат во Русија. „Никогаш не разговарам за моето семејство со никого“, рече Путин за време на неговата годишна прес-конференција во 2015 година. „Секој човек има право на својата судбина. Тие живеат свој живот и го прават тоа достоинствено“, додаде тој.
Две години потоа Путин објави дека има две внучиња, но не даде детали, освен дека едниот е „веќе во градинка“, а другиот бил роден „неодамна“. Во 2020 година, веб-страницата „Проект“ објави извештај во кој се тврди дека Путин има друга ќерка Елизавета, која е родена во 2003 година, од афера со жена по име Светлана Кривоногих.
Според извештаите на руските медиуми, Путин има и ќерка (родена 2015 година) и синови близнаци (2019 година) со поранешната гимнастичарка и пратеник во Државната дума Алина Кабаева. Путин никогаш не ја потврди долго-шпекулираната врска со Кабаева. Путин и неговата сопруга се разведоа во 2014 година.
(Руска редакција на Слободна Европа)