Рокот за оваа трансакција истекува за неколку дена. Од поголемите акционери се издвојуваат и Орка холдинг на Камчев и Беј Веј инвестмент на синот на Сашо Мијалков
Стопанска банка АД Битола има уште четири дена, односно до 22 септември да се изјасни дали ја прифаќа понудата од нешто над 20 милиони евра на Комерцијална банка за превземање на акциите.
Стопанска банка Битола има издадено вкупно 390.977 акции и вкупната цена за нив ќе биде 1,25 милијарди денари односно нешто над 20 милиони евра.
Во Проспектот за преземање на банката објавени се сите акционери кои ги поседуваат горенаведените акции, вклучувајќи ги и оние под 5% за кои Стопанска банка АД Битола нема обврска да поднесува извештаи до Македонска берза.
Меѓу десетте најголеми акционери се правните лица Пелистерка АД Скопје со 16,99% односно 66.437 акции, ДПТУУ Тимох ДОО Скопје со 4,86%, Орка Холдинг на бизнисменот Орце Камчев со 4,68% или нешто над 18.000 акции, следува НЕТ-ЕЛЕКТРОНИКС Владимир ДООЕЛ Скопје со удел на акции од 4,15%, акционерското друштво Скопски Пазар со 4,10%, ДГТУ „Бест Веј Инвестмент“ која е компанија на синот на Сашо Мијалков, Јордан и која поседува 14.349 акции или удел од 3,67%, како и неколку физички лица.
Со оваа понуда не се согласува Пелистерка АД Скопје, која заедно со поврзано правно лице Тимох ДОО Скопје, во својство на квалификувани акционери во Стопанска банка АД Битола со вкупно 21,85% од акциите соопшти дека понудата на Комерцијална банка за откуп на акциите на банката за откуп на акциите не е соодветна со вредноста на банката ниту дава реална слика за потенцијалот на банката.
Причина за нивната реакција се ревидираните финансиски извештаи на кои се заснова и понудата на Комерцијална банка, според кои книговодствената вредност на акциите на банката за 2022 година е 4.789 денари, а за 2023 година е 4.327 денари.
„Во јавно објавениот документ наречен ‘Проспект за преземање на Стопанска банка АД Битола’ се поместени извештаи од меѓународни ревизори кои само ги потврдуваат политиките на добро управување со Стопанска банка АД Битола, укажуваат на транспарентно и успешно работење во интерес на коминтентите и сите акционери. Вo истиот документ понудувачот, Комерцијална банка наведува дека ефектот за нив доколку ги купат сите акции на Стопанска банка АД Битола, ќе изнесува 440 милиони денари, односно консолидираната добивка за 2025 со што и самите укажуваат дека реалната вредност на акциите во моментов е далеку над 4.000 денари по акција“, објаснија од Пелистерка АД Скопје.
Од Комерцијална банка известија дека немаат намера да коментираат поединечни изјави на акционери на Стопанска банка Битола, дури и да се тие квалификувани акционери, потенцирајќи дека понудената цена од 3.200 денари по акција е последна и рокот за изјаснување на акционерите е заклучно со 22 септември, односно в недела.
„Комерцијална банка само уште еднаш истакнува дека оваа нејзина понуда ќе биде прва, последна и единствена понуда за откуп на 100% од акциите на Стопанска банка Битола“, објави Комерцијална.
Управниот одбор на Стопанска банка АД Битола се изјасни во врска со Понудата за преземање и потврди дека не се водени преговори меѓу ова тело и Комерцијална, а вработените во банката побараа од најверојатно следниот сопственик да им каже конкретно кој од вработените ќе биде превземен, а кој ќе добие отказ и по кои услови.
„Понудената цена за една обична акција од 3.200 денари е над номиналната цена на акцијата од 3.000 денари и е значително над просечната цена од 2.740,21 денари остварена со тргување на акциите издадени на Македонската берза на хартии од вредност во последните 12 месеци пред известувањето за намерата за преземање. Книговодствената вредност на обичните акции издадени од Стопанска банка А.Д. Битола пресметана врз основа на ревидираните финансиски извештаи за 2023 година изнесува 4.326,76 денари“, соопшти Управниот одбор на Стопанска Битола.
Со состојба на 31.12.2023 година вкупниот капитал и резерви изнесуваат 1.691.663 илјади денари.
Активата на Комерцијална банка е 2,7 милијарди евра, а на битолската Стопанска банка 190,8 милиони евра. Ако се реализира, ова ќе претставува второ големо укрупнување во банкарскиот сектор откако претходно тоа го сторија Шпаркасе банка и Охридска банка.