Добро е што засега доверителите не можат, како во за нас омилениот антички период, да ги претвораат должниците во робови. Сепак, со помош на нотарите и извршителите тие прават еден невиден трансфер на богатство од луѓето кои често должат обичен ситнеж во рацете на некои, со „ништо не предизвикани“ граѓани и фирми!
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Извршителите во 2014 година наплатиле околу 108 милиони евра. Еве една релативно стара вест, која денес е полоша. По должниците се разбира. Како би реагирале во античко време? Знаеме за лидерот на Атина Солон кој во шестиот век пред нашата ера ги разрушил должничките камења по полињата и имотите на сиромасите, свесен дека товарот на долгот ќе го претвори народот во огромна ропска маса а како слободни граѓани ќе остане само мал број на атињани. Може ли да се гради во такви услови демократија? Можно ли е воопшто општество со таква структура?
ИДЕЈАТА ЗА СРЕДНАТА КЛАСА За ова со модерен јазик говореше еден од тогашните првенци на СДСМ проф. Узунов кој ја градеше стратегијата на социјалдемократите во стилот „нема демократско општество без средна класа“. Професорот даде потоа одставка, разочаран со фактот дека граѓаните не дадоа во стартот добри реакции на „бомбите“ на Заев, односно што објавените прислушувани разговори за претходната номенклатура не покажаа свој изборен ефект веднаш (се работеше за референдумот за спас на ГТЦ). Би можел тој чин да го стори и денес, кога би ги видел ефектите од тоа како извршителите заедно со нотарите, работат против идејата за здраво, значи и социјално справедливо општество!
Ова е несомнено време кога клучниот процес на осиромашување на населението, во земја со и онака крајно поларизирана социјална слика, го вршат нотарите и извршителите кои само во 2014 година префрлиле од едни џебови во други 2-3 отсто од вредноста на буџетот, кој пак е половина од нашиот БДП секогаш!
РОБОВИ ИЛИ СЛОБОДНИ ГРАЃАНИ За оние кои не знаат кој е Солон да споменеме дека овој државник од Атина од 6 век п.н.е. со драстични чекори ја исправил сликата од градот – во тоа време народот од Атина бил оптоварен со долгови, социјални поделби и нееднаквост, со сиромашни фармери спремни да се продадат себе си како робови само за да ги прехранат своите семејства.
Револуцијата била неминовна, но се појавил аристократот Солон како праведен посредник меѓу интересите на богатите и сиромашните. Тој го укинал ропството поради долгови, ја ограничил сопственоста на земјиштето и го поделил граѓанското тело на класи со различни нивоа на богатство и со соодветни финансиски обврски.
Неговите мерки, пишува во историјата, иако биле напаѓани од сите страни, на крајот биле прифатени и го поплочиле патот за создавањето на демократијата.
Историјата при тоа заклучува – успехот на Солон покажува дека големиот државник мора да има храброст да спроведе непопуларни компромиси за доброто на правдата и на стабилноста.
БРОЈКИ ШТО ДОЦНАТ Зголемен број предмети, но и пад на реализацијата за три осто, бележат извршителите во 2014 година. Ја земаме оваа година како период во кој имаме релативно стабилни показатели. За разлика од 2013 година, кога беа наплатени околу 127 милиони евра, вкупниот износ на наплатени средства кои извршителите го наплатиле за доверителите следната година изнесува речиси 108 милиони евра или над 6,6 милијарди денари.
Во извештајната 2014 година вкупниот број на примени барања во 99 извршителски канцеларии изнесува 159.575, односно примени се поголем број предмети од 2013 година, додека, пак, процентот на реализација е во опаѓање и изнесува 30,99 отсто, што преставува намалување во однос на 2013 година, кога процентот изнесуваше 33, 96 отсто.
Да поминеме на понови податоци, колку што постојат. Според податоците од јуни 2017 на Народната Банка (НБРМ) вкупниот број на граѓани со блокирани сметки достигнал 76.432 а на компании 36.021. Податоците покажуваат дека заклучно со јуни вкупниот број на блокирани сметки изнесувал 255.037. Од нив 194.832 на граѓани, а 60.205 на компании. Ако се земе предвид дека заклучно со 31 декември 2016 година во државата имало вкупно 71.519 активни деловни субјекти, тоа значи дека во првата половина од годинава биле блокирани сметките на околу половина од вкупниот број активни фирми во Македонија.
СТАРТ Извршителите беа воведени во 2006 година. За овој период во првите десет години (до 2015) наплатиле вкупно 830 милиони евра, најмногу или речиси 128 милиони евра во 2013-та, потоа по 107 милиони евра во 2014-та и 2015-та; а најмалку или 20 милиони евра во 2006-та, првата година од нивното функционирање.
Во Македонија во моментов има 99 извршители. Предвидено е воспоставување на вкупно 132, оттука 35 места се непотполнети. Вкупниот број на вработени во извршителските канцеларии во 2015-та бил 625 односно секој извршител во просек имал по нешто над 5 ангажирани помошници и дополнителен персонал.
Претседателот на Комората на извршители на РМ (КИРМ), Зоран Петрески, појаснува за медиумите дека има зголемување на барањата за извршување што се однесуваат на мали побарувања, додека барањата за извршувања што се однесуваат на поголемите суми се во голема мера намалени.
ЗГОЛЕМЕНИ БАРАЊА ЗА ПОМАЛИ ИЗНОСИ „Вкупниот број на барањата за извршување е во границите на минатите две или три години, но имаме зголемување на барањата за извршување што се однесуваат на мали побарувања, додека барањата за извршувања што се однесуваат на поголемите суми се во голема мера намалени. Можам да истакнам дека превентивната функција на извршувањето е остварена, односно дека граѓаните, фирмите, државата се свесни за тоа дека доколку не ги намират своите долгови, ќе бидат дадени на извршител“, вели Петрески.
Статистиката за структура на должници покажува дека најголемиот број должници и понатаму се граѓани, од кои се наплатени околу 28 милиони евра. На второ место се фирмите од кои се наплатило најмногу, односно приближно 66 милиони евра. Од органите на државата, пак, врз основа на долг извршителите наплатиле 13 милиони евра.
Подрачјето на основните судови Велес, Гевгелија, Кавадарци, Неготино е со најголем процент на реализирани извршни исправи, односно 48, 39 отсто. Најслаба реализација се бележи на подрачјето на основните судови Гостивар и Кичево, 17,93 отсто. Извршители од подрачјето на основните судови Скопје 1 и 2 реализирале 26,6 отсто од извршните исправи, но имаат наплатено најмногу парични средства, и тоа приближно 58 милиони евра. Најмалку парични средства се наплатени од подрачјето на основните судови Кочани, Берово, Виница и Делчево – нешто повеќе од еден милион евра.
Во согласност со податоците од доставените извештаи за работата на извршителите, најголемиот број од примените извршни исправи биле успешно реализирани во период на времетраење од повеќе од една година од моментот на поднесување на барањето за извршување. Споредбено за последните три извештајни години, бројот на реализирани извршни исправи од страна на извршителите континуирано расте.
Бројот на поднесени барања за реализирање на непарични побарувања нема поголеми осцилации и останува на исто ниво, меѓутоа непаричните побарувања сè уште имаат многу мал удел во вкупниот број на поднесени барања за извршување. Според типот на непаричното побарување, во 2014 година само 66 извршни исправи биле поднесени за испразнување и предавање во владеење на недвижности
Вкупниот број на извршители на крајот на 2014 година изнесувал 97. Еден извршител заминал во пензија, додека еден си поднел оставка. Во текот на 2014 е именуван само еден нов извршител, и тоа за подрачјето на основните судови Гостивар и Кичево.
Најмногу извршители, 34 од предвидени 35, се именувани на подрачјето на скопските судови, додека најмалку на подрачјето на основните судови Охрид, Струга и Дебар, односно од предвидените 12, на ова подрачје се именувани 5 извршители.
НОВИ И НОВИ ИЗВРШИТЕЛИ Вкупниот број на вработени во извршителските канцеларии, не вклучувајќи ги извршителите, изнесува 507, што е за 47 лица повеќе од минатата година.
„Оваа година е зголемен бројот на вработени во канцелариите. Изземајќи ги извршителите, веќе има 507 вработени во канцелариите. Тоа е најголема бројка што е достигната досега“, потцртува претседателот на КИРМ, Петрески.
Во однос на поплаките во јавноста за трошоците на извршување, извршителот и член на Управниот одбор на КИРМ, Гордан Станковиќ, посочува дека тие честопати погрешно се толкуваат.
„Трошоците во извршувањето, за жал, многу често во јавноста неправилно се толкуваат бидејќи граѓаните знаат колку должат и кога ќе дојде извршителот честопати им бара двоен или троен износ, меѓутоа тоа не е резултат на високите трошоци на извршувањето, односно на извршителот, туку пред сè е резултат на постоење на камата којашто не тече од денот кога е пресудено, туку од денот кога е доспеана обврската, што значи дека многу често тоа може да биде и камата која течела неколку години. Понатаму, кога ќе дојде предметот на извршител, тој во себе содржи и трошоци коишто ги имала странката-доверител заради утврдување на неговото побарување – тоа значи нотарски или претходно судски трошоци. Честопати во постапките што ги спроведуваат поголемите компании има трошоци и за ангажман на адвокат за да дојдат до извршната исправа“, вели тој и додава дека странката има право на адвокат во согласност со Уставот и законите.
Станковиќ, исто така, прецизира дека извршителот во постапката користи услуги и од други органи и институции кои наплатуваат високи надоместоци за своите услуги.
НЕМА ПУМПАЊЕ НА ТРОШОЦИТЕ „Ние сметаме дека енормното пумпање на трошоците е исклучок. Во нормалните предмети честопати извршителските трошоци учествуваат со третина или четвртина“, истакнува тој.
Извршителите убедуваат дека постојат за доброто на граѓаните, но тоа добро граѓаните никако да го почувствуваат. Тогаш кога ќе дојде на нивна кожа – воопшто не е добро.
Досега имало многу обиди да се воведе ред во извршителската дејност, но извршителите се ставаат над законот и немилосрдно ја спориведуваат својата агенда.
Извршителите не одмараат ниту за празниците, се блокирале сметки и пред Божик, па не е чудно што на овој човек сметката за наплата му дошла пред Велигден.
Причина за зголемување на блокираните сметки велат од здружението „Стоп за извршители“ е во тоа што се очекува новиот закон за извршување со кој меѓу другото предвидено е да се корегира и тарифата за награда и надоместок на извршителите, па затоа сега извршителиоте брзале со наплатата.
– Тие продолжуваат и понатаму со блокада на граѓаните, без разлика дали е петок попладне, дали е празник. Премиерот најави нов Закон, дали тоа ги плаши, дека доаѓа крајот на овој грабеж и сега што може „да се улови во матно“, вели Марјан Ристески – Стоп за извршители.
Во меѓувреме, од канцелариајта на народниот правобранител велат дека претставките до нив се зголемуваат, а извршителите често знаат да го злоупотребат законот за извршување, па дури да остават и деца без основни приходи. Загрижувачки според нив, е што дел од извршителите не ги слушаат препораките од народниот правобранител. Во меѓувреме, од канцелариајта на народниот правобранител велат дека претставките до нив се зголемуваат, а извршителите често знаат да го злоупотребат законот за извршување, па дури да остават и деца без основни приходи. Загрижувачки според нив, е што дел од извршителите не ги слушаат препораките од народниот правобранител.
Извршителите се подготвени од првиот работен ден во 2017 година да почнат со новините: известување на граѓаните пред да им се блокира сметката, вонсудска наплата на комуналните долгови, но и наплата по нова тарифа за неколку комунални услуги, со која драстично ќе се намали цехот што го плаќа должникот при извршувањето.
Од 1 јануари 2017 година стапува во сила нов Закон за извршување со кој ваквите шоковите за должниците, кои се соочуваа со извршители на врата, со блокирани сметки и огромни глоби нема повеќе да се случуваат.
НОВИОТ ЗАКОН Постапувајќи според новите законски решенија, кога ќе добијат налог за наплата, извршителите нема веднаш да блокираат сметки и непријатно да ги изненадуваат должниците, како што правеа досега. Отсега прво ќе им се јавуваат, ќе бараат од нив долгот да го платат во рок од три дена, а дури потоа ќе одат на блокада на сметка.
За долговите на домаќинствата за сметките за вода, смет, куќен совет, кабелска и телефон до 2.000 денари и за струја и парно до 6.000 денари, воопшто нема да се спроведува присилна, туку вонсудска наплата, па пред да се оптовари долгот со трошоци, за судови, нотари, адвокати, извршители и камати, извршителот ќе го повика должникот, ќе му каже колку должи и ќе побара од него во рок од 15 дена да плати.
Во одредени случаи, во договор со должникот, може да му се даде и подолг рок за плаќање. Тогаш, крајниот цех што ќе го плати должникот ќе биде далеку помал од оној што би го платил кога би се спровела класична присилна наплата. Односно, би изнесувал колку долгот, плус одредена мала сума за извршителот. Доколку, пак не одговори на повикот на извршителот, ќе се спроведе класична присилна наплата и трошокот за должникот ќе биде поголем.
Како значајна новина, со која многу ќе им се олесни на граѓаните должници, е новата тарифа за присилна наплата која ќе важи за неколку комунални услуги: струја, вода, смет и куќен совет. Кај присилната наплата за овие сметки, вкупниот надомест што ќе се наплаќа за нотар, адвокат и извршител нема да смее да надмине повеќе од 50 проценти од основниот долг.
НАЈГОЛЕМИ ДОЛЖНИЦИ Од Комората на извршители велат дека најголеми должници се физичките лица, токму за неплатени сметки за комуналии. Дури 70 отсто од предметите за извршување се по овој основ.
Ако за граѓаните новите законски решенија за извршувањето носат олеснување, компаниите велат дека за нив се голем товар. Уште пред неколку месеци Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) побара одложување на примената на законот за да се изменат членовите со кои им се оневозможува на правниците вработени во фирмите да застапуваат во предметите за извршување и тој дел од работата им се префрла на адвокатите.
Претседателот на ОРМ, Ангел Димитров предупредува дека ако не се направат измените што се бараат, тогаш дел од фирмите ќе бидат принудени да отпуштаат правници.
Но ова се само изјави. Во практиката навистина постои долг од еден денар кој нараснал пред извршпување на 20-тина илјади денари без должникот да знае за својата нова и стара обврска! ЗастраУѕвањето за граѓаните „ако не платите во рок од 3 дена“, според новите измени на Законот теба да гласи „во ток од 15 дена со услов да се договори и подолг рок, ама тоа не се прави…. Зошто за должникот е битно што товарот на бројот на нововработени во некоја извршна канцелари се зголемува а тој е вклучува во вкупното салдо! Па некој извршител може да ги вработи сите свои родни и пријатели?!
Така натаму и така натаму – навистина во ова општество недостасува Солон, како и да се погледне. Од аспект на глобалните цели на социјал-демократијата, како прво.