Трагедии како паѓањето на натстрешницата на автобуската станица во Нови Сад или пожарот во дискотеката во Кочани се страшни примери за негрижа и корупција кои освестуваат. Освестуваат од хипнотичката моќ на партиите. Но, во такви моменти станува јасно колку се партиите се немоќни да создадат систем кој ќе го ослободи општеството од нивното влијание

ДЕНКО МАЛЕСКИ
Се сеќава ли некој уште на Рајнхард Прибе, високиот германски службеник кој, пред години, изготви анализа на нашиот СИСТЕМ (правен и политички)? Кога го прашал тогашниот американски амбасадор Џес Бејли да му ја опише ситуацијата во Македонија со еден збор, тој одговорил: отсуство на ОТЧЕТНОСТ. Каде и да одев, со кого и да зборував, секогаш е виновен другиот, рекол Прибе. Одговорност( responsibility)? Прашувам. Не одговорност туку отчетност (accountability) ми нагласува Бејли. „Отчетност“, зборот, кој постои и во нашиот речник а кој ретко го користиме, е попрецизен од зборот „одговорност“. Во аглискиот, овој збор асоцира на сметководство , на лист хартија на која некој штиклира поставените и извршените задачи. Отчетност значи да си спремен да одговораш на прашања на други околу извршената задача, за начинот на која си ја извршил или за грешки кои си ги направил. Тоа, скоро и да не постои кај нас. Дефектот на нашиот систем е загубената отчетност. Во теорија, постои таква отчетност, ама во праксата ја нема. Таква е судбината на владините проекти кои се упатуваат од државниот врв кон базата на општеството, па до управните одбори на претпријатијата чија задача е да бараат отчетност за нивната работа. Едноставно, нема отчетност. Кажано со обични зборови: нема проверка на извршените задачи. Има само инфлација на безвредни закони и правила кои не се почитуваат зашто не се проверува дали и како се спроведени.

Партиите кои се менуваат на власт не се грижат таквиот систем на отчетност да проработи зашто бара многу работа, а згора на тоа така ќе го изгубат монополот на контрола врз општеството. За целосна контрола врз општеството, таква отчетност е пречка за („неотчетно“) владеење. Зашто, отчетноста значи поништување на поделбата на „ваши“ и „наши“ и ослободување на општеството од доминацијата на партиите. Затоа, апсурдната игра продолжува. Од кого да бараме отчетност што веќе 40 години не функционираат противпожарните хидранти во мојот влез – од ВМРО-ДПМНЕ , СДСМ или од ДУИ? Глупаво прашање. Зарем немаме сите некаква одговорност? Почнувајќи од станарите? Да, ама кого да викнеме на отчетност? Секако некој во општината, која треба да ја регулира таа сфера со правила и да ја контролира работата на станбените управители, правилникот да се спроведе. А, кој да побара отчетност од општината? Се знае ли?
Трагедии како паѓањето на натстрешницата на автобуската станица во Нови Сад или пожарот во дискотеката во Кочани се страшни примери за негрижа и корупција кои освестуваат. Освестуваат од хипнотичката моќ на партиите. Но, во такви моменти станува јасно колку се партиите се немоќни да создадат систем кој ќе го ослободи општеството од нивното влијание. Немоќни се заради отсуството на минимум доверба меѓу нив и никаква соработка. Прашње е и дали навистина и го сакаат тоа.Така, и после трагедијата во Кочани, партиите повторно ја туркаат дебатата во иста насока како и досега. Да докажат дека „другиот“ е крив. Нема да има дебата во парламентот за трагедијата во Кочани зашто одговорноста би можела целосно да падне на сегашната власт која е спремна на дебата само ако во собранието се дебатира и за пожарот во модуларната болница во Тетово од времето на ковидот. Значи, повторно истата игра која ја забележал и Прибе: „другиот“ е виновен, оној кој бил на власт пред мене, вели денешната власт, оној што денес е на власт, вели опозицијата. Бидејќи трагедијата е од огромни размери и народот очекува политичарите да ја земат одговорноста врз себе, ќе зборуваме за „нашата“ трагедија само ако зборуваме и за „вашите“ трагедии. Така, партиите во Македонија повторно го туркаат народот да земе страна и да одбере партија која ќе не спаси од идни трагедии. Тука, спас нема, зашто се работи за дефектен СИСТЕМ во кој нема отчетност. Се работи за мерките и постапките кои не се превзеле и кои дозволиле да дојде до трагедијата. Можеби сега подобро ќе ги разбереме студентите во Србија кои одбиваат да земат партиска страна и се кренаа на бунт против СИСТЕМОТ во кој нема отчетност, па оттаму е подложен на корупција.Како да им се дерат во лице на своите политичари со барање да превземат нешто заедничко за да се промени ситуацијата која ниту една партија не може самата да ја реши.
(libertas.mk)