ПАВЛИНА ЗЕБИЌ
По повеќе од 21 година од ратификација на Конвенцијата кај нас, нејзиниот текст се уште е далечен за многу правни практичари, а праксата на Европскиот Суд за човекови права е непознато и неприменливо четиво во голем број случаи. Може да се сретнат пресуди/решенија во кои се цитира праксата на овој Суд, но не е доволно само бегло наведување на истата.
Европската конвенција за заштита на човековите права е донесена во рамки на Советот на Европа, каде членуваме и ние како држава. Конвенцијата e потпишана од државите членки на Советот на 4-ти Ноември 1950 година, а влезе во сила во 1953 година. Македонија ја ратификуваше Кoнвенцијата на 10 Април 1997 година, со што нејзиниот текст стана составен дел од нашиот систем.
Конвенцијата како документ донесен далечната 1950 година e генерална рамка на слободите и правата кои ги штити Европскиот Суд за човекови права. Динамичното општество, промените во современите демократии, развојот на човековите слободи и права и постојаните предизвици со кои се соочуваат државите, придонесе овој текст да биде причина за носење на повеќе од 20.000 пресуди од Европскиот Суд. Пресудите на Европскиот суд постојано ја надградуваат и оживуваат Конвенцијата, а праксата на овој Суд секојдневно ни доловува дека Конвенцијата е “жив инструмент“.
Судот, секојдневно развива стандарди за заштита на човековите слободи и права; решава системски проблеми кои ги имаат државите во своите законодавста, повикувајќи се на Европскиот консензус, на кој се обврзале државите членки на Советот на Европа. Судот преку својата пракса, ги зема предвид променливите услови во договорните земји од една страна, но од друга страна наметнува стандарди кои мора да бидат почитувани од договорните земји.
Гледајќи ја целта која Советот на Европа ја имал и поради која е донесена Конвенцијата, сосема оправдано се наметнува прашањето како нашите судови реагираат на праксата на Европскиот Суд за човекови права? Гледано од денешна перспектива, по повеќе од 21 година од ратификација на Конвенцијата кај нас, нејзиниот текст се уште е далечен за многу правни практичари, а праксата на Европскиот Суд за човекови права е непознато и неприменливо четиво во голем број случаи. Може да се сретнат пресуди/решенија во кои се цитира праксата на овој Суд, но не е доволно само бегло наведување на истата. Европскиот Суд за човекови права наведува дека е особено важно да се применат воведените стандарди во контекст на конкретниот случај и засегнатите слободи и права. Па така можеме да изведеме заклучок дека се уште пресудите на овој Суд се маргинализирани во нашиот систем, а на нив се гледа низ призмата на изречената парична казна. Честопати низ правните лавиринти може да се чуе потценувачки однос кон пресудите бидејќи казните се незначителни, без да се погледне другата страна на паричката- моралната сатисфакција за оној кој ја добил правдата надвор од Македонија.
Неретко како практичари, при цитирање на пресуди на Европскиот Суд за човекови права, наидуваме на став, дека судот е должен да суди врз основа на Устав и закон, заборавајќи ја праксата на меѓународниот суд. Ваквите ставови се целосно погрешни, од причина што со ратификацијата на Меѓународниот договор, тој е правно обврзувачки за нас како држава, а со тоа и составен дел од нашето законодавство. И покрај тоа што овие мислења не се ретки во нашата фела, не треба да бидат обесхрабрувачка порака, туку поттик за наша упорност и настојување за целосна примена од страна на домашните судови.
Со прифаќање на Конвенцијата за човековите слободи и права, како држава сме се обврзале нашето право, но и судската пракса да ги преслика стандардите кои ги налага Европскиот суд преку својата пракса. Таа обврска мора да се почитува! Како што наведов главен предуслов за дословна примена на Конвенцијата е нејзино познавање. Но, уште поважен услов е да се знае толкувањето на Конвенцијата, дадено од Европскиот Суд за човекови права. На праксата на овој Суд секој од нас треба да гледа како на богата ризница од која секојдневно можеме да црпиме ставови, мислења, компаративни искуства и идеи. Не велам дека овој процесот на следење на праксата на овој Суд е лесен, но со сигурност е процес кој носи резултати. Само на овој начин ќе го избегнеме разгледувањето на илјадници предмети кои пристигнуваат во Судот, но и паричните казни за државата кои ги плаќаме сите ние.
Промените и стандардите кои ги задава овој Суд неретко се и основ за промена на домашните закони, како што беше случајот со вметнување на посебен правен лек пред Врховниот Суд на Република Македонија, за долгото траење на судските постапки. Оваа промена беше резултат на големиот број на пресуди против Македонија, со утврдена повреда за траењето на судските постапки. Зарем, мислите дека ако Македонија не беше парично казнета и опомената од Европскиот Суд во голем број на предмети, ќе се случеше оваа промена?
За да се долови работата на овој Суд потребно е да се погледне малку и статистика. Во текот на 2017 година, бројот на жалби пред Европскиот Суд за човекови права се зголемил за речиси 20 отсто, што зборува за фактот колку е важно домашните судови да ги следат принципите зададени од овој Суд. Во речиси 85 отсто од поднесените жалби е утврдена повреда. Поради големиот број на предмети, Европскиот Суд е насочен кон брзо решавање само на комплексни предмети кои водат кон системски промени, а предметите во кои се изнесуваат повторувачки повреди (повреди за кои Судот веќе утврдил повреда) да ги решава заеднички. Најголемиот број на жалби се однесуваат на повреда на правото на правично судење, каков што е и примерот за нашата земја. Но се почести се и предметите кои допираат прашања поврзани со тортурата и понижувачкото постапување (член 3) како и правото на слобода и сигурност, односно прашања за притворот (член 5). Пресудите кои вметнуваат промени, односно допираат посериозни прашања, се пресудите на Големиот совет, чии ставови се цитираат и земаат предвид при одлучувањето на Судските совети. Големиот Совет досега постапувал во два предмета против Македонија (познатиот случај на Ел-Масри/ Алишиќ и други, v Македонија).
Според бројките на Европскиот Суд од 1959-2017 година, против Македонија се донесени 124 пресуди со утврдена повреда на барем едно од Конвенциските права и слободи. Некој сигурно, читајќи ја оваа статистика, ќе биде на став дека оваа бројка воопшто не е голема, споредбено со Русија (2.253), Турција (3.386), Италија (2.382) или пак Романија (1,352), за што се согласувам и јас. Но 124 пресуди со повреди не е ни незначителна бројка за држава како Македонија, чија перспектива е да биде дел од Европската заедница.
Податоците на Судот ни даваат јасна слика во која насока се движиме како држава. Па така во 2017 година, како и претходните години, предничат пресуди за повреда на членот 6 (вкупно седум пресуди), членот 5 (три пресуди), член 3 (три пресуди), но постојат и пресуди со утврдени повреди и за останатите членови и протоколи од Конвенцијата. Голем дел од донесените пресуди се преведени и јавно објавени на Бирото за застапување пред Европскиот Суд за човекови права, но можат да се најдат и на базата hudoc на Европскиот Суд за човекови права.
Од вкупно 345 пристигнати предмети во 2017 година, пред Европскиот Суд за човекови права против Македонија, Судот ќе разгледува само 59 предмети. Останатите 286 се отфрлени, поради технички пропусти, односно неисполнетост на критериумите за допуштеност, што е податок кој говори дека постапувањето и правилата на овој Суд ни се се уште далечни.
Донесените пресуди со утврдена повреда се вперен прст кон Македонија, но и поттик и основа за промени во нашиот систем. Од нивниот текст треба да учиме сите ние. Зошто? Бидејќи тоа е единствениот начин, граѓаните да се уверат дека Конвенцијата не е неприменлив текст. Домашните судови мора да покажат дека се спремни да ги заштитат човековите слободи и права од нивно прекршување; да покажат дека сме спремни во пракса да ги примениме сите обврски за заштита на граѓаните на кои сме се обврзале и дека сме подготвени целосно да ги пресликаме стандардите на овој Суд. Само на овој начин ќе се врати довербата во правосудството кај секој од нас и ќе чекориме напред.
Домашните судови се оние кои се најповикани и кои треба да ја оживеат Конвенцијата. И покрај тоа што се поминати повеќе од две декади од ратификацијата на Конвенцијата, а пресудите на домашните судови во кои е цитирана праксата на Европскиот Суд се бројат на рака, се уште не е доцна за промени. Промени мора да се случат прво во начинот на размислување, а потоа и во практикување.
Последните измени на Законот за судови, покажа спремност на судската фела да ги почитува ставовите изразени во конечните пресуди на Европскиот Суд за човековите слободи и права. Одлична измена која сите ја дочекавме со одобрување, но и со надеж дека оваа одредба ќе заживее. Законот за судови предвиде и одговорност за судиите за чиј предмет Европскиот Суд ќе донесе пресуда со која се утврдува повреда (за чл.5 и 6 од Конвенцијата).
Искрено се надевам дека во оваа ситуација морковот ќе биде поефикасен од стапот.
Примената зависи од сите нас, адвокати, јавни обвинители, судии. Верувам дека можеме да го предизвикуваме и менуваме системот, но во која мера зависи од нас. И на крај да не заборавиме дека сите ние сме одговорни за демократијата и владеењето на правото во нашата држава, па затоа е време да почнеме со работа.
(извор: janakiznae.mk)