Централната банка се обидува изгледа да сопре процес на повлекување на штедните влогови на граѓаните, Но треба да се знае дека банките се заинтересирани само за парите на фирмитер!
Македонскиот банкарски систем е стабилен и сигурен и укинувањето на дозволата на една мала банка не ја доведува во прашање стабилноста на системот, беа уверувањата од Народната банка и од Македонската банкарска асоцијација по укинувањето на дозволата за основање и работење на Еуростандард банка АД Скопје. Укинувањето на дозволата се должи на неисполнување на минималните законски услови за работење на банка.
Всушност, тоа и не е така далеку од реалната состојба на банкарскиот систем во целина со оглед на податокот дека веќе со години наназад банкарскиот сектор е далеку најпрофитабилен споредбено со останатите сектори во државата.
Доказ за тоа е податокот дека профитабилноста на македонските банки од година во година расте, а изминатата 2020 година достигна вредност од неверојатни 7,25 милијарди денари или приближно 118 милиони евра, покажуваат податоците на Народна банка. За споредба со претходната 2019 година, банките остварија профит од 6,68 милијарди денари кога немаше пандемија на коронавирусот, па оттука можеме да дојдеме до заклучок дека добивката на банките е зголемена за 567 милиони денари или 9,2 милиони евра за време на ковид кризата дури и покрај мораториумот односно шестмесечното одложување на кредитните обврски.
Профитот на банките се зголеми и покрај згаснувањето на Еуростандард банка АД Скопје. Притоа, дојде до намалување на бројот на комерцијални банки кој во моментов изнесува 13. Овој број годинава дополнително ќе се намали со најавеното спојување на Охридска банка и Шпаркасе банка Македонија во еден ентитет.
Комерцијална банка, Стопанска банка АД – Скопје, НЛБ Банка, Халкбанк и Охридска банка се петте големи банки кои се движечка сила во банкарскиот сектор. Следуваат ПроКредит Банка, Шпаркасе Банка Македонија, УНИБанка, Стопанска банка а.д. Битола, Централна кооперативна банка, како и Развојната банка на Северна Македонија кои се вбројуваат во редот на средни банки а потоа доаѓаат ТТК Банка, Силк Роуд Банка и Капитал Банка кои влегуваат во групата мали банки.
Дополнителен податок кој оди во прилог на сигурноста и стабилноста на банкарскиот сектор во земјава се позитивните оценки од страна на ММФ и Светската банка за време на Пролетните средби кои се одржуваа изминативе неколку дена. Одлуките и мерките на Народната банка донесени од почнувањето на корона-кризата наваму се позитивно оценети од тимот на Одделот на ММФ притоа истакнувајќи дека одлуките и мерките на Народната банка во целост се во согласност со очекувањата и насоките на Меѓународниот монетарен фонд. За дел од мерките на Народната банка од изминатиот период од ММФ беше беше посочено дека значително придонесоа и за подобрени услови за кредитна поддршка од банките. Сега, каматите на кредитите во нашиот банкарски систем се едни од најниските во регионот, што е особено важно во текот на една ваква криза.
Дополнително, може да се очекува и натамошно намалување на цената на кредитите на комерцијалните банки, по последното намалување на основната каматна стапка на Народната банка, што ќе придонесе за натамошната поддршка на граѓаните и компаниите и економијата во целина.
Потпретседателката на Светската банка за Европа и Централна Азија, Ана Бјерде и регионалната директорка на Светската банка за Западен Балкан, Линда ван Гелдер исто така ја поддржаа политиката на НБРСМ, притоа нагласувајќи дека сите податоци упатуваат на податокот дека банкарскиот систем е стабилен и сигурен. Од Светската банка беше нагласено дека солвентноста и ликвидноста на банкарскиот систем, на почетокот од корона кризата, беа и подобри од оние на почетокот на големата глобална криза во 2008 и 2009 година. Тоа упатува на поголем простор за апсорбирање на потенцијалните ризици, и за непрекинатост на кредитната поддршка од банките во овој период, што е клучно за справување со предизвиците, наметнати од здравствената криза.
Но, ниту највлијателните меѓународни финансиски институции, ниту уверувањето на домашните експерти и влијателни личности од банкарската фела не се доволни за да ги уверат граѓаните во состојбата на банкарскиот систем, финансиската и севкупната макроекономска стабилност.
Изминатиов период во јавноста се појави шпекулација за извесно пропаѓање на една од најголемите и најмоќни македонски банки, а тоа е Стопанска банка АД – Скопје, банка која со години наназад е лидер кога е во прашање профитабилноста.
И додека во јавноста и ден денес се појавуваат разни информации поврзани со пропаѓањето на Еуростандард банка АД Скопје, иако поминаа повеќе од 8 месеци, за банка која имаше само 1,3% пазарно учество, што ќе биде доколку навистина пропадне банка од водечката тројка, лидер по бројот на клиенти физички лица, банка во која речиси една третина од населението е задолжено со кредитни производи, банка во која значаен дел од македонското население има неколку милиони денари орочени депозити и банка со која соработува речиси секоја трета компанија во државава.
Во ситуација кога целокупната експертска јавност, како домашните, така и највлијателните странски регулатори и банкари уверуваат за стабилност на банкарскиот систем во земјава, граѓаните веруваат на одредени самонаречени финансиски „експерти” кои шират невистини и укажуваат на нестабилност кај домашните банки, пред се највлијателните.
Па, така слушајќи ги советите на “експертите” изминатиов период одреден дел од граѓаните почнаа масовно да ги повлекуваат своите заштеди од Стопанска банка АД – Скопје и да ги носат во други банки или да ги стават во сеф, како најсигурна и најбезбедна опција. Но, откако ќе се уверат дека информациите се лажни и дека постапиле избрзано, наместо да ги послушаат вистинските финансиски аналитичари и банкари, ќе си го постават прашањето што изгубиле?
Повлекување на депозити пред истекот на предвидениот рок значи и губење на однапред договорената каматна стапка којашто Стопанска банка АД – Скопје им ја понудила на депонентите во моментот на орочување на депозитите. Воедно, паниката што ја создаваат помеѓу останатите граѓани допонително негативно ќе влијае врз економскиот раст, бидејќи ќе забави личната потрошувачка, а значително ќе се намалат и инвестициите. Такво сценарио ќе доведе до намалување на економската активност и успорување на економскиот раст, што во услови на корона криза кога економијата и онака не е во најдобра кондиција може да биде погубно.
Дополнително, со ширење на невистини околу пропаѓањето на една од водечките банки во државата целта е да се намали вредноста на акциите на Банката и дел од акционерите во Стопанска банка АД – Скопје, слично како и штедачите кои веруваат во овие неверодостојни информации панично да почнат да ги продаваат своите акционерски влогови, а некој умешно тоа да го искористи и да ги добие по значително пониска цена.
Податок кои оди во прилог на оваа информација е тргувањето на Македонска берза поврзано со акциите на Стопанска банка АД – Скопје. Во последните три дена (12 – 15 април – н.з.) драстично е зголемен интересот за овие акции каде што се истргувале вкупно 6.181 акција на Банката по просечна цена од 1.150 денари. Според месечниот статистички билтен на Македонска берза во претходниот месец март биле истргувани вкупно 2.371 акција од Стопанска банка АД – Скопје, а вредноста на акцијата се движела околу 1.200 денари.
Воедно, месецов има зголемување на интересот за акциите и на другите македонски банки, па станува очигледно дека некој има намера да направи дестабилизација на банкарскиот и финансискиот сектор во државата.
Но, зошто некој би го дестабилизирал со лажни и неверодостојни информации банкарскиот систем, ако не за личен профит!?
Измина една од најтешките години во поновата историја. Кога сите се надеваа на нов почеток, бомбастично ја најавуваа 2020 година, беа поставени многу планови и активности кои требаше да се реализираат, на сцена стапи коронавирусот кој практично ја обележа годината.
Ковид-19 вирусот се појави како гром од ведро небо и остави силни последици врз целокупното функционирање како на луѓето, така и на самите институции, компании и крајно негативно се одрази врз здравјето на луѓето, ги наруши глобалните финансиски текови, ги намали економските активности и дојде до контракција на глобалниот економски систем.
Вниманието и активностите на сите надлежни фактори беше фокусирано на преземање мерки за зачувување на здравствената состојба на населението и на овозможување работни услови приспособени на новонастанатите околности.
Во ситуација кога голем број граѓани останаа без своите работни места, а компаниите се соочуваа со една од најтешките години од своето постоење со значително намалени приходи и буквално борба за опстанок до последен здив, банкарскиот сектор беше речиси имун на пандемијата и новиот опасен и смртоносен вирус КОВИД-19.
Профитабилноста на македонските банки од година во година расте, а изминатата 2020 година достигна вредност од неверојатни 7,25 милијарди денари или приближно 118 милиони евра покажуваат податоците на Народна банка. За споредба со претходната 2019 година, банките остварија профит од 6,68 милијарди денари кога немаше пандемија на коронавирусот, па оттука можеме да дојдеме до заклучок дека добивката на банките е зголемена за 567 милиони денари или 9,2 милиони евра за време на ковид кризата дури и покрај мораториумот односно шестмесечното одложување на кредитните обврски.
Профитот на банките се зголеми и покрај тоа што изминатата година, бројот на комерцијални банки се намали на 14, откако Народната банка на 12 август и ја одзема дозволата за работење на Еуростандард банка АД Скопје, поради недоволна капитализација и високо ниво на нефункционални кредити.
Од вкупно 14 банки колку што го сочинуваат банкарскиот сектор во земјава пет од нив се сметаат за големи со билансна сума од над една милијарда евра, шест се средни банки и три се мали.
Според најновите критериуми на Народната банка, во групата големи банки влегуваат оние банки чија актива е поголема од 664 милиони евра. Средните банки, треба да имаат актива поголема од 166 милиони евра и помала од 664 милиони, додека, пак, сите оние банки чија актива е пониска од 166 милиони евра, влегуваат во рангот на мали банки, и такви во земјава се три банкарски институции.
Според извештајот на Народната банка, над 57 проценти од банкарскиот бизнис им припаѓа на трите најголеми банки, Комерцијална банка, Стопанска банка АД – Скопје и НЛБ Банка. Додека, пак петте големи банки во земјава учествуваат со речисис 77 проценти во банкарскиот бизнис. Освен водечката банкарска тројка, други две големи банки во земјава според големината на активата се Халкбанк АД Скопје и Охридска банка. Средните банки зафаќаат 20,42 проценти од банкарскиот бизнис, а малите банки само 2,86 проценти.
Кога станува збор за профитабилноста, иако во целина профитот на банкарскиот сектор е зголемен во споредба со 2019 година, големите банки минатата година бележат значително намалување на добивката. Претходната година нивната добивка изнесувала 101,1 милиони евра, наспроти 113,3 милиони евра колку што изнесувала во 2019 година, што претставува намалување за 12,2 милиони евра.
Значајно зголемување на профитот има кај средните банки, а тука влегуваат ПроКредит Банка, Шпаркасе Банка Македонија, УНИБанка, Стопанска банка а.д. Битола, Централна кооперативна банка, како и Развојната банка на Северна Македонија.
Кога станува збор за малите банки, пак, нивната профитабилност е слична, односно само за 200 илјади евра е повисока во 2020 година, кога вкупно изнесувала 2,4 милиони евра, наспроти 2,2 милиони во 2019 година.
(Соопштение на НБРМ пренесено преку bankarstvo.mk – опремата е на Глобус)