Потпишана Спогодба за отворање на преминот Маркова нога-Лемос кај Преспа. За долнодупенци соседното село, со кое своевремено менувале зетовци и невести е оддалечено само два километри
Македонско-грчкиот граничен премин Маркова Нога – Герман не е во функција веќе половина век, а најавата од Давос на грчкиот премиер Алексис Ципрас на средбата со премиерот Зоран Заев за отворање на преминот жителите од Преспа ја дочекаа со оптимизам, но без големи очекувања
Шефот на дипломатијата Никола Димитров и алтернативната министерка за надворешни работи на Грција, Сиа Анагностопулу денеска во Скопје потпишаа Спогодба за отворање на нов граничен премин во регионот на Преспанското езеро, Маркова нога – Лемос.
Како што соопшти МНР, ова е прв договор потпишан меѓу Северна Македонија и Грција, согласно одредбите од Конечната спогодба, со кој се очекува дополнителен развој во односите, интензивирање на комуникацијата и севкупен развој на Преспанскиот регион.
На средбата со Анагностопулу беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави. Посебен акцент беше ставен на имплементацијата на Преспанскиот договор со цел осмислување и развивање на сеопфатна и интензивна соработка во сите области, чија што крајна цел се позитивни, видливи и конкретни резултати во полза на граѓаните на двете земји. Беше рaзговарано и за поддршката што Грција и ја дава на нашата земја во контекст на евроинтегративниот процес.
Ова е прва посета на министерот Сиа Анагностопулу надвор од Грција по нејзиното преземање на функцијата алтернативен министер за надворешни работи, што ја отсликува важноста што Владата на Грција и ја дава на односите со Република Северна Македонија, стои во соопштението на МНР.
Спуштена рампа до половина коловоз со прицврстен знак стоп може да се затекне на македонско-грчкиот граничен премин Маркова Нога – Герман, кој не е во функција веќе половина век. Другиот дел од коловозот е прооден само за вработени во полициската станица од македонска страна. Движење понатаму не е дозволено, па не можевме да видиме каков е ситуацијта на грчка страна. За да се избегне нелегално минување на границата, останатата површина крај преминот е преградена со бодликава жица.
Преспанци се жалат дека најблиското село Роби на грчка страна им е на два километри, а за да стигнат дотаму треба да минат 150 километри, односно да вратат околу преку другиот премин Меџитлија
„Се согласивме со премиерот дека разговорите за мерките за градење доверба што почнаа со иницијативата на Грција во 2016 треба да се интензивираат, мерки кои се особено важни во областа на енергијата, траспортот и меѓурегионалниот контекст, а најважна е отворањето на преминот во Преспа, проект од особена важност за регионот“, рече Ципрас по средбата со Заев во Давос.
Преспанци велат дека во минатото надежите многупати им ги подгреале политичарите, но сѐ останало на зборови. Додека чекале таквиот потег да донесе економска преродба во крајот, селата им се испразниле.
Сѐ било поинаку до 1967, кога границата кај Маркова Нога можела да се мине со потврда што се добивала на преминот
„Крајно време е да се оствари ветеното за да ни преживеат селата. Отворањето на преминот би значело економски развој. Ова овде е мртва точка, како крај на светот. Право не се оди, само назад. Бидејќи жителите од селата претежно со заминаа, барајќи работа во Скопје, можеби ако се развие туристички местото ќе се вратат и ќе работат тука. Последното село на македонска страна Долно Дупени имаше 700 жители, а денес 120. Имаме училиште со тројца ученици“, вели Зоран Димовски, сопственик на продавница во Долно Дупени.
Преспанци се жалат дека најблиското село Роби на грчка страна им е на два километри, а за да стигнат дотаму треба да минат 150 километри, односно да вратат околу преку другиот премин Меџитлија. Сѐ било поинаку до 1967, кога границата кај Маркова Нога можела да се мине со потврда што се добивала на преминот. Тогаш и сватови минувале преку граница, луѓето од двете страни на Езерото се мажеле и женеле меѓусебе.
„Порано си идевме, си одевме со соседните села. Купувавме од таму украсни работи, чаршафи за маси, светилки, облека. Од селата Љубојно и Дупени без пасоши ја минуваа границата, пограничен промет тоа се викаше. Идеа и тие кај нас. Од тука купуваа различни работи, салами, шеќери. Ги оставаа да пренесат одредена количина преку граница. Свадби се правеа, се мешаа луѓето “, вели Михајло Диневски од Долно Дупени.
Сепак, во 1967 Грција донела политичка одлука и го затворила преминот.
Да потсетиме дека тоа е годината во која во Грција имаше вое удар а власта ја зедоа полковниците.Првите најави дека пак ќе проработи беа во 1999, на средбата на министрите за надворешни работи на Грција и Македонија Јоргос Папандреу и Александар Димитров. Во 2009, Антонио Милошоски како министер за надворешни работи упати писмо до грчката колешка Дора Бакојани со барање за отворање на преминот. Но, таа го одби. Пред три години, шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас рече дека нема да се сруши вселенски брод ако се отвори преминот. Најновото ветување го даде грчкиот премиер Ципрас на 24 јануари.
Македонија поготвена очекува Грција да го исполни ветувањето. До граничниот пермин води пат, кој пред две години беше преасфалтиран и е во добра кондиција иако има само две ленти. На него поставена е потребната хоризонтална и вертикална сигнализација, изградена е бензиска пумпа, пред сама граница има угостителски објект со храна за патници.
Се чека само Грција да направи конкретен чекор кај Маркова Нога.