Хан е за почеток на подготвителна фаза за преговори со Северна Македонија. Но тој потсетува дека преговорите за приклучување со Хрватска траеле осум години и дека тој не смета оти со другите земји преговорите би биле пократки, туку претпоставува дека „најверојатно ќе траат подолго“.
Треба да се почне со подготовките за преговори за приклучување на Северна Македонија во ЕУ, изјави неодамна еврокомесарот Јоханес Хан пред Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент.
Северна Македонија е единствена земја во регионот која сега нема отворен билатерален спор, оцени еврокомесарот за проширување Јоханес Хан пред европските пратеници и се заложи за почеток на подготовителна фаза за преговори на земјата со ЕУ:
„Мора да се има предвид долгорочната перспектива. Ние како Комисија на крајот на мај ќе го презентираме нашиот годишен извештај за напредокот, односно ситуацијата во секоја земја од регионот, плус Турција. Претпоставуваме дека, врз основа на она што го набљудуваме, ќе дадеме официјална препорака за почеток на подготовките за преговори за приклучување, како со Северна Македонија, така и со Албанија. Тоа ми се чини повеќе од соодветно, особено по позитивниот развој во Северна Македонија. Уште пред една година имавме позитивен принципиелен став на 25 до 26 земји по ова прашање и сега прашањето на името е во доволна мерка решено и според мене треба и мора да го преземеме наредниот чекор.“
Хан потенцираше дека кога партнерите ги исполнуваат задачите и критериумите, „тогаш и ние треба да го исполниме она што е неопходно, зашто тоа е прашање на нашата веродостојност“: „Ако партнерите си ги исполниле условите за почеток на преговори, тогаш и ние треба да реагираме позитивно.“
Обраќајќи им се на оние кои изразуваат загриженост дека дел од земјите кои претендираат да станат дел од ЕУ можеби веќе набргу ќе бидат дел од европското семејство, Хан рече дека преговорите за приклучување со Хрватска траеле осум години и дека тој не смета оти со другите земји преговорите би биле пократки, туку претпоставува дека „најверојатно ќе траат подолго“.
Врз основа на искуствата од претходните проширувања, рече Хан, „не е доволно нашите партнери само да носат закони“, туку тие закони треба и „да се спроведуваат“: „На пример, во делот на борба против корупцијата сите овие земји имаат закони кои одговараат на нашите стандарди, но прашање е како тие се спроведуваат“, нагласи тој.
Еврокомесарот во одговорите на прашањата кои му ги поставија пратениците во ЕП се осврна и на прашањето на едногласноста која е неопходна за носење одлуки во ЕУ. Тој рече дека е длабоко уверен оти „конечната одлука за тоа дали една земја треба да добие полноправно членство треба да биде донесена едногласно, затоа што станува збор за фундемантално прашање – дали ќе го проширам семејството или не“ и дека тоа веројатно треба да важи и на почетокот, при одлучувањето за почеток на преговори, но дека во фазата помеѓу, односно додека траат преговорите, можеби треба да се размисли за носење одлуки со квалифицирано мнозинство, зашто „ние една третина од времето трошиме во убедување една или две земји во некој од заклучоците“.
Македонија може да стане лидер на Западниот Балкан во процесот на пристапување кон ЕУ, а доколку се започне со реализација на реформите, ни 2025 година не е предалечен датум, вели во интервју за весникот Велт, ЕУ комесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан.
„Датумот 2025 е индикативен, но доколку се интензивира спроведувањето на реформите, тој е реалистичен. Но, пред влезот мора да бидат исполнети сите услови за членство, нема никакви ‘кратенки’. Притоа ќе се водиме од девизата: Квалитет пред брзина“, вели Хан.
Тој во разговорот објаснува дека решавањето на спорот за името испраќа вистински сигнал дека е можно помирување на Западниот Балкан, и може да има позитивен ефект и врз решавање на конфликтот меѓу Србија и Косово, за на крајот да доведе до пробив и во процесот на приклучување на земјите од Западниот Балкан во ЕУ.
„(…) Од две причини. Прво: Земјите членки на ЕУ го застапуваат ставот дека влезот на земјите од Западниот Балкан има смисла само доколку можат да бидат примени сите шест земји. Решението за Северна Македонија го прави ова сценарио далеку поверојатно. Второ: На Балканот има еден вид позитивна конкурентност, кој ќе ги направи најбрзите чекори. Долго време тој процес го предводеа Србија и Црна Гора, но сега тоа можат да бидат и Македонија и Албанија“.
Европската Унија уште лани, на самитот во Софија свечено го повтори ветувањето до Западниот Балкан – она за блиски врски и пристапна перспектива. Но, веќе се јавуваат нови грижи. Од една страна, одредени балкански влади се прашуваат дали ветувањата на западните партнери од ЕУ и НАТО воопшто нешто вредат. Од друга, се разгорува и самиот регион каде заговорниците и противниците на ЕУ влегуваат во нови битки.
Германската канцеларка Ангела Меркел постојано предупредува дека пред влезот во ЕУ мораат да бидат решени територијалните конфликти. И минатиот понеделник таа рече дека границите во регионот не се тема на разговор.
„Мораме да го повторуваме ова, затоа што одвреме-навреме се случуваат обиди да се разговара за границите. Не можеме да го правиме тоа“, рече Меркел.
На прв поглед изненадувачки е тоа што денес, значи две децении од крајот на балканските војни, воопшто се зборува за границите во регионот. Тоа е иницирано од загриженоста дека токму Албанија со прозападниот премиер Еди Рама би можела да го потпали политичкото буре барут. Бидејќи Албанија и поранешната српска покраина Косово сакаат на почетокот на следната година целосно да ги укинат меѓусебните граници.
Тоа во другите екс-југословенски републики го храни стравот од „големоалбански“ национализам. Бидејќи тоа би имало влијание и врз Македонија со нејзината бројна албанска заедница.
Дебатата за ново исцртување на границите се шири и во Србија. Претседателот Александар Вучиќ во игра ја стави размената на територии меѓу Србија и Косово за да ги реши сѐ поголемите проблеми на српското малцинство на северот на Косово.
„Но, секоја промена на границите во регионот е многу опасно“, предупредува Улф Брунбауер, директор на Институтот за југоисточна и источна Европа на Универзитетот во Регензбург. Во таков случај, додава тој, и Србите во Босна и Херцеговина би можеле да почуствуваат охрабрување и да се залагаат за обединување со Србија.
Фрустрации на Балканот
Брунбауер, но и бројни дипломати во Брисел гледаат врска меѓу политиката на ЕУ и повторното избивање на дебатата за границите. „Степенот на фрустрација меѓу проевропските елити е доста висок“, посочува Брунбауер. Причината е, смета, тоа што ЕУ едноставно не го почитува дадениот збор.
Токму блиските партнери на Германија, како Франција и Холандија, ја спречуваат ЕУ да отвори преговори со Албанија и Македонија, иако и двете земји, според проценките на Европската Комисија, ги исполнуваат сите критериуми. Сепак, претседателот Емануел Макрон го прогонува внатрешнополитички страв дека дебатата за проширувањето на ЕУ би можела да ги засили десничарските популисти на европските избори во мај следната година.
„Тоа ги засилува сомнежите на државите во регионот во тоа дали ветувањата на ЕУ воопшто нешто вредат“, ги опишува Брунбауер последиците. Албанскиот премиер Рама претходно во интервју за Ројтерс предупреди на катастрофални последици доколку ЕУ се откаже од ветувањето за проширување.
Москва и Пекинг се подготвени
Ни американскиот претседател Доналд Трамп не е од голема помош. Неговата забелешка за наводно „агресивниот народ“ во Црна Гора, отвори прашања кај новата членка на НАТО прашања за тоа колку суперсилата САД сериозно го сфаќа правилото дека во случај на опасност за една членка на сојузот, сите останати мора да се ангажираат.
„Може да се предвиди дека земји како Русија ќе влезат во вакумот кој го остава ЕУ“, вели Брунбауер. Официјална Подгорица јавно се жалеше на грубото мешање на Русија во земјата.
Отрезнување стигнува и од други страни. Кина до неодамна беше гледана како извор на финансиска помош. Само ден пред посетата на кинескиот премиер Ли Кечианг во Берлин, тој во Софија учествуваше на т. н. Самит 16+1. На него, кинеското раководство редовно се среќава со бројни јужноевропски членки на ЕУ и земји кои не се членки.
Официјално се работи за инфраструктурни проекти, но според некои сфаќања на бриселски дипломати, секако и за прашањето како Кина ќе стапи на европско тло. Во ЕУ тој ангажман на Пекинг се набљудува со скепса, иако Ли во текот на посетата на Берлин се обидуваше да го ублажи тој впечаток.
Но, токму еден проект во Црна Гора служи како предупредување дека Кина во сето и тоа како гледа корист за себе. Така, Кина финансираше само дел од автопатот кој треба да ја поврзе Црна Гора со Србија. Но, за вториот дел Црна Гора треба фобро да се задолжи кај Кинезите. Таа нова финансиска зависност, сметаат во ЕУ, и ја отвора вратата на Кина. Црногорскиот премиер Душко Маровиќ веќе говори за потесна соработка со Кина во областа на туризмот и енергетиката.