Доколку ВМРО-ДПМНЕ не сака да биде на страната на европеизацијата, ќе го запре патот кон ЕУ е став на странските наблудувачи на домашните политички прилики
Северна Македонија е наш сосед и стратешки интерес на Бугарија треба да биде заедно да бидеме дел од НАТО и ЕУ на Балканот. Ова е иднината, изјавил бугарскиот европратеник Илхан Ќучук во интервју за „БНР“ пред актуелната расправа во македонското Собрание за уставните измени.
Според него, нема да има промена на ставот на ЕУ – нема желба, ниту ЕК и Советот ќе се заложат за промена на правилата неколку месеци пред европските избори.
Правилата се такви, тие се договорени и сите мора да ги почитуваат. Второ- нема да има подобар предлог, затоа што ова е најдобриот. Никој не му ги извртува рацете на Скопје, никој не поставува дополнителни услови. Ова не е никаков бугарски диктат, туку ова се европските правила кои Северна Македонија мора да ги следи, коментира Ќучук.
Европратеникот тврди дека изборот е исклучиво на нашата држава.
Доколку ВМРО-ДПМНЕ не сака да биде на страната на европеизацијата на РСМ, одговорноста е на партијата, но за жал, тоа ќе го запре патот на Северна Македонија кон ЕУ, за време кое нема да биде многу кратко, категоричен бил Ќучук.
Тврди дека сосема е реално Албанија да се одвои од пакетот со Северна Македонија на патот кон ЕУ.
Политичарите да не се мешаат во историјата, категоричен е европратеникот.
Историјата треба да се остави во рацете на историчарите, а политичарите треба да гледаат во иднината. Денешните политички елити на Бугарија и Северна Македонија имаат многу различни работи да одлучуваат кога зборуваме за иднината. Тука се вклучени деловни односи, култура, образование – сè што мора да се направи за да можат двете земји да се зближат како земји, имајќи го предвид нивното заедничко минато, да бараат заедничка иднина во рамките на ЕУ. Тоа е во интерес на двете земји, рекол Ќучук, кој признал дека постојат тензии меѓу двете соседни земји.
„Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со недавање на зелено светло за проширување на уставот односно надополнување на Уставот, всушност ја покажува својата слабост на недостаток на сопствена стратешка идеологија“ – вели во изјава за Фронтлајн, поранешниот амбасадор на Северна Македонија во НАТО, Нано Ружин.
ВМРО ДПМНЕ колку што знам имал многу свои светли моменти, прогресивни за европеизацијата на државата, но во овој актуелен случај со недавање на зелено светло за проширување на уставот, односно надополнување на Уставот, всушност ја покажува својата слабост на недостаток на сопствена стратешка идеологија. Ни СДСМ не може да се пофали со некоја развиена идеологија, бидејќи сè се сведе на практицизам, на праксиологија. Меѓутоа во случајов сепак, ВМРО-ДПМНЕ е против уставните измени, а вообичаено во политиката кога сте за нешто против, мора да кажете зошто и што предлагате, значи за нив единствената алтернатива се предвремени парламентарни избори. Кога би имале еден народ со висока политичка културна свест, никогаш не би прифатиле да гласаат, се разбира освен овие што се членови, за таква политичка партија, нагласи Ружин.
Кратко, јасно и недвосмислено, американската амбасадорка Ангела Агелер, во интервју за Канал 5, изјави дека подобра рамка за преговори не е можна и дека тврдењата дека некој може да го репреговара договорот и дека е можен подобар договор – се лажни вести.
„Лажна вест е тоа дека некој може да го репреговара договорот постигнат минатото лето. Тоа е лажна вести. Исто така, лажна вест е дека е можен подобар договор кој сè уште не сме го откриле“, рече американската амбасадорка.
Неодамана евроамбасадорот Дејвид Гир изјави дека доколку се спроведат уставните измени, тогаш следниот чекор ќе се случи автоматски, без можност за вето и дополнителни одлуки.
– Гледаме дека во земјата има голема поларизација меѓу политичките партии. Скоро сите политички партии јавно кажуваат и повторуваат дека се посветени на патот кон Европската Унија. Сепак, кога се работи за практична соработка, да речеме околу законодавство, со што земјата би напредувала и би било од корист за граѓаните, таа соработка не ја гледаме, нагласи Гир.
Инаку, рекордни 81,10 проценти од македонските граѓани доколку се одржи утре Референдум за членство во Европската унија би гласале Северна Македонија да стане членка, а само 11,20 проценти би гласале против.
Ова го покажуваат податоците од објавеното Европско општествено истражување, кое беше презентирано во април 2023 година, во кое за првпат учествуваше и Северна Македонија. Станува збор за голема компаративна анкета која се спроведува повеќе од 20 години во Европа. Последниот бран од истражувањето беше спроведено на крајот на 2021 и почетокот на 2022 година од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања од Скопје, преку теренска анкета на примерок од 1.429 испитаници. Во последното истражување ставовите на македонските граѓани се споредуваат со ставовите на 24 европски држави.
– Исто така истражувањето покажува дека Во Северна Македонија има поголемо расположени да се биде дел од ЕУ отколку во Швајцарија и Норвешка, поточно компаративната анализа покажува дека доколку утре се одржи референдум во врска со членство во Европската Унија, само 12 проценти од жителите на Швајцарија би гласале за, односно 22,90 проценти од жителите на Норвешка. Исто така истражувањето покажува дека во Србија е многу помал процентот на желба за членство во ЕУ, поточно само 46,40 проценти од граѓаните се за, додека пак 36,90 се против.