Џина добро ги искомбинира своите креативни потенцијали. Иако малку се знае, таа е една од најголемите добротворки во својата земја а се’ што имаше вредно го даде за нешто што требаше да донесе полза за сите на планетата. Умееше да го сочува семејството од погледите на јавноста. И секако, остави импозантен опус зад себе. Убавината не мора да носи среќа, но со сите свои дејности таа му даде многу на светот
Да, убавината на некои ѕвезди не венее бргу, дури и кога тие ќе стигнат до пристојна бројка на години. Луиџина, позната како Џина Лолобериџида почина неодамна на 95 години. Заедно со врсничките Клаудија Кардинале и Софија Лорен тие беа трите европски убавици како контрапункт на она што доаѓаше од Холивуд и што, секако, делуваше блаизирано и некако вештачки.
Она што ја издвојува неа од колешките е што таа имаше повеќе преокупации. Вајарството, што ќе признаете е доста тешка, да не речеме и машка дисциплина и фоторепортествиото Практично, филмот го напушти релативно рано, за сегашни поими, во 60-тите години. Во 1970-тите, таа направи интервју со Кастро и секако, немаше маж на планетата кој не му завидуваше на фактот што беше тоолку близу до неа. Продолжи активно да поддржува голем број италијански и меѓународни движења движења, особено Националната италијанско-американска фондација (NIAF). Во 2008 година, ја доби наградата за животно дело NIAF на церемонијата на јубилејната годишнина на фондацијата. Во 2013 година, таа ја продаде својата колекција на накит и донираше речиси 5 милиони долари од продажбата за истражување за терапија со матични клетки.
Риодена е во Субако, гратче оддалечено околу педесет километри од Рим, како втора од четирите ќерки на Џузепина и Џовани Меркури. Џинета, како што ја нарекувале нејзините родители, била тврдоглаво и упорно дете: веќе на предучилишна возраст, таа ги замолила своите родители да има своја соба, поголемата, додека нејзините сестри Џулијана, Марија и Фернанда ја делат другата. Била многу добра ученичка: покрај одличните оценки, се издвојувала и по смислата за уметност, па веќе била во драмскиот оддел во одделенијата на основното училиште, а во црковниот хор почнала да пее на 10- годишна возраст. По завршувањето на војната, во која семејството се преселило во малите градови околу Рим за подобро да го издржи општата глад и сиромаштија, Џина решила да го продолжи своето образование. Таа избра скромна стипендија и влезе во Академијата за ликовни уметности во Рим во 1945 година.
Бидејќи нејзиниот татко и мајка не биле во можност финансиски да и помогнат, таа се снашла најдобро што знаела: позирала како модел, а потоа, поради можноста за заработка, во 1947 година се пријавила на изборот за Мис на Италија. Иако публиката најентузијастички ја поздравила кога излегла на пистата, таа го освоила третото место на тој натпревар. (Првата била Лусија Бозе, која исто така станала позната актерка, но главно по бракот со легендарниот шпански тореадор Домингуин). Иако не ја однесе дома лентата на Мис Италија, прекрасната убавина на Џина не останала незабележана: таа веднаш почнала да добива филмски понуди. Тоа не било само ерата кога италијанските режисери масовно ги земале натуришците, туку и времето – по војната – кога италијанската филмска индустрија го доживеа својот најголем подем: сите што значеа нешто во светот на филмот се собраа во Чинечита, филмски град во околината на Рим, каде секоја година се снимале околу стотина филмови. Иако дошла во Вечниот град со сосема различни планови – да студира ликовни уметности – Џина Лолобриџида не се спротивставила на новите можности: во 1946 година, таа прифатила мала улога во филмот Aquilla nera (Црн орел), бидејќи хонорарот, според нејзините тогашни стандарди бил астрономски – 1.000 лири дневно. Сè уште не размислувала за филмот како животен избор, иако добила уште неколку помали улоги, толку мали што нејзиното име не се појавило на шпицата. По изведбата во екранизацијата на операта на Доницети, Луција де Ламермур (1947), таа сфатила дека би било непромислено да ги троши можностите што и се укажале.
На пречекот на 1947 година, таа го запознала Милко Шкофич, млад словенечки лекар, кој работел во Меѓународната организација за бегалци (ИРО), чие седиште се наоѓа во близина на студиото Чинечита. Џина и Милко се венчале на 14 јануари 1949 година. Церемонијата била нетипична: во малата црква на 2000 м. надморска височина на планината Терминило во околината на Рим, младенците си ги размениле венчалните прстени во скијачки одела. Милко Шкофич брзо сфатил дека неговата сопруга има ветувачка кариера и дека треба внимателно да се води, па една година по свадбата ја напуштил медицината и и’ станал менаџер на Џина.
Во 1947 година ја добила својата прва, иако мала, улога. Станувашло збор за филмот Follie per l’opera во режија на Марио Коста, во кој настапи познатиот баритон Тито Гоби. Пред тоа, Џина веќе се појавила во филмот на „Љубовен еликсир“, филмска адаптација на истоимена опера. и со истиот оперски пејач. Филмот бил прикажан не само во САД (каде што името на Џина било напишано како Лоло Бриџида), туку и во Советскиот Сојуз, како прв западен филм по Втората светска војна.
А кога следната година на Џини и била понудена улога во филмот—опера „Палјачи“ на авторот Марио Коста, таа побарала хонорар од милион лири, незамисливо висока сума во тоа време. Но, Коста се согласил. Иако филмот наишол на млак прием, критиките во весниците биле полни со написи за „неповторливата убавина“ на Џина. По следните филмови („Невестата не може да чека“, „Алина“, „Срца без граници“), почнало да се пишува дека Џина Лолобриџида, а не веспа, е топ извозен производ во Италија. И не требаше долго да се јават од Холивуд. Филмскиот магнат Хауард Хјуз ја контактирал и така Лоло пристигнала во филмот „Мека“ во 1950 година.
Хауард Хјуз дошол во нејзиниот стан по полноќ со целиот оркестар, ги замолил да танцуваат до зори и по три месеци и понудил договор на англиски јазик. Таа одбила да се потпише додека не го добие преводот. Богатиот ексцентрик се навредил поради тоа, па Џина следниот ден ги спакувала куферите и се вратила во Рим.
Италијанските режисери веднаш ја опсипле со понуди, па за само неколку години (во раните педесетти) снимила десетина филмови, од кои некои ја одбележаа нејзината кариера: „Градот се брани“, „Фанфан ла Тулипе“ со познатиот Жерар Филип, „Леб, љубов и фантазија“, потоа „Римјанка“ според романот на Алберт Моравија, „Жена за една ноќ“……
Научила француски и англиски, што и помогнало да стане една од најбараните европски актерки и набрзо почнала да освојува награди. Првата, и омилена на Џина, и беше Викторија, која ја освои во Франција во 1953 година како „најдобра странска актерка“. Таа ја доби истата награда следните две години.
Популарноста на Џина во Европа беше огромна: таа предизвикуваше возбуда каде и да се појави. Нејзиното излегување од хотелот на фестивалот во Кан во 1953 година предизвика таков хаос што мораше да интервенира и полицијата. Повредени беа неколку полицајци. Сите се восхитуваа на нејзината убавина, но и дадоа признание за нејзината глума и пеење. По филмот „Најубавата жена на светот“, екранизација на животот на Лина Кавалиери, актерка и пејачка од ерата на Бел епок, во кој таа пееше арии од операта Тоска, познатата Марија Калас не можеше да поверува дека на Џина пеењето не беше синхронизирано. За улогата во тој филм, која беше во сезоната 1955/1956 година. беше најгледана во Италија, Џина Лолобриџида ја доби престижната награда Давид ди Донатело и беше прогласена за најдобра актерка на годината. Ја примија претседателите Хуан Доминго Перон,Фидел Кастро, Тито,. крунисаните глави КАКО Елизабета Втора и други функционери.
Откако во 1956 година ги сними „Трапез“ (со Тони Кертис и БЕрт Ланкастер) и „Грбавецот од Нотр Дам“ (со Ентони Квин), и стана речиси невозможно да излезе во јавност. На филмскиот фестивал во Венеција, полицијата буквално ја извади од хотелот кој беше блокиран од илјадници обожаватели. И покрај се, Џина Лолобриџида не стана арогантна: призна дека им ги испраќа сите фустани на сестрите откако неколку пати ги облекла и дека се уште се грижи за нејзиниот татко и мајка.
А во почетокот на 1957 година објавила дека чека дете. Малиот Андреја Шкофич е роден на 27 јули 1957. Шест дена по породувањето, Џина во придружба на нејзиниот сопруг тајно излегла од болница со детето во два часот по полноќ и пристигнало во вилата каде што се било подготвено да го пречека „најпознатото италијанско бебе”. Актерката нарачала реставрација на лулка од 18 век за нејзиниот син, за што платила 20 милиони лири. Во следните недели вилата била преплавена со подароци од целиот свет, а родителите сите ги испратиле во римски сиропиталишта.
Џина продолжила да работи. Во октомври, таа се појави во Лондон и ги започнала подготовките за филмовите „Ана од Бруклин“, „Законот“ (во кој била партнерка на Марчело Мастројани и Ив Монтан) и „Саломон и кралицата на Шеба“ со Жил Бринер.
Иако се чинеше дека популарноста на Џина Лолобриџида не може никој да ја засени, сепак тоа се случи. На италијанското филмско небо блесна нова ѕвезда – седум години помладата Софија Лорен. Публиката беше поделена: обожавателите на наполитанката мислеа дека Џина е премногу ладна и воздржана, па дури и ја нарекоа Лолофриџида, додека обожавателите на Џина видоа само вулгарна сексипилност во Софија Лорен.
Во седумдесеттите години на 20 век, Џина Лолобриџида сè уште снимаше, но тоа сè помалку ја привлекуваше. Таа тврдеше дека модерната кинематографија не е она што беше, дека техничките ефекти ја заменуваат целата магија на филмот и се сврте кон друга уметност – фотографијата. Иако дотогаш таа веќе учествуваше на бројни аматерски натпревари за фотографија, нејзината страст за фотографија достигна такви размери што стана нејзина главна дејност.
Една година патувала низ Италија (секогаш маскирана, за фановите да не ја препознаат и вознемируваат) и направила повеќе од 20.000 фотографии, од кои избрала двесте за својата прва книга: Italia mia. Првото издание било буквално распродадено, а актерката добила понуда на која не можела да одолее: Имелда Маркос, сопругата на филипинскиот претседател, (во нејзината земја позната како „железната пеперутка“) нарачала книга со нејзините уметнички фотографии за Филипини. Џина работела на неа две години и во 1976 година објави две книги: Филипини и Манила. Бидејќи Маркос наскоро бил соборен, таа никогаш не го добила ветениот хонорар од еден милион долари по книга.
На другата страна на светот, на шармот на Џина му подлегна уште еден државник: Фидел Кастро. Лолобриџида снимила документарец за него.
Неколку децении откако престана да работи пред камерите, таа се враќа пред нив двапати годишно: на Балот на розите и на Балот на Црвениот крст во Монте Карло. Живеше во Рим, во својот луксузен дом, а зимскиот дел од годината го поминуваше во својата вила во швајцарски ски-центар.
Џина добро ги искомбинира своите креативни потенцијали. Иако малку се знае, таа е една од најголемите добротворки во својата земја а се’ што имаше вредно го даде за нешто што требаше да донесе полза за сите на планетата. Умееше да го сочува семејството од погледите на јавноста. И секако, остави импозантен опус зад себе.