Демократот Џо Бајден го победи актуелниот претседател Доналд Трамп и стана 46 претседател во историјата на САД. За прв пат во оваа земја победениот кандидат не сака да го признае поразот и најавува правна битка
По тридневна несигурност поради долгото броење на гласовите од изборите, 77-годишниот Бајден конечно го премина прагот од 270 освоени електорски гласови потребни за победа на претседателските избори. Тој дотогаш освои рекордни 74 милиони гласови, иако броењето на гласовите во некои држави се уште трае.
Сега е време за Америка да „се обедини“ и да „заздрави“, порача Бајден откако победата во сојузната држава Пенсилванија му ги даде потребните гласови за влез во Белата Куќа.
„Сега кога кампањата заврши, време е да се тргнат настрана лутината и острата реторика зад нас и да се обединиме како нација“.
„Ние сме Соединетите американски држави. Нема нешто што не можеме да го направиме, доколку го правиме заедно“. Во изјавата Бајден не го спомена неговиот ривал Доналд Трамп, кој досега не го призна поразот и најави правна битка.
„Сите знаеме зошто Џо Бајден брза за лажно да се претстави како победник, и зошто неговите медиумски сојузници се обидуваат да му помогнат: тие не сакаат да се дознае вистината“, порача преку соопштение Трамп најавувајќи дека не ги признава резултатите.
„Овие избори не се завршени. Џо Бајден не е потврден како победник во ниту една држава, а не пак во државите каде што исходот е многу тесен и каде ќе се оди на пребројување или државите каде нашата кампања има легитимни правни жалби“, вели Трамп.
Со поразот, Трамп стана третиот претседател на САД по Втората светска војна кој ги загубил изборите по првиот мандат. Друштво му прават Џими Картер и Џорџ Буш постариот.
Во повеќе американски градови, меѓу нив и Њујорк, Вашингтон и Филаделфија низ улиците се слави победата на Бајден, односно поразот на Трамп.
Истовремено, и Камала Харис испиша историја со тоа што стана првата црна жена потпретседател на САД. 56-годишната сенаторка од Калифорнија е и првата личност од јужноазиско потекло која е избрана на толку висока функција во земјата.
Гласовите од претседателските избори во клучните држави сѐ уште не се пребројани. Но актуелниот претседател Доналд Трамп веќе се обидува да креира случај. „Ние победивме на изборите“, рече Трамп вчера пред своите приврзеници. Но, и нему треба да му биде јасно дека на крајот нема самиот да одлучува за изборниот исход.
Во неговото кусо обраќање по долгата изборна ноќ Трамп најави по кој пат сака да тргне за да остане во Белата куќа. „Одиме до крај во Врховиот суд”. Конечната одлука за изборот може да биде донесена таму.
Засега е нејасно што точно сака да изнесе пред судот актуелниот претседател. Неговата следна реченица гласеше: „Сакаме гласањето да запре.” Но, во времето на говорот гласањето беше секаде завршено.
Набљудувачите сметаа дека Трамп сака запирање на пребројување на гласовите испратени по пошта во надеж дека неговиот противкандидат Џо Бајден од демократите нема да го престигне во државите како Пенсилванија и Мичиген.
Објавата на конечниот резултат секогаш е подолг процес
Елен Вајнтрауб од Државната изборна комисија уште во вторникот за СиЕнЕн, изјави дека нема да има конечни резултати до крајот од изборниот ден. „Никогаш досега не сме имале конечни резултати на крајот од изборниот ден, тие доаѓаат секогаш неколку недели подоцна“. Најважно е да се пребројат сите гласови, рече таа.
А за тоа е потребно време. Според проверката на фактите која ја направи Дојче Веле, 21 држава прифаќа гласови испратени по пошта дури и ако на пликот има датум од 3 ноември 2020. Меѓу нив се и државите Пенсилванија, Невада и Северна Каролина, каде се уште не се до крај избројани гласовите. Временското ограничување варира од држава до држава. Според податоците од Националната конференција за државно законодавство, Калифорнија прифаќа вакви пратки и до 17 дена по изборниот термин.
Најавата на Трамп ги враќа сеќавањата од 2000-та година. Тогаш се водеше жестока битка околу Флорида. Ал Гор, во тоа време потпретседател и демократ, според првото пребројување на гласовите заостануваше само околу 1800 гласа зад Џорџ В. Буш, кандидатот на Републиканците. Според изборното право во САД – во сите сојузни држави – гласовите од една држава одат на контото на кандидатот кој таму освоил просто мнозинство. Тоа значеше дека резултатот од Флорида ќе биде одлучувачки за изборот на иден претседател, бидејќи во поделбата на гласовите од другите држави, Гор и Буш беа речиси израмнети.
Ал Гор кој всушност веќе му ја честиташе изборната победа на својот противник но побара повторно пребројување на гласовите во Флорида. Законот го дозволува ова кога се работи за тесна победа. Предноста на реепубликанецот се намали на помалку од 1.000 гласови. Со секое следно пребројување растеа надежите на Гор за претседателската позиција. Армија адвокати беше ставена во погон, беше поднесена жалба до Врховниот суд во Флорида, и на крајот до Врховниот суд на САД.
На 12 декември 2000-та судиите одлучија: при рачното пребројување на гласовите во Флорида не е применет единечен стандард. Ново пребројување не доаѓа предвид. Со тоа највисокиот суд во државата го направи Џорџ В. Буш претседател.
Сценарио кое може да се повтори во слична форма? „Да, сигурно постојат сличности“, вели поранешниот германски амбасадор во Вашингтон, Петер Витинг во разговор за ДВ. „Знаеме дека има речиси 400 претставки во регионален контекст, кои ќе завршат во различни судови. Така што мора да се подготвиме за правна битка меѓу двете страни.“
Брус Акерман, експерт по уставно право и професор на правниот факултет на Јеил, не верува дека Врховниот суд ќе одлучува за изборниот исход на ист начин како во 2000-та. Пред изборите тој за ДВ изјави: „Ќе има тесна битка не само во една сојузна држава, туку најмалку во шест до осум. Речиси е невозможно Врховниот суд да интервенира во шест до осум држави.“
Нашата проверка на фактите меѓу другото покажа: Трамп невнимателно избрза со изјавата дека ќе оди до Врховниот суд. Тој дури не може директно да му се обрати на Врховниот суд. Сите правни прашања мора прво да поминат низ судовите на сојузните држави, објаснува Акерман.
Витиг посочува уште една голема разлика во однос на 2000-та: „Се сеќаваме дека Гор во еден момент се откажа и го напушти теренот како фер губитник.“ Гор во преден план ја стави големата слика – стабилноста на демократијата. „Искрено се сомневам дека правната биитка овој пат ќе заврши правично како во 2000-та.“ вели тој.
Гласовите сѐ уште се пребројуваат. И сѐ уште е нејасно околу кои прашања може да се води правна битка, доколку никој од противкандидатите не признае пораз. Но, доколку дојде до пресметка во Врховниот суд како во 2000-та, Трамп може да биде сигурен дека таму конзервативните судии се мнозинство. Конечно само пред една недела стоеше до својата кандидатка Ејми Кони Барет кога таа положи заклетва како уставен судија.
Ќе донесе ли Врховниот суд политичка одлука? И тоа не е јасно. Тоа би бил чекор, кој би ја поткопал американската демократија и нејзините стогодишни институции. „Влегуваме во фаза на голема неизвесност во следните часови, а можеби и денови,“ вели поранешниот германски амбасадор во Вашингтон, Петер Витинг. „Прашањето е дали политичкиот процес може да продолжи по коректен и вообичаен тек, или процесот на пребројување ќе биде нарушен со одредени маневри.“ Американската демократија е соочена со тест за издржливост.