Нов Зеланд и светот се посиромашни за една млада, премлада за повлекување политичарка, која успеа да стане светска икона како протагонист на феноменот наречен „Џасинда-манија“
ИВОР МИЦКОВСКИ
Познатата фраза на британскиот политичар Енок Пауел гласи: „Секоја политичка кариера завршува со неуспех, освен ако не си заминеш додека си на врвот“. Веројатно е прерано да се каже дали ова мото ќе важи и за прогресивната Џасинда Ардерн, која вчера ја најави својата оставка од позицијата премиер на Нов Зеланд.
Тоа што е сигурно е дека после неполни два мандати, Нов Зеланд и светот се посиромашни за еден млад, премлад за повлекување политичар, кој успеа да стане светска икона како протагонист на феноменот наречен „Џасинда-манија“.„Немам сили да ја водам државата“, ќе изјави на шокантната и трогателна прес-конференција каде ќе додаде: „Заминувам бидејќи, со таква привилегирана улога доаѓа и одговорност. Одговорност е да знаете дека сте вистинската личност да ја водите земјата, но кога не сте“.
ГЛОБАЛНА ИКОНА Џасинда Ардерн со своите 37 години стана најмладата премиерка во светот, претворајќи се веднаш во симбол на светскиот прогресивизам, глобална икона на левичарските политики и еден вид на жив манифест за жените лидери во еден тежок и маскулинистички меѓународен контекст, дополнително затруен од популизмот, економската криза и пандемијата.
Ардерн го привлече вниманието на светските медиуми како прва жена која се породила за време на мандат по Беназир Буто, која три месеци подоцна ќе ја однесе својата ќерка на Генералното Собрание на ООН, која ќе облече хиџаб после масакрот на муслиманите во Крајстчрч, која со својат емпатичен лидершип и огромен капацитет за соочување со кризните ситуации ќе се наметне како еден вид на антипод на Трампизмот, популизмот и конзервативизмот.
„Биди силен, биди нежен“, ќе гласи нејзиното мото, нешто што ќе го применува постојано за време на своето владеење и што ќе го повтори и сега кога нејзината шестгодишна бајка делува како завршена. Премногу кратко време за оваа 42 годишна жена, на чија страна е сепак времето, за порано или подоцна да се врати.
Џасинда Ардерн е родена во Хамилтон, 1980 година, во работничко семејство. Порасната во Ваикато, на вулканскиот дел од Норд Ајленд, недалеку од локацијата каде е сниман филмот Господар на прстените. Нејзиниот татко бил полициски офицер, нејзината мајка кетеринг асистент во училиште. Ардерн студирала политички науки на универзитетот во Ваикато во Хамилтон. Најпрво била практикант кај Хелен Кларк, поранешниот премиер од редовите на Лабуристите, и потоа директор на развојната програма на ОН во ерата на Тони Блер. Во новозеландскиот парламент влезе во 2008 година.
Седум недели пред изборите во Нов Зеланд, во септември 2017 година, лидерот на Лабуристите Ендру Литл и сегашен министер за правда, на Ардерн ќе и го понуди раководството на партијата оддавајќи признание на нејзиниот талент и признавајќи го поразот на неговиот тим на претходните избори. Малкумина веруваа дека ќе успее да ги донесе прогресистите на власт после нивно повеќедецениско отсуство, но ќе успее правејќи коалиција со Зелените, благодарение на една ентузијастичка предизборна кампања, каде со мегафон во рацете, со нејзината искреност, симпатичност и спонтаност, ќе ги освои сите.
ЕФЕКТОТ ЏЕСИНДА Тука почнува и „ефектот Џасинда“ или „Џасинда-манијата“ како што ќе ја наречат медиумите, не само во Нов Зеланд, туку и во целиот свет, кој е фасциниран од женскиот и младешки лик полн ентузијазам. Ардерн го отсликува подемот на една нова генерација политичари кои будат надеж кај остатотокот од планетата, внесува нов здив во политиката и реформизмот залагајќи се заштита на животната средина, еднаквост на правата, борба против нееднаквоста. Се дефинира себеси како социјалдемократка, феминистка и републиканка, односно, антимонархист, етикета која претставува еден вид на фрактура со традицијата на Нов Зеланд, која како и сите поранешни британски колонии, како шеф на државата во тој момент ја има кралицата Елизабета.
Нејзината популарност дополнително расте по масакрот во Крајстрч, каде во две џамии беа убиени 51 луѓе. Меѓу жртвите од терористичкиот напад ќе се најдат и четири деца на возраст од 3, 4, 14 и 16 години. Во 120-члениот парламент, Ардерн ќе им оддаде голема почит на двајцата преживеани кои му се спротивставиле на напаѓачот, кој полицијата подоцна го уапси. Тогаш ќе изјави и дека никогаш нема да му го спомене името на убиецот во јавност, за да не ја постигне целта што ја посакувал. Прекриена со црн шал на погребите ќе му изрази солидарност на муслиманското малцинство, ќе ја води истрагата против исламофобичниот тероризам и ќе поднесе закон за ограничување на дозволите за оружје.
Во 2020 ќе се соочи со уште една криза на мошне убедлив начин, онаа со Ковидот, преку ригорозни мерки, затворање на границите и интензивна кампања за вакцинација. Благодарение на нејзиниот лидершип Нов Зеланд ќе биде една од земјите кои најдобро ќе ја ограничат пандемијата. Оттука, веќе истата година ќе биде реизбрана за премиер, овој пат без потреба од коалициски сојузи, освојувајќи најголемо мнозинство во историјата на Лабуристите. Новиот Парламент ќе биде и најразличниот во историјата на Нов Зеланд, со повеќе од половина жени пратеници и највисок број на пратеници од домородните Маври.
МЕТА НА КРИТИКИ Но, тука ќе почнат и проблемите за Ардерн. Додека нејзината светска популарност незапирливо ќе расте, дома ќе почне да се соочува со сѐ поголеми критики, борејќи се да докаже дека нејзиното водство е нешто повеќе од само соочување со кризни ситуации и политичка емпатија. Што поради кризата со домување, растечките трошоци за живот и хипотекарните каматни стапки, како и порастот на криминалот, ќе биде мета на критики и на опаѓачки рејтинг, иако и пред оставката и понатаму е попопуларна од политичките ривали. Радикалната левица ќе почне да ја критикува дека забегала премногу кон центристичките политики и покрај борбите за ЛГБТИ правата и правото на истополови бракови. Конзеративците ќе ја напаѓаат дека „ефектот Џасинда“ е само прашање на козметика, производ на нејзиниот изглед и младоста. Поради ригорозната нулта ковид политика и строгите ограничувања за невакцинираните, што дома, што меѓународно, Џасинда ќе стане една од главните мети на онлајн омразата, теориите на заговор, дезинформациите и личните напади. Заканите кон премиерката во последните 2 години ескпоненцијално ќе пораснат, особено од антиваксерсите групи.
Тензиите ќе експлодираат минатиот февруари кога група демостранти инспирирани од протестите во САД и Канада повеќе од три недели ќе кампуваат пред Парламентот, што евентуално ќе доведе до насилен судир со полицијата, а 120 демонстранти ќе бидат уапсени. Сцените од судирите ќе ја шокираат нацијата, ненавикната на такви изблици на насилство. Општеството ќе се подели помеѓу тие што ги обвинуваат демонстрантите и оние кои вината ја гледаат кај полицијата и Владата. Се верува дека протестите и притисокот од нејзините домашни и меѓународни критичари одиграле силна улога во нејзината одлука да се повлече. Конечно, и климатската активистка Грета Тунберг ќе ја обвини дека премалку направила против климатските промени и покрај големите ветувања.
На поле на меѓународната политика, дипломатијата и геополитиката, Џасинда сигурно не проаѓала најдобро на американскиот радар, кога САД во Индо-Пацификот и во судирот со Кина го гледаат следниот голем дуел за светската хегемонија. Надворешната политика на Нов Зеланд под Ардерн се потпираше на три столба: демократски вредности, соработка и со земји со кои не се споделуваат афинитети и географијата. И токму поради географијата и силното присуство на Пекинг во Индо-Пацификот, Велингтон својата политика кон Западот ја постави на солидарни, но и суверени основи. Нов Зеланд, помалку снобовски, се откажа од антикинескиот фронт на држави и проба да се исклучи од судирот со Кина.
Повеќе од авторот: Коруптивно-шпионски скандал во срцето на Европа
Кои и да се резоните на младата политичарка за повлекување, нејзиниот потег е една добра поука за сите западни општества. Ако тоа е поради истоштеноста, тогаш треба да помислиме колку денеска раководењето со државата и политиката се претворени во еден комплициран процес. Но, тој процес е пред се комплициран кога некој, особено новите генерации, се обидуваат да го променат статусот-кво и реформски да дејствуваат. Верувам дека тоа е крајно истоштувачки и тешко. Одлуката на еден вистински прогресивец да си замине и да го смени својот живот, кажува многу нешта и за нас. Ако само споредиме како нашите политичари, лажни реформисти и прогресисти, наместо да се уморат од криминалот, корупцијата и партизацијата, ни на сон не помислуваат да ги напуштат стегите на власта или да дозволат пробив на нови генерации и вистински промени. Овде кај нас упорно се бориме нештата да останат онакви какви што се.
Заробени во еден вид на биолошки аналфабетизам, нашата политика и понатаму им ги пренесува на младите своите паранои, своите присилни мании, своите внатрешни клановски борби и зависности, без воошто да се запраша што сакаат идните генерации, кои се нивните барања и потреби. Имаме политика која живее со политичари со речиси доживотен мандат, каде веќе и нивното искуство се има претворено во товар, затоа што им недоставува знаењето, компетентноста, отворениот ум, за реално да се соочиме со комплексноста на денешнината. Да владееш значи да ги ставиш на располагање својот талент и својата енергија со цел да ја трансформираш сопствената земја во подобро место за живеење. Се друго е само жед за моќ и контрола.
Тие што вистински работат, вистински се уморуваат и достоинствено се повлекуваат. Верувам и дека Џасинда, со еднаш наполнети батерии, ќе се обиде да се врати и да одигра реванш. Вистинските носители на промени тоа и го заслужуваат.
(DW)