Како прво, победата не е таква што зборува за недвосмислена волја на народот за радикални промени. Земјата е поделена. Се чини дека лидерите на победничката коалиција го разбираат тоа, барем ако се оценува тоа според првите заеднички изјави. Повеќе се истакнува континуитетот од радикални промени, стабилност отколку револуционерност, така да се каже.
Потоа, содржината на првото заедничко соопштение не е во согласност со политичките цели на некои од нив, не и безначајни партии и групи во победничката коалиција. Ова може да се заклучи не само од нивните програми, туку и од првите изјави на одделни лидери. Во кои до израз доаѓаат партиските програми и личните амбиции.
Трето, се предлага експертска влада. Што точно значи тоа, останува да видиме. Но, ако ова треба да се сфати сериозно, треба да се разјасни кој ќе предлага политички одлуки. Ако тоа би биле партиските претставници во собранието, ќе се појават јасни разлики помеѓу, едноставно кажано, националните и граѓанските партии во владејачката коалиција.
Бидејќи, владата е експертска доколку наоѓа најдобар начин да се споведат политичките цели, додека изборот на целите е политички а не е стручен. На изборите граѓаните избираат, по што владата му предлага на собранието „што“ и „како“. Обично, за „како“ е задолжена стручната, неполитичка служба, администрацијата. Затоа, експертска влада е како администрацијата да ја презема владата. Ништо не се менува во работите ако станува збор за експерти надвор од државната администрација.
Четврто, доколку би се формирала експертска влада во вистинска смисла на зборот, тоа ќе значи дека не може да се формира политичка влада, барем до предвремени избори. Дотогаш, или нема да бидат донесени никакви политички одлуки или тие ќе бидат претставени како експертски, стручни. Но, тоа не значи дека прашањето за одговорноста на владејачката коалиција нема да биде поставено на предвремените избори. Покрај тоа, бидејќи целта на тие избори ќе биде формирање политичка влада, членовите на коалицијата ќе се натпреваруваат едни против други за што подобар резултат, така што нема да биде лесно да се носат одлуки ниту во владата ниту во собранието.
А тоа, петто, значи дека владата би била техничка, а не експертска или политичка. Тоа би значело дека Црна Гора ќе има техничка влада, да речеме, цели две години. Ова, повторно, значи дека собранието нема да носи политички одлуки сѐ додека не се одржат предвремени избори. На предвремените избори, се разбира, ќе има политичка одговорност за последиците од техничкото владеење.
Шесто, црквата тешко дека ќе може да се повлече од политиката, под претпоставка дека воопшто има намера да го стори тоа. Бидејќи, и покрај намерата да се формира експертска влада, водачот на една членка на коалицијата, кој дојде на позицијата по предлог на црквата, се гледа како премиер – црквата ќе има оперативно влијание врз политичките одлуки на експертската влада. Особено кога станува збор за закони што нарушуваат црковни интереси. Дури и ако премиерот е експерт, црквата ќе преземе одговорност кога ќе се донесуваат политички одлуки.
Седмо, бидејќи демократијата е од јавен интерес доколку владата е променлива, активностите на опозицијата не можат да бидат ограничени. Која во одреден момент ќе дојде на власт. А, тоа значи дека ДПС, ако не се распадне, ќе се врати на власт. Или, со други зборови, легитимно ќе очекува да се врати на власт. Во демократиите, одлуките се носат од избори на избори, не еднаш и засекогаш.
Осмо, не треба да се очекува ДПС да избега од улогата на политичката опозиција, како што може да се види од нивните изјави. Колку и да станува збор за авторитарен режим, ДПС, заедно со помалите партии и со гласовите на малцинствата, е заслужен за независноста на Црна Гора. И за позицијата на земјата што новата влада, барем декларативно, нема намера да ја менува. Така, ќе биде тешко да се замени на позицијата најсилна опозициска партија, исто како што беше тешко да се отстрани од власта. За да може да се одржи демократската политика, а ДПС да се сведе на маргинална опозиција, би било потребно коалицијата што сега победи на изборите да биде поделена на власт и опозиција со текот на времето, што значи конкурентен однос внатре во победничката коалиција за место во власта и во опозицијата, а нема да биде лесно да се најде место во опозицијата, како што нема да биде едноставно да се остане на власт.
Деветто, Црна Гора нема социјалистички економски систем, па затоа нема да биде лесно за експертска влада да ја спроведе транзицијата. Кон што? Постојат различни идеи, од напуштање на еврото до фискална консолидација сè до државниот капитализам со цел индустријализација, а секако ќе бидат изнесени и други. Економските, а потоа и политичките последици до следните предвремени избори може да бидат многу негативни за експертската влада и членовите на владејачката коалиција. Конечно, сите овие се политички, а не првенствено стручни теми.
Мене не ми е познато дека победничката коалиција има план за економски развој. Земјата не може да живее само од туризам, но не може да има компаративни предности во сè. Особено затоа што тоа е многу отворена економија. Всушност, потребна е традиционална развојна политика – инфраструктура од секаков вид – но исто така и интернационализација преку учество во производствени синџири што носи економски раст и модернизација. Ова речиси имплицира фискален и дефицит на тековната сметка. Евентуалната консолидација на фискалниот и надворешно-трговскиот биланс, на пример, со напуштање на еврото со цел да се финансираат индустриски проекти, сигурно ќе доведе до барем привремено забавување на економскиот раст.
Десетто, важно е да се нагласи важноста на владеењето на правото. До тоа, сепак, патот е долг. Европската унија помага, бидејќи може да се преземе, да се препише владеењето на правото. Затоа што мора да има право за да се владее според него. Но, исто така е неопходно да се знае духот на владеењето на правото, така што тоа да не биде друго друго име за заштита на привилегиите, од национални до верски и финансиски. И, конечно, за искоренување на корупцијата со законски средства, потребно е време, меѓу другото.
(Владимир Глигоров е економист. Текстот е објавен во pescanik.net)