ЛИНА ЌОСТАРОВА УНКОВСКА
Најголемиот дел од гласачите на ВМРО се тоа: осиромашени, застрашени и во секој поглед изолирани потрошувачи на вистините на пропагандната машинерија на власта. Останатите се чуварите, втерувачите и одржувачите на Стравот
Не ги разбирам оние што се чудат и ужаснуваат од бројката од 450.000 луѓе кои гласале за осведочени криминалци и злосторници, да ја водат државата. Но, ги разбирам актуелните гласачи кои го дале својот глас за ВМРО.
Не разбирам како може кој било да очекува една ваква монструозна, 10-годишна инсталација да се разгради и да падне со еден удар, и преку ноќ? Кога знаеме дека се работи за вградени, примитивно-мислечки, и на исконски страв програмирани чипови во главите на најсиромашните, најизолираните и најмаргинализирани граѓани на Македонија, со трајни упатства да бидат послушни, инаку ќе ги проголта мракот, од кој и ако успеат да се спасат, им се заканува прогонството од Албанците, нивните најголеми незнајни крвници… Но не само од нив, туку и од соседите, па сè до Европејците и целиот свет во што тие, како мали деца веруваат, и продолжуваат да се плашат.
Најголемиот дел од гласачите на ВМРО се тоа: осиромашени, застрашени и во секој поглед изолирани потрошувачи на вистините на пропагандната машинерија на власта. Останатите се чуварите, втерувачите и одржувачите на Стравот, за доброто на кликата од која се хранат, ја цицаат и за која ги одработуваат своите незаслужени позиции и привилегии, често и самите со окрвавени раце, гледајќи како да се спасат, по која било цена. Процесот на нивното разбивање и декомпонирање е започнат не од вчера, но вчера доби уште една, силна верификација од граѓаните.
За од денес натаму, главната цел на промените да биде насочена кон зајакнување на структурите, како СЈО и другите институции, кои треба непречено да ги процесуираат предметите за ослободување на Правдата. Тука лежат нашите граѓански обврски, во нивната поддршка, наместо очај. Тие бараат многу поголемо трпение, повеќе знаење и поголема истрајност, од тоа што во моментот го имаме, и можеме да го понудиме, како граѓански капацитет. Да бидеме и самокритични. И тука јас ги гледам најголемите ризици, дали ќе опстанеме, а не во фактот за 450.000 луѓе кои гласале за ВМРО. Затоа што тоа е факт, значи можно е, и природно е, и може да се разбере, ако се земе предвид во каков амбиент живееме, и како воопшто успеавме да преживееме, исправено и достоинствено, сите овие години.