МЕТОДИЈА ЈОНОВСКИ
Димитар Јонов Јанков – Суџов или како што ние си го викавме дедо Мице, беше постариот син на Јон Суџов, кмет на Претор во времето на Илинденското востание. Не заврши големи школи како неговиот брат Панде, кој во три мандати беше и претседател на општината, но беше многу бистар и нашетан. Бил во Стамбол, Александрија, Софија, Варна, Влашко, Солун, Валона. Иако без големи формални школи тој знаеше десетина странски јазици, беше вистински полиглот. На времето татко му Јон, како писмен човек, го испрати деда Мицета да учи за еким во Стамбол. Таму неговиот стрико Андреја заврши колеџ, а дедо му Јанко, еден од основачите на Егзархијата, ги управуваше бавчите на Суџовци (сега Јоновци), кои кон крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, имале и по околу триста аргати од Румелија, главно гурбетчиии од Преспа. Но дедо Мице место на колеџ, неколку години мина во дуќанот на Суџовци за емиш и зарзават на пристаништето во градот на Босфорот. Секојдневно комуницираше со странски трговци и поморци и добро научи грчки, француски и англиски јазик. За турскиот да не зборуваме, му беше како мајчин јазик. Знаеше и албански и влашки јазик. Вистински полиглот што ќе му помогне во Првата светска војна, при повлекувањето на српската војска преку Албанија, да им биде „терџоман“ – преведувач на српските генерали, особено во контактите со сојузниците кога пристигнаа во пристаништето Валона на пат за грчкиот остров Крф.
Околностите беа такви што неговиот животен век мина низ многу бурни времиња на страшни војни и премрежија, од Илинденското востание, Првата и Втората балканска војна, Охридското востание од 1913 година, Првата светска војна од 1914 до 1918 година во српската војска во Албанија, кога линијата на фронтот се наоѓаше меѓу Слимница и Крани, кога топовски ѓуљиња паѓаа и во Претор.
На триесетгодишна возраст, кога неговиот најстар син Јаким, имаше четири години, заедно со својот брат Панде, храбро се вклучи во Илинденското востание, во борбите со турскиот аскер. Но требаше да поминат цели пет децении, односно три години пред смртта, за да го добие заслуженото високо признание за неговиот придонес во славната Илинденска епопеја. Авторот на овие редови, неговиот правнук, со гордост го чува Декретот со указ под реден број 33 на Президиумот на Народното собрание на Народна Република Македонија од 2. август 1952 година во кој пишува: ,, Во знак на народно признание за особени лични заслуги за Македонија и македонскиот народ, стечени во Илинденското востание, во народно – револуционерното движење и во борбата за ослободување на Македонија и македонскиот народ од турското ропство, Президиумот на Народното собрание на НР Македноја е решил да се на Димитри Ј. Јанковски од с. Претор, околија Преспанска додели ИЛИНДЕНСКА СПОМЕНИЦА 1903,,. Декретот на Президиумот односно Владата покрај печатот, го носи потписот на секретарот Лазар Мојсов, подоцна еден од највисоките функционери во југословенската федерација, министер и во еден мандат и претседател на Генералното собрание на Обединетите нации. Дедо Мице, со гордост ја закачи Илинденската споменица на своите гради, но, за жал, немаше среќа долго да се гордее со неа и десетината други медали за заслуги во војните, за жал, набрзо неговото здравје се влоши, па почина по само три години.
Дедо Мице кон крајот на 1914 година беше мобилизиран од српската власт и со војската на Србија се најде во Албанија, кога таа, пред налетот на австроунгарците, се повеќе и повеќе се повлекуваше на југ крај морето, на тој југ што на деда Мицета му остана во сеќавање и по една песна на српските војници, кои четири години се наоѓаа во војна, далеку од своите домови. „Тамо далеко где цвета лимун жут, тамо је српској војсци једини био пут“ пееле војниците и продолжувале: „Тамо далеко далеко од мора тамо је село моје, тамо је љубав моја“,, , но, за жал не само нивните сакани, туку таму беа и стотици илјади мајки и сестри завиени во црнина.
На крајот на 1915 година во Претор пристигна бугарската војска. И брат му на деда Мицета, Панде беше мобилизиран од противничката војска па и тој се најде на Солунскиот фронт, кај Дојран. Но како интелектуалец тој не беше директно на борбената линија туку беше ангажиран за заштита на културното наследство од виорот на воените дејствија.
Веќе споменав дека, иако немаше некои формални школи, дедо Мице беше вистински полиглот и речиси немаше јазик на кој не можеше да се разбере, па не случајно им беше преведувач на српските генерали при повлекувањето на нивните војници на југ низ Албанија при нивните контакти дали со албанските власти, со месното население дали албанско, грчко или турско, со претставнивците на сојузничките војски.
„Јели бре Димитрије,, мајку ти бугарашку, му се обратил еден српски генерал. „Знаш ли ти можда и змијски језик?“
„Господине генерале веднаш ќе Ви одговорам. Дајте ми урнек и јас уште утре ќе можам да се разбирам и со змиите“ отсечно му одговорил дедо Мице.
„Браво Димитрије, јас сум одушевен од твоето знаење странски јазици и што немаше случај кога ти не го знаеше јазикот потребен за наша комуникација. Ти многу ни помогна во разни пригоди, рекол генералот и, ни два ни три, откачил еден од многубројните медали на неговата униформа и му го закачил на деда Мицета на неговото војничко палто.
Еден ден дедо Мице вршејќи некоја задача, поминал крај пристаништето во Валона. Таму гледа пристигнат француски брод со хуманитарна помош за сојузничките војски. Толку бил голем што на деда Мицета му се присторило дека е повисок и од јасиката на Гелета, која беше најголема во Претор. Знаејќи го одлично францускиот јазик веднаш воспоставил комунукација со француските војници, на кои на им раскажал дека едно лето францускиот конзул во Битола бил на гости кај неговиот татко на Преспанското Езеро. На морнарите им дал некое калапче тутун „качак“ а и малку од катранот од афион, Една грутка катран му беше дала мајка му на еден регрут од Тиквешијата, кога ги собирале во Велес за транспорт кон Србија. Гледајќи го деда Мицета парталосан, со искинат шинел, чизми од кои му се гледале прстите на нозете, со маслосани пантолони, го наоблекле со разни алишта, пантолони, фанели, чорапи, гаќи, му дале и нови војнички чизми. Тој им побарал уште едно рало чизми како да знаел дека ќе му затребаат. Му навреле дури и некој шинел на кој се уште се наоѓале еполети на повисок воен старешина. По некое време се враќа дедо Мице во единицата и се сретнува со генералот што го „одликува“..
– Јели бре Димитрије, мајку ти твоју, од каде ти се тие нови и толку добри чизми. Па ја немам такве, ј…. ти матер,. Имаш и нов француски шинел, каде си го украл. Скидај чизме и дај ми ги мене – му наредил генералот.
– Господине генерале, ја вас не разумем, али мислим на вас.
– Шта то причаш, Димитрије, мајку ти ј….
– Дозволите ми само да отворим ранац. Не дочекал одговор од генералот, а веќе го извадил друготo рало чизми и му рекол – Ове су за вас, господине генерале.
– А, бре, Димитрије ти си немогуќ чокалија. Твоја глава је паметнија од моје и заслужује генералску капу. Ти мени чизме, ја теби моју генералску шајкачу, рече војнички генералот и му ја стави на деда Мицета генералската капа. Дедо Мице, пак, се стори многу великодушен, та му даде на генералот и некои алишта што му ги беа дале француските морнари. Море дај ми и малку од тоа твое катранче, изгорев од забоболка, го замолил генералот…
Засукувајќи ги од време на време мустаќите и поднаместувајќи ја црната капа во форма на турски фес, дедо Мице на долго и на широко прикажуваше згоди и незгоди од времето поминато со српската војска при повлекувањето низ Албанија. Потсетувајќи се на маките и страдањата во војната, кога се вратил од фронтот генералската капа ја наденал на едно кошаре со пчели, а, пак, кога ќе се родело машко теле, на вратот му обесувал по еден од повеќето медали.
Се радуваше кога ќе се родеше машко дете во фамилијата.
– Кога ќе се роди чупе и капајците плачат, биро, велеше дедо Мице и многу му беше мило што има тројца синови и многу внуци кои ќе го продолжат родот на Суџовци, па белки меѓу нив ќе има и некој преведувач како неговиот правнук, авторот на овие редови.
(илустрациите се на Глобус)