Текстот е објавен во „Телеграф“ по повод 100-годишнината од објавувањето на првиот том од капиталното дело „Во потрага на загубеното време“ на Марсел Пруст, во 2014 година
ПАТРИК МЕКГИНИС
Во есента 1912 еден писател најдобро познат по пастишите и колумните кои редовно ги објавувал во весниците, доставил еден ракопис до книжевното списание „Nouvelle Revue Française“, неодамна основано од Гастон Галимар. Ракописот стигнал до еден читател кој случајно го отворил на страницата 62 и по читањето на неколку пасуси заклучил дека се работи за здодевен и премногу детален опис на една шолја чај. Учтиво го одбил делото.
Писателот е Марсел Пруст, романот е „Накај Сван“, првиот том од „Во потрага по загубеното време,“ а читателот Андре Жид. Пруст ја однел книгата кај Грасе, неколку улици подолу во седмиот арондисман, кој ја објавил на трошок на авторот пред малку повеќе од 100 години. Следната година Пруст го добива најпознатото извинување во историјата на книжевноста: „Одбивањето на твојата книга“, пишува Жид, „е една од најголемите грешки во мојот живот“. По неколку незгодни преговори со Бернар Грасе, Галимар успева да го придобие назад Пруст, купувајќи ги последните 200 непродадени примероци од „Накај Сван“. Пруст ја добива Гонкуровата награда во 1919 година, и оттогаш романот постои во оној облик во кој ние денес го знаеме: книга која е толку позната што дури не мора ни да ја прочитаме за да зборуваме за неа.
Дали очекуваме нашите класици да бидат погрешно разбрани? Дали на тој начин ја мериме нивната големина? Десет години по објавувањето на „Накај Сван“, Галимар добива еден долг ирски роман кој од еден од најпознатите автори е о(т)пишан како „непристоен“ и „целосно уништен од ѓаволски недостиг на талент“. Ирскиот писател е Џејмс Џојс, а згрозениот од него е Пол Клодел. Дури и генијалците можат да не се разберат меѓусебно: кога Пруст го запознал Џојс, неговиот радикален следбеник, двајцата мажи речиси не ни разговарале, освен неколкуте зборови кои ги размениле за храната пред нив. Ако навистина сакаме да разбереме како функционира уметноста, како се создаваат книги, слики, симфонии и градби, како преживуваат и стануваат дел од нашите животи, мораме да ја разбереме улогата на погрешното толкување во културата.
Жид лошо го проценил Пруст, но она што го кажал било и половина вистинито. Пруст, мислел тој, е сноб, автор кој се занимавал со општествените тривијалности, носталгичар кој ги евоцирал загубените денови на француската belle époque, и чија опсесија со сеќавањето не само што ја игнорирало сегашноста, туку и ја негирало.
Пруст, роден во Париз во 1871 година во добро ситуирано семејство од високата средна класа и со еврејско потекло од страната на мајка му, пишува некролог за Франција од 19. век. Роден во куќата на неговиот пра-чичко за време на насилната криза која настанува како резултат на Француско-Пруската војна и Париската Комуна, тој се измислува себеси како елегичар на fin de siècle. Англофил со несовршен англиски, му се воодушевувал и го преведувал Раскин, за кого тврдел дека го знае на памет. По неговиот прв роман, „Жан Сантеј“ (необјавен до 1952) каде пронаоѓаме голем дел од темите и ликовите кои се појавуваат во „Во потрага по загубеното време“, и по „Задоволствата и деновите“ (1896), една книга со прозни поеми и нацрти која била лошо дочекана од критиката, Пруст започнува да работи на романот на кој ќе биде посветен 20 години и кој ќе го доврши само неколку часа пред неговата смрт. Пруст пишувал опсесивно, претворајќи сѐ што доживувал преку културата, општествените опсервации и пожртвуваното живеење – низ уметноста, музиката, книгите – во подвижна архитектура од зборови.
„Во потрага по загубеното време“ е огромна новелистичка панорама со илјадници ликови, базирана на стотина испреплетени нишки од приказни. Делумно комедија на карактери (книгата е често пати многу смешна), делумно потрага (по љубов, по сепство, по идентитет), и делумно анатомија на желби и сексуално будење, таа го доловува постоењето на еден свет кој е во исто време универзален и уникатно зависен од историските околности. Ликовите на Пруст, од шокантниот Барон де Шарлиз до композиторот Вентеј и сликарот Елстир, се амалгами од луѓето кои ги познавал и среќавал и производи на неговата фиктивна имагинација. Ликовите и местата во делото на Пруст се чинат вкоренети во реалноста, дури и кога лебдат ослободени од неа. Дури и неговиот наратор, дилетант во потрага по вокација, ја пишува книгата која ја читаме сакајќи да открие дали може да ја напише книгата која ја читаме. Ниеден друг роман нема да ве вклучи и ангажира во тој степен, а во исто време, со сета негова екстравагантна должина, додека читате се чувствувате како да се занимавате со суштинско прочистување.
Романот на Пруст расте и се продлабочува низ повеќе од 3000 страници на сѐ и ништо: Мебиусова лента од комплексност која се трансформира во едноставност, од едноставност која се трансформира во комплексност. Овие два не се спротивставени поими кај Пруст: само кога ги надминуваме вообичаените навики на умот и на телото можеме да ја видиме нивната меѓузависност. Можеме да го видиме ова во првиот дел од „Комбре“, првата книга од „Накај Сван“, низ познатата епифанија која нараторот ја доживува со чајот и колачот. „Но, кога ништо не останува од старото минато, по смртта на луѓето, по распаѓањето на нештата, само мирисот и вкусот опстојуваат уште долго време, покревки, но поиздржливи, понеопипливи, поприсутни, поверни, како душите, сеќавајќи се, чекајќи, надевајќи се, на урнатините на сето останато, пробивајќи се без да знаат каде, во нивната речиси недофатна форма, бесконечната комплексност на сеќавањето.“
Еден од првите критичари го нарекува „Накај Сван“ – „ризница на материјали за нашата модерна хиперсензитивност“, а романописецот Шарл Данциг го опишува Пруст како „радиолог на еден изумирачки свет“. Хенри Џејмс го опишал читањето на книгата како „незамислива досада поврзана со најекстремната екстаза која некогаш може да се замисли“ – спој за кој и самиот Џејмс знаел многу. Внимателно ги одбрал зборовите: досадата не е „нарушена од“, ниту пак „се спротивставува на“, туку екстазата е „поврзана со“ неа. Сѐ кај Пруст е поврзано со сѐ останато, па и повеќе од тоа; како мадлената која е потопена во чајот, сѐ е растопено, или се растопува во сите други нешта.
Ние ги организираме нашите животи според минатото, сегашноста и иднината и имаме три времиња со кои зборуваме за нив. Нашите тела живеат во склад со нив: сме дошле од некаде, ќе одиме некаде и во моментов сме некаде. Го локализираме времето, бидејќи времето е толку недофатно. Имаме часовници кои го сегментираат времето, календари кои ни изгледаат „полни“ или „празни“ (повторно просторни термини), најразлични фрази („денот ми беше исполнет со…“) и изреки за времето кое „лета“ кога се забавуваме. Можеме да си играме со овие времиња, да ги раздвојуваме и делиме, да ги спојуваме за суптилно да докажеме како складно се поврзани кога се сеќаваме или планираме: „Ќе го направев тоа“, „Дури подоцна дознав“, „Сакав, но потоа открив…“ Како со различните бои или видови храна, се работи за мешање и комбинирање, за учење како да го искористиме она што го имаме за да ги прикажеме нашите внатрешни животи, кои често се побогати и покомплицирани од она што можеме да го искажеме. Границата помеѓу времињата е она што го интересира Пруст, бидејќи таму се одвива животот. Пруст е автор на границите: помеѓу внатрешното и надворешното, себеси и другиот, индивидуалното и општеството, чувствата и мислите.
Разликата помеѓу нараторот во „Накај Сван“ кој заспива или пронаоѓа еден цел свет од сеќавања и искуства откриени од мадлената потопена во чајот и помеѓу нас како читатели не е во комплексноста на неговите чувства и доживувања и нашата површност во однос на нив. Тој не е попаметен или побрилијантен или почувствителен од нас. Таа е поврзана со она што се случува потоа и со она што Пруст ни го дава како писател: јазик кој оживува низ варијации од чувства и мисли, сеќавање и заборав, исполнетост и празнина од чувства, сето она што сите ние го имаме, но за кое не можеме да најдеме зборови. Тоа е причината поради која Пруст – и покрај тоа што бил константно болен хипохондрик (што не е контрадикција) кој пишувал за аристократијата, камерната музика, црковните кули, париската висока класа, долгите оброци, накитот, несоницата, снобизмот и внатрешното уредување – пренесува и нешто универзално. Сите ние си имаме наша мадлена и шолја чај. Со времињата доаѓаат и сетилата: вкусот, мирисот, допирот, сите тие ни помагаат да ги водиме нашите тела, но и лежат скриени чекајќи да поттикнат или да бидат поттикнати од големите вистини.
Она што го забораваме за оваа позната сцена на здобиено сеќавање и повторно пронајден живот е тоа дека таа е неповторлива – во што и се состои нејзината убавина, но и нејзината тага. Нараторот се обидува по втор и трет пат да го доживее тоа чувство на возбуда и исполнетост повторно потопувајќи ја мадлената во чајот. Но не функционира, бидејќи законот на секогаш побледите втори појави ни покажува дека вистинското сеќавање е неволевото сеќавање, дека за повторно да го пронајдеш времето, мораш да почекаш времето повторно да те пронајде тебе. Често, најголемиот дел од времето, тоа не се случува.
Тоа е исто така и трагедија: колкав дел од нашите внатрешни животи лежи скриен, непоттикнат, неизразен? Колкав дел од она што сме ние лежи под површината, едноставно поради тоа што нашите рутини и навики нѐ спречуваат да го зграпчиме, па макар и за момент? „Во потрага по загубеното време“ е приказна за загубата, како и за добивката. Со сета негова комплексност, раскажува и една помрачна приказна. Ние сме секогаш само дел од себеси, бидејќи поголемиот дел од она што сме продолжува да постои под или само покрај нашата свесност, невидено, непознато и неистражено.
Други писатели одат на егзотични места или патуваат голем дел од животот, пијат или консумираат дроги или се губат себеси во секс. Пруст оди навнатре: непознатиот свет, нашата terra incognita е во нас самите. Неговата книга, објавена во седум тома, при што последниот од нив, „Повторно пронајдено време“ е издаден во 1927 година, 5 години по неговата смрт, е доволно долга за да предизвика кој било читател да искуси дел од самата опсесија на книгата на микро-ниво. Начинот на кој си си поигрува со нас предвидувајќи ги идните настани или ја предизвикува нашата меморија со нешто кое можеби сме го прочитале пред 1000 страници сам по себе е начин според кој ние го воспоставуваме нашиот однос со времето.
Заборавањето или полупамтењето на настаните кои се случиле во текот на читањето е дел од доживувањето на книгата, дел од живеењето со неа. На овој начин, се работи и за невообичаено реалистичен роман, бидејќи го користи она за кое пишува – времето – како материјал, а и како тема. Ние читаме во време, со времето, за времето, а времето е супстанцијата или состојбата во која живееме. Тоа е она што ја прави оваа книга, и покрај нејзината застрашувачка должина, исполнетоста со детали и немилосрдно комплексниот стил, неверојатно вистинита. Таа е создадена од она за кое пишува.
Предавајќи за Пруст на студенти со позадини сосема различни од неговата (а и толку многу разновидни, што често се разликуваат и меѓусебе), така што без многу претерување може да се каже дека во овој случај световите на читателот и писателот се неверојатно далечни, сметам дека на крајот секогаш завршуваме длабоко чувствувајќи ги нормалноста и обичноста на она што Пруст толку неверојатно необично го пренесува: претставувањето на нашите искуства како што се преживуваат, раскажуваат, испитуваат, губат и пронаоѓаат, и како сѐ што ни се случува во исто време исчезнува, но и останува – ако можеме да го пронајдеме.
Минатото, сегашноста и иднината не се бариери, туку пропустливи мембрани кои го овозможуваат прелевањето на времето од една во друга категорија.
Времето е немилосрдно и смртоносно, живеењето е загуба, а парадоксот на сеќавањето се состои во тоа дека ти го враќа назад она што си го имал само доколку знаеш дека веќе е загубено. За да го добиеш, мораш да знаеш дека е загубено: за повторно да оживееш еден свет прво мора да прифатиш дека веќе не постои. Х.Џ. Велс ја објави „Временската машина“ во 1895 година. Пруст ни покажа дека сите сме временски машини, иако ретко можеме да се контролираме себеси.
Патрик Мекгинис е професор по француска и компаративна книжевност на Оксфорд. Неговата најнова книга „Земјите на другите луѓе: Патување во сеќавањата“ ќе биде објавена следната година од издавачката куќа Џонатан Кејп.