Ја заборавивме ли Атиџе Муратова? Жената која се бори да воспостави равнотежа со природата со она „половина мене, половина тебе“. Пчелите се симбол на еколошпките движења и шанса за спас на човештвото. Засега, како и Атиџе оние кои размислуваат за балчансот се во дефанзива
Неодамна беше светски ден на пчелите. Се одбележува на 20 мај, денот кога во 1734 година во Брезница (денешна Словенија) е роден Антон Јанша, сликар и пионер на модерното пчеларство. Мислев дека овој датум е дел од нашето југословенско минато, ама тоа не било така – се работело за празник со планетрни димензии.
Само накусо да потсетам дека преку филмот „Медена земја“ ние можевме да станеме некаков бренд за земја со споеност со природата. Делото раскажува за 50-годишната Атиџе Муратова, последната жена одгледувач на диви пчели во Европа. Таа живее со својата болна неподвижна мајка во ужасно сурови услови, без струја и вода во зафрленото и напуштено овчеполско село Бекирлија. Атиџе неизмерно се грижи за пчелите, дури и им пее, бидејќи тие претставуваат нејзин единствен извор на приходи. Посветено го практикува принципот на „одржлив развој“ и настојува да го одржи природниот баланс во природата. Својот производ извонредно чист и квалитетен мед го дели со своите партнери во бизнисот – пчелите, на начин што пола мед го зема за себе, а пола им го остава ним. Режисерите преку надреални слики на македонскиот рурален пејсаж и приказната за Атиџе го потенцираат нарушувањето на природната рамнотежа и праќаат порака за враќање на човекот кон природата. А тоа е тренд во туризмот и промена во начинот на живот на многу луѓе на планетата Земја. Во филмот Атиџе го продава својот природен и чист мед, кој воедно го користи и како лек за својата болна мајка. Продажбата ја врши директно на пазар по значително повисока цена, а побарувачката е постојано поголема од понудат
Прочитав на сајтот на Дојче Веле дека за да се заштитат од изумирање пчелите, птиците и другите животни, до 2030 година под заштита би требало да се стави една третина од површината во Европа, или речиси двојно повеќе отколку сега. Ваквиот план е поднесен од страна на Европската комисија денеска во Брисел, токму на Светскиот ден на пчелите.
За инвестициите во насока на зачувување на биодиверзитетот, ЕК проценува дека ќе бидат потребни 20 милијарди евра годишно, кои треба да дојдат од ЕУ, земјите членки на Унијата и приватни извори. „Природата е животно важна за нашето физичко и психичко здравје, таа го филтрира нашиот воздух и нашата вода, ја регулира климата и ги оплодува нашите полиња. Но, ние се однесуваме како таа да не игра никаква улога и ја губиме во невидено брзо темпо“, изјави еврокомесарот за екологија Виргинијус Синкевичиус по повод претставувањето на планот на ЕК.
Пчеларството оди во нагорна линија и е важен елемент во сите сфери на современиот човек. Во Македонија официјално имаме пчелари од сите бранши и од сите старосни структури. Пчеларството станува семеен бизнис. Голем број млади се определуваат да се занимаваат со пчеларство, истакна за празникот претседателот на Пчеларската федерација, Јане Марков на отворањето на Пчеларскиот саем на плоштадот „Македонија” во Скопје.
Посочи дека на саемот има 20 изложувачи од сите делови на државата, на штадовите се изложени мед и пчелни производи, а се нуди и пчеларска опрема за потребите на пчеларите. Единаесет пчеларски здруженија, нагласи, активно членуваат во Пчеларската федерација, а членуваат и поединци пчелари.
„Поради климатските промени медот е со намален принос и имаме недостиг на квалитетен македонски мед. Ова е можност граѓаните да дојдат и да го дегустираат вистинскиот мед“, истакна Марков.
Во врска со субвенциите рече дека државата преку програмите одвојува 600 денари по презимено пчелно семејство.
„Органското пчеларење е повеќе дефинирано, со тоа што услов во Правилникот е за оние кои имаат над 35 пчелни семејства да може да аплицираат за субвенции, додека ако имаат повеќе од 50 пчелни семејства, а помалку од сто, тогаш субвенциите се 800 денари“, додаде Марков.
Некои пресметки велат дека за нормален живот на четворочлено семејство му се потребни од 50 до 60 пчелни семејства, но сепак, велат пчеларите, приходите зависат од мноу фактори.
Сега една тегла мед се продава во просек за 400 денари. Но тука се и другите производи како прополис, полен, млеч за чие производство особено се заинтерсирани жените пчелари чиј број исто така се зголемува. Важно според пчеларите е да се обезбеди откуп, но сметаат дека поважно е да се изгради бренд , што ќе им овозможи и повисока цена. Затоа што поради големиот број иселеници, особено во Италија, медот произведен во овој регион полека се пробива и на тамошниот пазар.
Дополнителен плус за развој на оваа гранка е и што одредени региони, лало на пример регионот на Осоговијата се еколшки чисти, стана и заштитено подрачје. Сепак во овој бизис кој бара многу одрекувања, клучна е постојаната едукација и здружувањето особено поради климатските промени и светскиот тренд на изумирање на пчелите.
Само во Источниот регион има околу 400 регистрирани пчелари и приближно 15.000 пчелни семејства. Со просечни приноси од околу 40 килограми по пчелно семејство, годишно во регионот се произведуваат околу 600 тони мед.
Пчеларскиот саем го отвори заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Благе Цветковиќ, кој рече дека според податоците добиени од Агенцијата за храна и ветеринарство, во државата се регистрирани 6.000 одгледувалишта на пчели со над 240.000 пчелни семејства.
„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство финансиски ги поддржува одгледувачите на пчели. Посочи дека во деловите на органското производство оваа мерка е 50 отсто повеќе. Стратегија на Владата и на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е јасна, ќе го поддржуваме максимално пчеларството“, додаде Цветковиќ.
Неодамна на Интернет имаше податок дека годишната анкета на приближно 5.000 пчелари во САД покажала опаѓање на бројот на медоносни пчели за 33 отсто во период од една календарска година. Тоа значи дека пчелите умираат. Како главни причини за глобалното опаѓање на бројот на пчелите се индустриското земјоделство, паразитите, патогените промени и климатските промени. Загубата на биолошката разновидност, уништувањето на живеалиштата и недостатокот на фуражни култури се посебни закани за пчелите и за дивите опрашувачи. Пестицидите се наведуваат како најголем убиец на пчелите. Всушност, една третина од нашето глобално снабдување со храна се опрашува со пчели. Тоа практично значи дека пчелите ги одржуваат живите растенија и култури. Луѓето ќе немаат доволно храна, доколку нема доволно пчели и ако пчелите немаат доволно за јадење.
а. Покрај прекрасните македонски пејсажи, овој момент ме наведе подетално да истражам за потенцијалите и можностите на така наречениот АПИ туризам.
Прво, што е тоа АПИ туризам? Сајтот на словенечкото здружение за пчеларство (http://www.apiturizem.si/en/ ) го дефинира апи-туризмот како фузија на зелени дестинации, пчеларство и патување. Станува збор за автентично патување кое го збогатува животот на туристот и ја зајакнува неговата врска со природата, културата и општеството. Следствено, ова соединување на пчеларството и можностите за патување, станува апи-туризам.
Апи-туризмот, како форма на туризам што се занимава со културата и традициите на руралните заедници, би можел да се смета како еден од најоддржливите начини на развој и многу специфична пазарна нишка на туризмот. Апи-туризмот е форма на туризам поврзан со пчеларството како традиционална професија и пчелните производи со нивните еколошки, прехранбени и медицински аспекти. Активностите поврзани со апи-туризмот вклучуваат посети на пчеларници и пчелари, музеи на отворено и музеи за пчеларство каде туристите имаат можност да ја набљудуваат работата на пчеларите, методите за правење мед, неговите својства и специфичности, да дознаат за други пчелни производи, да гледаат како живеат пчелните колонии и да ја препознаат еколошката поврзаност помеѓу човекот и пчелите. Едно истражување во Европската Унија (извор: https://www.researchgate.net/publication/277711666 ) покажува дека главната целна група за апи-туризам (54 отсто) се деца и адолесценти (училишни групи). Имено, апи-туризмот има едукативна функција каде што многу фарми и пчеларници кои се занимаваат со апи-туризам обезбедуваат часови по биологија, екологија и историја на пчеларството, а тоа е за учениците комбинација од пракса и теорија. Втората значајна група на корисници на апи-туризмот се индивидуалните туристи (43отсто).
Светските трендови се следат и во нашата држава. Медот, поленот и прополисот се веќе познати корисни пчелни производи. Но, малку се знае дека и воздухот што го создаваат пчелите околу нивните сандаци е лековит. Таканаречената „терапија со пчелин воздух” се спроведува во специјални АПИ комори и е полезна за секој човек, а особено во случај на белодробни заболувања. Ѓорги Златинов, пчелар од Скопје ги отвори првите АПИ комори во општина Сопиште помеѓу селото Нова Брезница и Браната Козјак во местото Рудина, во преубава природа и чиста средина.
Во Општина Неготино се развиваат нови туристички производи насочени кон локалната култура, земјоделските и кулинарските традиции. „Со поддршка на ПЛРК го уредуваме просторот на постоечкиот пчелен парк во село Вешје, Неготино. Реконструираме и стара училишна зграда во едукативен Апи центар со цел да понудиме дополнителни активности за туристите кои ја посетуваат дестинацијата Тиквеш и да го поттикнеме апи туризмот. Создаваме можност туристите да се запознаат со пчеларството, да дегустираат локален мед и грозје и да ги посетат пчелниот парк, лозовите насади и винаријата „Венец“ која што се наоѓа во близина на селото“ – вели г-ѓа Лолита Ристова, проектен координатор – раководител на одделение за локален економски развој на Општина Неготино.
Новите социјални трендови, заедно со популарната потрага по здравје и благосостојба, активен живот, духовност, нови знаења и хармонични врски, диктираат иновативни пристапи кон создавање искуства при патувањата. Апи туризмот нуди еден таков иновативен пристап кон одржливиот туризам, нудејќи искуства каде што туристот се поврзува со природата која го опкружува. Тој може да биде одлична поддршка на руралните средини за креирање нови работни места во туристичките услуги, поддршка во развојот на локалната економија и промоција на туристичките дестинации Проектот за локална и регионална конкурентност се финансира од страна на Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија. Проектот го администрира Светска Банка, а истиот се спроведува од Кабинетот на Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори.