ФАТМИР БЕСИМИ
Минатата година одвоивме фискален стимул во вкупна вредност од 11 отсто од БДП преку различни мерки за здравствениот сектор, ранливите категории граѓани, заштита на работните места, помош за бизнисите за да ја преживеат кризата. На тој начин, успеавме да го ублажиме падот на БДП за 4,2 процентни поени, кој инаку би достигнал 8,7 отсто.
Министерството за финансии на почетокот на овој месец ја организираше Првата годишна конференција на тема „Економско закрепнување и раст по Ковид“ во рамки на Економскиот и финансиски форум (Skopje Economic and Financial Forum 2021). Навистина беше значајно на едно место да ги слушнеме искуствата и ставовите на високите владини претставници од земјата и регионот, но и на претставници на меѓународните финансиски институции, за тема која сите нè засега и заеднички треба да излеземе со победа. Предлозите и пораките упатени на Конференција се од особено значење во креирање на идните политики и мерки насочени кон постигнување подобри резултати во остварување на нашите цели – економско закрепнување и инклузивен, забрзан и зелен раст.
Глобалните и регионалните перспективи на постпандемиско закрепнување и раст, доброто управување и учество на граѓаните, соодветната, навремената и добро насочената поддршка за социјална вклученост, дигитализацијата, зелената економија, како и формирањето човечки капитал, беа дел од дискусиите на Првата годишна конференција. Таа е дел од напорите на Министертвото за подигнување на транспарентноста и зголемување на инклузивноста. Нашата цел е во иднина да прерасне во респектабилна традиција и да биде препознатлива во регионални и европски рамки.
Мојата порака беше дека сме тука да кажеме дека: „Ковидот нема да нѐ победи. Ние сме дел од глобалната алијанса за борба против коронавирусот и тука сме за да зборуваме не само за опоравување, туку и повеќе од тоа, да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.
На пандемијата што го зафати светот, а големо влијание имаше и на нашата земја, одговоривме со мерки за борба против ковидот, за заштита на животите и спасување на економијата. Затоа, минатата година одвоивме фискален стимул во вкупна вредност од 11 отсто од БДП преку различни мерки за здравствениот сектор, ранливите категории граѓани, заштита на работните места, помош за бизнисите за да ја преживеат кризата. На тој начин, успеавме да го ублажиме падот на БДП за 4,2 процентни поени, кој инаку би достигнал 8,7 отсто. Според официјалните извештај од Државниот завод за статистика вториот квартал БДП бележи раст од 13,1% во однос на истиот период од минатата година, а со тоа и првпат растот се покачи над нултата во позитивна зона и тоа по четири последователни квартали со негативни стапки на раст на БДП, со што методолошки гледано и официјално економската криза заврши.
Годинава проектиравме раст од 4,1 процент и просечен годишен раст од 5,4 проценти за наредните пет години. Следејќи ги позитивните економски трендови во текот на годинава вклучително и третиот квартал, најверојатно ќе имаме нови проекции за повисок раст на БДП за 2021 година. Со цел да осигуриме дека ова нема да остане само желба, подготвивме План за финансирање на економското заздравување и забрзување на растот, а притоа и одржување на фискалната стабилност преку мобилизација на капиталот од приватниот сектор, како дополнување на предвидените средства од Буџетот. Истовремено фокусирани сме на фискална консолидација на среден рок преку намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг и нивно сведување на ниво од 3% и 60%, респективно, како дел од БДП. За волја на вистината, поради длабочината на пандемиската криза, и Европската Унија ја активираше општата клаузула за изземање (“general escape clause”) од фискалните правила и воведе привремена суспензија на мастришките критериуми.
Не изостанаа пораките за поддршка за политиките што ги спроведуваме од важните меѓународни институции присутни на Конференцијата. Макроекономскиот амбиент се менува. Гледаме политичка стабилност, регионална интеграција и подобро имплементирање на владеење на правото, а тоа ќе овозможи инвеститорите да ја откриваат и реоткриваат земјата. Поддршка за инфраструктурните проекти и интеграција во ЕУ, за нови инвестиции во енергетскиот сектор, за зелена економија, дигитализација беа посочени од претставниците на ЕБОР, ЕИБ, СБ…
Сите вредни сознанија споделени на дводневната дискусија низ шесте панели се важен придонес во фазата на формулирање политики за следната година, како и на подолг рок, а дел од нив ги резимирам во продолжение.
На глобално ниво закрепнувањето е различно од земја во земја, но тоа се разликува и од сектор до сектор, а зависи од кондицијата на секој сектор, мерките за справување со кризата, особено оние кои се со фискална поддршка, како и од растот на земјите, нивниот модел на развој и фискалниот простор за стимулации.
Посериозно закрепнување се очекува во 2022 година, но сè уште постојат глобални предизвици како климатските промени, социјалната нееднаквост, нееднаквоста на пристапот до вакцини и други безбедносни предизвици. Но, предизвици кои стојат пред нас и кои се важни и на кои треба ние да посветиме внимание се одржливиот раст, изворите на растот, факторите на растот, како и моделот на раст. Во таа насока се подготвените документи – Планот за финансирање на економското заздравување и забрзан раст, Програмата за економски реформи, Фискална стратегија, Стратегијата за управување со јавен долг, Стратегијата за реформи на даночниот систем, развој нa фискалната децентрализација за поддршка на локалниот развој, како и Акцискиот план за намалување на сивата економија.
(авторот е министер за финансии)