ФАТМИР БЕСИМИ
Годината која изминува на светот му донесе крупни економски предизвици. На економски план, оваа, 2022 година, светот бездруго ќе ја памети по највисокиот раст на инфлацијата повеќе децении наназад. Енергетската криза и ценовните притисоци кои се појавија кон крајот на минатата година, продолжија и годинава и се засилија со почетокот на војната во Украина
За да се надмине оваа совршена бура и за да светот се врати на патеката на развојот потребни се промени на микро и макроекономски план, како во напредните, така и во земјите во развој, посочува претседателот на Светската банка, Дејвид Малпас во своето обраќање на универзитетот Стендфорд во септември на оваа година. Вистина е дека од секоја криза треба да се научат лекции и да се бараат начини како да се надминат системските празнини. Оваа колумна е посветена токму на оваа тема, како да го направиме системот подобар, каде застанавме и каде продолжуваме.
Годината која изминува на светот му донесе крупни економски предизвици. На економски план, оваа, 2022 година, светот бездруго ќе ја памети по највисокиот раст на инфлацијата повеќе децении наназад. Енергетската криза и ценовните притисоци кои се појавија кон крајот на минатата година, продолжија и годинава и се засилија со почетокот на војната во Украина. Од почетокот на пандемијата наваму, светската економија постојано е изложена на шокови. Како што ќе се надмине еден предизвик, доаѓа следниот и носителите на политики во изминатите три години се во позиција постојано да се насочени кон решавање на кризи. Како и најголем дел од владите во светот, така и нашата, своите капацитети ги насочи кон управување и амортизирање на ризиците кои ги донесе светската криза, на задржување на макроекономската и социјалната стабилност, преку поддршка на граѓаните и стопанството (7 пакети на антикризни мерки од почетокот на пандемијата).
Но, не ги ставивме во втор план реформите во јавните финансии. Напротив, истовремено продолживме да работиме на нив, во полза на зајакнување на системот и поставување на солидна основа за забрзување на економскиот раст. Во 2022 година, завршени се повеќе крупни реформи во јавните финансии. Усвоен е новиот Закон за буџети (Organic Budget Law), врз основа на законот изработен е првиот среднорочен буџет, а се воспостави и рамка за фискален совет и фискални правила. Започната е реформата на даночниот систем врз основа на истоимената стратегија, која се заснова на концептот на проширување на даночна база преку ревидирање на даночните трошоци и намалување на сивата економија. Останавме доследни на заложбата за постепена фискална консолидација со Предлог-буџетот за 2023 година, а исто така во оваа насока донесен е и Планот за фискална одржливост со кој се предвидени мерки за рационализирање на расходите. Усвоени се законските измени со кои се зајакнува фискалната децентрализација, со што на општините им се ставаат на располагање повеќе средства, поголема финансиска автономија, но и се бара поголема отчетност и транспарентност од нив. Во финална подготовка се и новите закони за зајакнување на институционалните капацитети на важни институции во областа на јавните финансии и државната ревизија, односно Законот за управата за јавните приходи и Законот за државна ревизија, во насока на зголемување на нејзината независност. Според ова, можеме да кажеме дека 2022 година ја одбележаа реформите во јавните финансии.
Реформите во јавните финансии имаат за цел подолгорочно и поквалитетно планирање на буџетските програми и буџетите, одржливост и континуитет во спроведување на политиките, поправичен модел гледано од аспект на приходите, расходите и начинот на финансирање (како се полни буџетот и како и каде се трошат парите на граѓаните) и следење и мерење на резултатите. Еден од главните столбови на реформите во јавните финансии се транспарентноста и отчетноста, како и алоцирањето на јавните средства таму каде што даваат најголеми резултати според приоритетите на утврдување на оптималните политики во интерес на граѓаните и стопанството, концептот на „Вредност на парите“ (Value for money) и воведување на т.н. клучни индикатори на успешност (Key Performance Indicators).
Реформите во јавните финансии се неопходни за да може да зборуваме за побрзо закрепнување од кризата, а понатаму и забрзување на економскиот раст. Ова се и препораките на меѓународните финансиски институции. Одржливи резултати, во било која сфера, може да се постигнат само доколку постои систем. Ние веќе сме во напредна фаза на изградба на системот на „паметни“ финансии, кој се базира на јасна стратегија, одржливост, одговорност, реформи и транспарентност. Ваквиот систем ќе ни помогне да обезбедиме нови инвестиции, нови работни места и подобар живот за граѓаните преку паметен, одржлив и инклузивен раст.
Добро е реформската агенда да се спроведува во кризните епизоди, бидејќи тие најдобро ни покажуваат каде во системот има потреба од промена. Симболот за криза во кинескиот јазик, се пишува со два знаци – едниот е опасност, а другиот можност, што би значело дека треба да сме свесни за заканите, но и да ја препознаеме шансата како да се подобриме.