Економистите очекуваат намалување на инфлацијата и во 2024. Еова беше еден од заклучоците од редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка
Според економските експерти во 2023, како и претходната 2022 година, се чувствуваа последиците од руската инвазија врз Украина, главно преку инфлацијата, но како што одминуваа месеците, така инфлацијата забавуваше
Ако 2023 година ја почнавме со стапка на инфлација од 13,3 отсто во јануари, таа во ноември 2023 година таа изнесуваше 3,4 отсто.
Економистите очекуваат инфлацијата и натаму да слабее, иако се предвидува дека се уште ќе постојат ризици.
„Просечната стапка на инфлација и натаму е на релативно високо ниво во споредба со историскиот просек. Ризиците во однос на идната динамика на цените и натаму постојат за што покрај неизвесноста од движењето на цените на светските берзи, придонесуваат и одредени домашни фактори. Оттука, потребна е натамошна претпазливост, вклучително и во однос на политиките што делуваат врз побарувачката на економијата“, стои во еден од заклучоците од редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на која беа разгледани најновите податоци и информации за глобалната и домашната економија.
Инаку, 2023 година македонската економија ја започна со просечна плата од 33.934 денари. Но веќе во април, по зголемувањето на минималната плата и платите во одредени дејсност, просечната плата се зголеми на 36.134 денари односно 587 евра и за првпат ја проби границата од 36.000 денари.
Во месец мај просечната плата изнесуваше 36.465 денари, додека по летните одмори,во месец септември, просечната плата ја надмина границата од 600 евра и изнесуваше 36.876 денари (615 евра).
Конечно, според официјалните податоци од Државниот завод за статистика во октомври оваа година, просечната плата надмина 38.000 денари и таа изнесува 38.843 денари или 630 евра, што е за 17,3 повеќе отколку истиот месец 2022 година.
Кога се ќе се собере и одзеде излегува дека просечната плата во државата од јануари до октомври лани пораснала за безмалку 4.500 денари (4.479).
Раст имаше и кај пензиите. Преку двете зголемувања, во март и септември оваа година, пензионерите од октомври оваа година, имаат за 13,7 отсто повисоки пензии.
Следниот раст на пензиите ќе се случи во март следната година, а до тогаш, односно пет месеци по ред пензионерите со пензии до 19.000 денари ќе добиваат месечна финансиска поддршка од 1.500 до 3.000 денари.