Mошне битeн факт дека со монодрама на различни страни на светот, се бават млади луѓе кои, без видлив напор, ја претопуваат во своја безвременска животна приказна
ЛИЛЈАНА МАЗОВА
Поминато е времето кога повозрасните актери, немајќи ангажман во матичната куќа, подготвуваа монодрами со кои сакаа и натаму да го одржуваат контактот со публиката. Ова го потврди и неодамна одржаниот 21. Интернационален фестивал на монодрамата кој во периодот од 9 до 13 мај се одржа, традиционално, во Битола. Домаќин и организатор, како и на досегашнитe фестивалски изданија, беше Националната установа Центар за култура – Битола.
Во текот на петте фестивалски дена во официјалниот дел настапија единаесет актери од разни страни на светот – Турција, Хрватска, Словачка, Бугарија, Молдавија, Русија, Црна Гора, Монголија, Велика Британија и Македонија. Сите изведби имаа свое место во програмата, со што, на крајот на меѓународното фестивалско жири (верувам) воопшто не му беше лесно да ги одбере и награди најдобрите. Кога веќе го спомнувам фестивалското жири да кажам дека во него беа Ментор Зумберај (Косово) претседател и членовите Нина Мазур (Германија) и нашата режисерка Софија Ристевска Петрушевска.
Селектор на фестивалската програма беше Петар Мирчевски, актер од Народниот театар во Битола.
Веднаш да кажам (а тоа да не биде од никого погрешно разбрано) годинашниот, реков 21-ви по ред фестивал и веќе одамна етаблиран во светот, не ја доби поддршката од Министерството за култура на Р. Македонија. Образложението (важи и за други фестивали, манифестации и настани во земјава) е дека локалната самоуправа мора/треба да се вклучи во финансирањето на различните фестивали и културни манифестации во своите општини и на тој нaчин да се растовари буџетот на Министерство за култура РМ. Покрај Општина Битола и Центарот за култура – Битола, Фестивалот финансиски го помогнаа и претпријати, поединци и добронаерници.
Иако организаторите тоа најдобро си го знаат: како успеаа Фестивалот да оди натаму – да продолжи и тоа под мотото “… и продолжува“… Сосем е јасно дека продолжи и благодарение на заложбите на луѓето од Фестивалот чија директорка е Маја Андоновска Илијевски, инаку актерка во Народниот театар во Битола. Се разбира заедно со сите други „домаќини“ кои заедно успеаа сето предвидено да се одржи, да бидат најљубезни домаќини, да ја сместуваат публиката во просторите кои за поголем дел од изведбите беа претесни да ги примат сите што сакаа да ги видат уметниците од светот и нивните монодрамски остварувања.
Фестивалот функционираше на најдобар начин, со исклучително вниманието кон актерите/гости, кон публиката или поканетите гости.
Не само што предвидената програма течеше без никакви измени или забелешки, важно е што беше организиран и дводневен дебатен клуб/разговор на тема „Монодрамата од двете страни на сцената“ (барем јас не се сеќавам на таква дебата/разговор) и уште неколку настани во офф програмата.
Дводневната дебата/разговорот на тема „Монодрамата од двете страни на сцената“, ако се има предвид дека монодрамата е мошне сложен театарски процес – еден актер го држи вниманието на целата публика – барем за мене голем плус е фактот дека сега со неа со исклучителна посветеност се занимаваат/ја создаваат и млади луѓе/актери.
Директорката на Фестивалот Маја Андоновскас Илијевски, запиша: Актер … со сите свои радости и болки. Со сите свои емоции од кои создава волшебни светови. Со сите свои богови и демони … со сите свои приспивки и кошмари… Еден актер, една сцена, еден сјаен сноп светло … и крик… Така започнува таа приказна за монодрамата. Ако како актер ме запрашате, ќе ви кажам дека е потребна голема храброст, исклучителен талент и силен личен порив да се впуштите во дивите води на „one man show“.
Фестивалот започна на 9 мај со премиерата на Бакхи – Краток преглед на распадот по Бахки на Еврипид, во режија на гостинот Игор Вук Торбица, продукција на НТ во Битола, и вон конкуренција. На 13 мај заврши со соло перформансот Пасија по Биби, по текст, светло, музика и дизајн на Петар Милошевски, нашинец од Битола кој живее и работи Лондон. И двата настана вон кон куренција за наградите.
Меѓу овие два настана беа изведбите на монодрамите во конкуренција На крајот жирито наградата за најдобра режија и ја додели на монодрамата Комедијантка од Бугарија во режија на Невена Митева со актерката Маја Бежанска; наградата за најдобар актер на Игор Ларин во монодрамата Забелешка на покојникот од Русија, а Гран при на фестивалот доби монодрамата Трите животи на Исидора Данкан од Молдавија чиј автор:е Зиновиј Сагалов, режијата е на Марија Паљницкаја со актерката Јана Лазар. Наградата на публиката и припадна на монодрамата Сé што сум премолчела од Хрватска, со актерката Миа Беговиќ и режија на Иван Лео Лемо.
Темите на изведените монодрами беа најразлични. Сите приказни од животот, актуелни и во кои секој може да најде место/состојба во која се препознава. Впрочем – тоа е и најважното: актерот да те „земе“ од почеток до крај со/во себе, да те води низ лавиринтите на животот, да излезеш од изведбата задоволен, можеби задуман во она во кое си се препознал, можеби среќен/задоволен што од секоја состојба – барем од треатарската сцена – на крајот ќе го осознаеш и она што во други ситуации си мислел дека е невозожно.
Бидејќи стануваше збор за обемна фестивалска селекција, најважно е што секој си го одработи своето на најдобар можен начин и најдобрите (според жирито) ја добија заслужената награда. Во секој случај стануваше збор за избор кој му доликува на меѓународен фестивал со ваква традиција. Ценет меѓу создавачите и почитувачите на монодрамата. Како фестивал кој го сакаат и актерите и публиката.
Секоја изведба влечеше кон нова возбуда, нова средба со актер од друга земја, со актерско мајсторство и огромна посветеност на она што го подготвил и ќе го одигра пред новата публика. Интересен е и фактот што јазикот на изведувачите од разните земји никому не му пречеше. Играта на актерот/или актерката ја разбираше секој во публиката. И го бараше својот дел во приказната.
Интересот на публиката за изведбите беше голема. Битолската публика го сака овој фестивал. Токму затоа што секое издание е нова средба со веќе познат или сосем непознат актер во чија „сценска приказна“ (низ различни аспекти) ќе пронајде и нешто свое, блиско, доживеано, отсонувано или посакувано.
Секој актер носеше своја сценска порака, го „играше своето јас во неа“, го бараше (и добиваше) вниманието на гледачот. Во ова, веројатно, е и „тајната“ за припадноста на публиката/гледачот на Фестивалот.
Од друга страна, секоја нова „актерска сценска приказна“ беше соочување на тој – актерот и тој – гледачот (иако гледачот се множи). Фестивалот на монодрамата во Битола тоа го одржа и годинава. Актерот и гледачот, во салонот/просторот во кој се макар и за еден час или час и нешпто повеќе, да се доближуваат, да се препознаваат, да се паметат и да си посакуваат уште некоја таква средба.
Без разлика од која страна на светот/земјата од која доаѓаа, актерите – изведувачите на селектираната програма, ја носеа истата возбуда: како гледачот ќе ги разбере, како додека трае изведбата ќе се здружат во едно. И токму ова е еден од факторите што Фестивалот на монодрамата во Битола има голем рејтинг меѓу публиката и меѓу актерите од/во светот. Взаемноста, довербата, возбудата, задоволството од заедничката средба.
Реков темите беа различни и од животот. Исто без разлика дали стануваше збор за познати (на пример Едит Пјаф) или сосем непознати а сепак блиски/препознатливи судбини/мигови од животот.
Да повторам, барем за мене, мошне битниот факт дека со монодрама на различни страни на светот, се бават млади луѓе кои, без видлив напор, ја претопуваат во своја безвременска животна приказна.
Честитки и до нив, и до селекторот и до организаторите кои заедно ја создадоа фестивалска програма и атмосфера. Би рекла со леснотија која овозможува и изведувачот, и гостинот, и гледачот да живеат (и кусо време) заеднички живот, блискост…