ЛИЛЈАНА МАЗОВА
Заврши 43. Млад отворен театар – омилениот фестивал на скопјани (и на негови обожувачи од други градови) што годинава са одржа од 20 до 28 септември. Низ селектираните содржини – 18 претстави од повеќе земји, работилници, изложби, тематски разговори, концерти… секој можеше да си прави свој избор, а најупорните да ги има на сите закажани програмски содржини.
Секој настан имаше своја публика. Култниот драмски текст „Буре барут“ на Дејан Дуковски беше една од најочекуваните претстави. Во режија на Нина Николиќ (режисер во Македонскиот народен театар – Скопје) и во изведба на
Босанскиот национален театар во Зеница (БиХ) а копродукција е со „Скопје филм студио“ и Македонскиот народен театар – Скопје.
Интересно е по толку изведби дома и низ светот во 90. години на минатиот век, по снимеиот филм по истиот текст, да се доживее/види – сега од поголема временска дистанца, текст што имал или си видел повеќе различни изведби.
Драмата на Дуковски е приказ на актуелните состојби/теми на Балканот, но не помалку и во светот: бруталниот круг на насилства од секаков вид. Малиот човек заробен меѓу насилствата и љубовта како есенцијална потреба да се преживее.
Нина Николиќ со целата екипа од и околу претставата ја одбираат, или ставаат нагласка на љубовта. Така и следиме повеќе љубовна драма во која емоциите го надвладуваат.оној бруталниот круг на насилството. Агонијата која полека се претвора во чудовиште во кое се вовлекуваат сите. Оние кои веруваат дека се имуни/силни за да побегнат од тој круг на насилства и самоуништување. Во претставата останува она сега најбитното: речиси и не е важно кој прв почнал туку кој ќе каже доста е.
Драматург на претставата е нашата Драгана Лукан Николоска, костимограф е Лејла Хоџиќ, сценограф е Ведран Хрустановичќ, музиката е на Игор Касаповиќ, видеата и фотографиите на Петар Кочишки…
Изведбата ја носат актерите: Саша Ханџиќ, Мухамед Бајоњиќ, Енес Салковиќ, Мирољуб Мијатовиќ, Златан Шкољиќ, Нусмир Мухаремовиќ, Анџела Илиќ, Сабина Куленовиќ, Џенана Џаниќ, Александар Михајловски (кој на изведбата во Скопје и Битола играше наместо актерот Ќемал Ризвановиќ кој од оправани причини не допатува на премиерата/изведбите во Македонија) и Адис Механовиќ.
Прво, екипата во целиот проект е внимателно одбрана. Второ, строго ја следи поставената идеја/задача: претстава за љубовта која од силата на емоциите може и да убие. За режисерката Нина Николиќ најбитни се емоциите кои, ако не се конторилираат, можат и да убијат. Во изведбата бруталниот круг на насилството во агонијата на постојаните повторувања, се претвора во систем во кој ги вовлекува дури и оние што се убедени дека се имуни и доволно силни да докажат дека не секогаш мора да има само несреќен крај. Може и да се побегне од несреќата.
Нагласени се и фактите дека сите можеме да сме во право зашто имаме свои мотиви за сопстеното однесување. Овие факти ја „водат“ изведбата на ова ново читање на „Буре барут“. Важноста на емоциите и „справувањето“ со нив создаваат љубовна драма, отворена кон чисти емоции. Таквата сценска приказна води во зацртаниот чист свет на емоции. Со оторена нагласка кон фактот: доста е со насилства – ни треба љубов во која секој ќе влезе според својата моќ/желба за искреност, за љубов.
Токму низ овие насоки, како провокација за напред, за емоции кои го контролираат и мотивираат нашето/сечие однесување, се остварува искреноста и посветеноста на екипата. Многу битно е и што изведбата не е оптоварена од славата на текстот, туку следи свој нов поглед на она со што, практично, треба да живееме: искреност и љубов кон себе и блискиот.