ЛИЛЈАНА МАЗОВА
Младиот отворен театар – омилениот фестивал на скопјани (и на негови обожувачи од други градови) е во тек. Во тек е 43. издание (20 – 28 септември) во кое се селектирани 18 претстави од повеќе земји, работилници, изложби, тематски разговори, концерти… Вкупно програма која безрезевно привлекува големо внимание, или секој по свој избор си прави селекција за тоа што сака да види, да учествува, да биде дел од тие разновидни програми.
Во првите три дена, во официјалната програма (по сопствен избор), беа прикажани три претстави, според кои може да се каже дека 43. МОТ почна со добро селектиран фестивал: Блокбастер (Белгија), Идиоти (Словенија), Гробница за Борис Давидовиќ (Србија).
Блокбастер на „Колектив Мензуел“ (Белгија) ја отвора актуелната тема на денешницата (а и постојано актуелна): екстремната сиромаштија во светот и еколошките проблеми на планетава. Претставата е филм-пародија и како што стои во информацијата за неа создадена е од повеќе од 1.400 кадри од 160 холивудска филмови. Драматургот Nikolas Ancion, заедно со целата авторско/актерска екипа (петмина актери) создаваат сценска приказна на две нивоа: на сцената се изведувачите актерите водители/музичари, а на платното зад нив се прикажува монтираната филмска приказна. Од едно чудо сцени.
Процесот води кон ослободување на обичните луѓе од владеачката, односно доминантната класа која е безмилосна во потезите што ги спроведува. Обичниот човек е поставен пред ѕидот на моќниците кои воведуваат свои правила и цензури, а се богатат преку своите офшор компании. Преку сликите, силниот звук кој се изведува од оние на сцената, единствен излез за онеправданите е низ хумор да го изразат својот протест.
Тој протест е силна водилка која колку и да е тажна е крајно вистинита. Затоа и она што доаѓа од сцената до гледачот е силна/јасна пародија која не манипулира. Лежерно ја прикажува/игра вистината за толку потребната слобода. Сето она што е во стегнатиот процес на барање на слободата е точна слика на случувањата, или сето она што по волја на моќниците го трпи/преживува или живее со него обичниот човек. Оној кој е во постојана потрага по сопствената слобода до која, ете, никако не се стигнува. Приказот на тој процес/проблем, без никакви додатоци, е искрен и точен. Смешен и тажен. Вистината е како отров со кој се живее, наметнат од моќниците кои не одбираат средства да го замолчат и повредеат чесниот човек. Оној кој е во постојана потрага по својата слобода. Проектот, како и секоја добро осмислена претстава, не манипулира: ја следи вистината онаква каква што е.
Претставата Идиоти на секогаш добредојденото на МОТ Словенско младинско гледалишче од Љубљана (Словенија), ја продолжува идејата на 43.МОТ: смешно и критично го следи процесот на бараната/добиената слобода од која, пак. обичниот човек не станува посреќен. Како што вели еден од ликовите: живееме секој во својот аквариум. Прертставата е работена според сценариото на данскиот режисер Ларс фон Трир, а режисер е Нина Рајиќ.
Идиоти е колку смешен толку и критичен процес за општество кое постојано се богати, а никој не станува посреќен. Спротивностите на животот денес. Треба ли да се отпочне повторно и од почеток за да се види она што сме го заборавиле?!
Дали од честите изведби или гостувања во друи средини, актерите повеќе или помалку „избегале“ од првобитната поставка. Видливо е дека и се „додворуваат“ на публиката во друга средина, вметнувајќи конкретни места во кои се играат нови (овојпат наши) состојби, наслови на места, на проблеми, судири… Во целата изведба која актерите ја остваруваат со силна динамика, барем мене ми пречи траквото „прекројување“ на првичната идеја. Колку и да е таа точна, сепак е и додворување на публиката. Во секој случај Младинско од Љубљана е театар што го почитуваме низ сите години на негови гостувања на МОТ.
Гробница за Борис Давидовиќ на Данило Киш некаде во осумдесетите години беше еден од најизведуваните текстови на некогашната југословенска театарска сцена. Сега живее нов живот: исто актуелен како некогаш. Продукција е на Ujvideќi Szihaz – Унгарскиот театар во Нови Сад (Србија), а режисер е Александар Поповски, нашиот во моментов најактуелен гостувачки режисер на Балканот (сега и уметнички директор на Театарот во Марибор (Словенија).
Остра, моќна претстава која говори за тоа дека револуцијата повеќе нема да ги јаде своите деца, само ќе ги раѓа „расчеречени“ над гробовите. Потребни се постојано нови гробови над кои крештат врани. Тоа е, всушност, славниот гроб на револуцијата.
Поповски со во последниве години во подем унгарскиот ансамбл/театар во Нови Сад, влегол во жестока битка со времево. Актерскиот ансамбл е во речиси совршена кохезија со идејата на режисерот. Сета драма се одвива динамично и духовито, остро и точно со/во времево. Актуелна е во секој сегмент на денешницата, докажува дека сите сме во тркало кое се врти а парадоксално стои во место.
Дел од 43.МОТ е и изложбата 35 години сценографска дејност на Крсте С. Џидров – Џиби: Како еден од нашите најплодни и најнаградувани сценографи, тој сега ни се претставува со импозантна изложба – избор кој на едно место презентира дел од неговата богата актива. Скици, цртежи, фотографии … се уредно врамени и поставени Изложбата ја птвори Владимир Милчин, режисер со кој Џидров често работел и работи.
„….Во сценографиите кои ги слика и обликува Џидров обединети се слободата на креацијата и мајсторството на реализацијата. Просторот на сцената е оформен со неговите креации во чија изработка се употребени материјалите плексиглас, пластика, камен, песок, вода, метал, струготини… Во тој простор се движат актерите кои се осветлени од постоечкиот ’светлосен парк’ на театарот и од новите специјално подготени светлечки елементи во нови идеи и креации…“, констатира во каталогот кон изложбата д-р Ивана Јарчевска, театролог.
И овие оценки за дел од 43. МОТ се доволна гаранција дека и годинава ќе следиме интересен и обмислен Млад отворен театар.