Девет ексклузивни концерти, уметничка изложба на Роб Мазурек, документарен филм за Мајлс Дејвис и промоција на најновото издание на „СЏФ рекордс“ беа дел од програмата на 43. Скопски џез фестивал
ЕЛЕНА АНГЕЛОВСКА
Во четири вечери (17-20 октомври), на две локации во градот (НОБ и МКЦ), пред многубројна публика и преполни сали настапија извонредни и неповторливи изведувачи кои на 43. „Скопски џез фестивал“ го презентираа најдоброто од светот на џезот и импровизираната музика. Девет светски етаблирани состави од САД, Европа и Македонија ја претставија својата музика во Националната опера и балет и во МКЦ. Тие беа исклучително моќни и инспиративни, одлично комуницираа со публиката, која ги награди со долги аплаузи и враќање на бис.Првата вечер започна во НОБ со специјален настап на најдобрата и најпопуларна американска џез пејачка, Сесил Меклорин Салвант. Овенчана со три Греми статуетки, шест номинации за Греми и бројни други значајни награди за најдобар џез вокал, таа се прослави со својата способност да откопува заборавени песни, оживувајќи ги со силни наративи, неочекувани пресврти и богата емоционална длабочина. Нејзините концерти се неповторливи искуства, во кои таа покажува неверојатно чувство и талент за раскажување приказни. Тоа го потврди и пред скопската публика, каде првпат настапи. Нејзиниот настап беше извонреден, а вниманието на публиката успеа да го задржи до крај, со желба повторно да се врати во Скопје. Со ова, уште еднаш се потврдува реномето на „Скопскиот џез фестивал“, кое го ужива на нашите простори и во светски рамки.
Истата вечер во МКЦ настапи и домашниот џез-состав „Некст ту сајленс“. Пред самиот почеток на концертот, Гоце Наумов, член од бендот (тапани), на интересен начин ги претстави останатите членови, со што ја насмеа и загреја публиката за одличниот настап што следеше. Направија прекрасна и магична атмосфера во која уживаше публиката, но и членовите на бендот. Тие имаат издадено неколку албуми, а вечерта се претставија со најновиот албум „Рух“, кој беше промовиран како дел од придружната програма на фестивалот на 12 октомври во „Аудио култура“. Со својата музика, тие посегнуваат по мноштво природни феномени, древни вештини, загадочни адети, отелотворени претстави или завиени досетки, кои добиваат сосема ново постоење и смисла во нивните композиции.
На саксафонистот Кирил Кузманов, пред почетокот на концертот, му беше врачена наградата за најдобар млад џез-музичар за 2024 година од страна на Костадин Шурбановски. Настапија и останатите членови од групата: Ади Имери на гитара, Филип Димишковски на клавијатура и Драган Стојковски на бас-гитара.
Втората фестивалска вечер, во НОБ, ја одбележаа две различни, но исклучително интересни концертни формации. Најпрвин настапија „Родриго Амадо Д Бриџ“. Станува збор за вистински ол-стар бенд. Во својот квартет „Д Бриџ“, португалскиот саксофонист Родриго Амадо, еден од најзначајните европски импровизатори, обединува три од неговите најсилни музички влијанија, сите лидери во својот домен: маестралниот германски пијанист Александар фон Шлипенбах, норвешкиот волшебник на контрабасот Ингебрит Хакер Флатен и легендарниот американски тапанар Џери Хемингвеј. Родриго и неговиот бенд свиреа без пауза и не застануваа, приредија таков одличен концерт што публиката долго ќе го памети, добивајќи дури два биса.
Потоа настапија „Ди Енд“, експериментална музичка група, позната по уникатниот спој на жесток грајндкор, фри џез и ноиз, збогатен со елементи од мавританската, етиопската, индиската и скандинавската народна традиција. Нивниот женски вокал, Софија Јернберг, одлично се надоврзува на звуците од фолкот. Оваа вечер имаше помалубројна публика од останатите вечери, но сепак треба да се земат во предвид и многубројните настани тој ден.
Третата фестивалска вечер беше резервирана за три големи имиња на светскиот џез и креативната музика. Њујоршкиот пијанист и композитор Давид Вирејес настапи прв. Тој органски ги соединува своите кубански фолклорни корени и њујоршкиот импровизаторски свет. Добитник е на голем број меѓународни награди и има блескава солистичка кариера со бројни соработки со големи џез имиња, како Хенри Тредгил, Вадада Лео Смит, Бил Фризел, Стив Колмен и многу други. Веднаш по него настапи оркестарот на Роб Мазурек, „Експлодинг стар оркестар“, кои го претставија својот најнов албум. Роб Мазурек е композитор, трубач, музички директор, визуелен уметник, апстрактивист и современа музичка икона на чикашката авангардна сцена. Во 2005 година, веднаш по неговото враќање од Бразил, го оформува генијалниот „Експлодинг стар оркестар“. Со овој проект, Мазурек создаде медиум што поседува капацитет да опфати различни стилови и идеологии од широкиот опсег на слободни форми на изразување, како и да ги истражи најавангардните трендови на сцената, инкорпорирајќи значајни музичари од пост-рок, AACM и слободната импров сцената. Секој од избраните уметници е легенда на авангардниот џез. За време на фестивалот, од 16 до 20 октомври, во галеријата на МКЦ беше поставена ексклузивна изложба на звучни принтови, слики, скулптури и инсталација на џез-музичарот Роб Мазурек. За крај на вечерта, во МКЦ настапи Алабастер Деплум, кој ги обединува џезот и перформативната поезија во една оригинална и општествено свесна уметничка форма. Деплум беспрекорно ја комбинира музиката и говорниот перформанс, создавајќи импресивно доживување кое ја повикува публиката во простор на заедничко размислување и емоционална длабочина.
Последната вечер најпрво настапија Никол Мичел и Марк Сандерс. Никол Мичел е многупати наградувана креативна флејтистка, концептуалист, композитор, лидер на бенд и едукатор, додека Марк Сандерс е тапанар/перкусионист со британско-белизеско потекло, препознатлив по активното музицирање во сферата на фри-џезот и слободната импровизација. Фестивалот кулминираше со настапот на „Фаја Оркестра“, бенд составен од 16 музичари, раководени од Мат Густавсон. Неверојатната изведба на оркестарот никого не остави рамнодушен. Секој нивен настап ги редефинира можностите на модерната музика, зацврстувајќи го нивниот статус на еден од најиновативните и креативно најпотентните ансамбли на сцената и клучна движечка сила во еволуцијата на современата музика. Па, така и Скопје има настап за долго паметење.
Како дел од таканаречената „Програма плус“ за време на фестивалот, од 16 до 20 октомври, во галеријата на МКЦ беше поставена ексклузивна изложба на звучни принтови, слики, скулптури и инсталација на џез-музичарот Роб Мазурек. Во киното „Фросина“ на 16 октомври беше прикажан документарниот филм „Мајлс Дејвис: Бртх оф д кул“. Со досега необјавени архивски снимки, студиски раритети и ретки фотографии, филмот ја раскажува приказната за еден вистински уникатен талент и го разоткрива човекот зад трубата. Беше организирана и џез работилница за деца „Jazz for Kids“. Скопскиот џез фестивал и годинава, во соработка со UNHCR, продолжува да го негува проектот „Џез за солидарност со бегалците“, упатувајќи уште еден гласен повик за емпатија и поддршка на неправедно и насилно раселените, обездомените, обезнадежените…