Во петокот навечер светот легна да спие со вообичаените ритуали. Се разбуди во свет кој не беше ист. И кој можеби само за малку не стана опустошена и озрачена планета,каде со милениуми нема да се врати животот. Модерните времиња ни го донесоа тоа – имаме најмоќни орудија а лидери со инсуфициенција на одговорност
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Медиумите јавуваат дека во саботата рано наутро на светот му се случиле две работи. Првата е дека Третата светска војна сепак го одминала. Но има и втора – дека томахавк ракетите врз сириските градови навестуваат период кој нема да биде сличен на она што го имавме до сега на Блискиот Исток. А таа слика и до сега беше застрашувачка, иако оддалечена.
„Да не должам: Трамп се прејал хамбургери, па не можел да заспие. Го мачела киселината во стомакот. Па се размавал по компјутерот и испратил пораки до Асад и Путин дека ќе паѓаат ракети врз нив. Тие, Русите, се разбира, му одвратиле. Потоа Трамп им испратил уште поголеми ракети па овие нему уште поголеми. И така, два – три пати по ред и … го нема веќе овоштарникот!“. Вака ги опиша настаните во саботата нашиот колега ( и познат писател од Улцињ) Андреј Николаидис, во својата колумна во Ал Џезаира, напишана од аспект на пладневните предвидувачи на судбината во поодминати години, кои и покрај се мирно го пијат своето кафе на сончевите тераси на Балканот. Тие гатачи знаат дека крајот на светот за секој поединечно од нив ќе дојде во часот на нивното упокојување. А за другите?
Според Николаидис – да го искористиме во уште неколку реченици – медиумите имаат важна ролја во поставувањето на тоа прашање во некаква апокалиптична визура. Некои од нив, оние за кои нивните уредници сметаа дека имаат „конзервативен однос кон фактите“, на споменувањето на крајот на светот во насловите ставаат прашалник. Додека останатите медиуми не утешуваат со податоци дека богатиот слој на планетата има изградено за себе доволно атомски скривници, додека сиромашната „раја“ треба да се утеши со советите за „алтернативна заштита од радијација“.
Сликите од загрижените родители кои во 1962 година седеа со увото до радиото, слушајќи вести поврзана со кубанската криза, која предизвика масовен страв од нуклеарна војна, некако се враќаат. Но, во право се и аналитичарите кои велат дека таа криза останала политичка, бидејќи, немало директен и вооружен конфликт, кој е избегнат. Тоа е разликата од сегашното време кога оружјето е далеку посмртоносно, ама големите лидери – ги нема! Таа инсуфициенција на одговорност и разборитост само ги забрзува кризите и видовме лесно премина во – воена акција При тоа, постои честа и дијаметрална промена на стратегиите – Трамп, во духот на својата кампања „Америка прво“ најави повлекување од Сирија. Русија свечено ги испрати дома првите мигови. Велат дека во базите во Сирија бргу се вратиле, навистина други типови на авиони ама сепак… Колку за Трамп се виде повлекувањето. Од пристојно растојание од 1.300 километри се истрелани стотина ракети од типот томахавк: напуштањето на боиштето било само до точката на пристојно растојание.
Јасно е дека програмските задачи што си ги постави Трамп си имаат класични девалвирачи од воената индустрија (која е вообичаено победникот во пресметка на силите во Овалниот кабинет) а главниот подбуцнувач во регионот, Израел, секако си има свои причини да бара големо присуство на војници од надвор, како додатен и по него најмалку скап штит. Може да се замисли паниката во Тел Авив кога неодамна се слушнало дека Америка си ги враќа војниците дома!
Но, размрсувањето на деталите за војната во и околу Сирија е прекомплексна задача за да се разглобува сега,, бидејќи, таму суштината во мигот е дека политиката ја нема својата јасна и дофатлива цел а војниците можат до бесконечност да ги играат своите „компјутерски игри“. Но ноќта меѓу петокот и саботата не довлечка до тв екраните, сличќно како и нашите родители до радио апаратите пред 56 години. Дилемата кај нас е иста со нивната – дали е можна Трета светска војна кога светот ќе го нема?