ЕЛЕНА АНГЕЛОВСКА
Од 26 мај до 3 јуни во Српското народно позориште во Нови Сад се одржа 69 -то Стеријино позорје. Фестивалот беше отворен со претставата „Беше еднаш во Нови Сад“ и со говорот на Горан Шушљик, актер, режисер и продуцент. Во натрпреварувачката програма беа изведени седум претстави и три претстави во селекцијата „Кругови“.
Стеријино позорје е еден од најзначајните театарски фестивали во регионот, а во главниот фокус е српскиот домашен драмски текст. Но во последниве години овој фестивал привлекува внимание и надвор од границите на државата, па овогодинешната селекторка, Ана Тасиќ изјави за српските медиуми дека гледала вкупно седумдесет претстави, од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Унгарија и Србија, од кои го направила конечниот репертоар.
ТЕАТАРОТ КАКО СОВЕСТА НА ОПШТЕСТВОТО „Продукцијата во голема мера е критички насочена кон нашиот свет определен од силни изливи на насилство, општествено-политички неправди, негативна селекција, лажности, ароганција и незнаење, кои ги турнаа вистината, скромноста и мудроста на маргините на социјалната сцена. А театарот како совеста на општеството или нејзината хуманистичка проекција ја враќа оваа маргинализација на доблеста во центарот, каде што и припаѓа“ – вели Ана Тасиќ.
Таа напомена дека овогодинешната натпреварувачка програма е специфична.
– Специфично е по тоа што сите три премиери на современи оригинални драмски текстови на Милан Рамшак, Милена Марковиќ, Тања Шљивар и Вида Давидовиќ доаѓаат од театри надвор од Србија – од Крањ и Птуј („Дождлив ден во Гурлич“), Вараждин („Режим на исцелување“) и Бања Лука („Малите војни и кабините на Зара“), што може да се сфати како афирмација на српската драма и потврда на мисијата на Стеријино позорје да ја промовира домашната драматургија надвор од границите на земјата. Во изборот беше вклучен и авторскиот проект „Беше еднаш во Нови Сад“ на Андраш Урбан, кој ги испитува значењето и функциите на театарот во современото општество, во контекст на историјата на новосадскиот театар. На репертоарот беше и адаптацијата на претставата „Сирота Милева од Босна во нашата цивилизација во 1878 година“ од Албина Подградска, од втората половина на деветнаесеттиот век, која за првпат беше изведена во Народниот театар во Суботица, под навистина необична режија на Анѓелка Николиќ. Вклучено беше и новото читање на бајковитата и архетипска драма на Милена Марковиќ „Брод за кукли“, во невообичаено естетизирана, поетска визија на Кокан Младеновиќ, на сцената од Битола. И на крај, но не и помалку важно, на натпреварувачката програма беше прикажана и нова драматизација на романот на Селениќ „Татковци и татковци“ од Ката Џармати (Народен театар во Белград), исто така во истражувачката постдраматска форма на режисерот Вељко Миќуновиќ, која бара современи и безвременски одговори на прашањата за генерациските конфликти и наследството од (военото) минато, вели Ана Тасиќ.
АПОКАЛИПТИЧНОСТА Е СЀ УШТЕ ОДЛУЧУВАЧКИ ФАКТОР НА НАШИОТ СВЕТ На прашањето зошто слоганот на фестивалот е „(Пост)апокалиптични сценски светла“, Тасиќ вели:
– Слоганот е роден од тематските одредници на современите оригинални текстови на Тања Шљивар, Милена Марковиќ и Вида Давидовиќ, чии актери очајно, но непопустливо се борат низ темните, апокалиптични шуми на современото општество, погодени од војни, пандемии, мигрантски кризи, транзиции и економски тешкотии. Во кошмарни околности не се откажуваат од обидот да ги надминат насобраните кризи, скршеници, стравови. А всушност, сите други претстави, во натпреварувачката програма и во програмата „Кругови“, горе-долу комуницираат со овој слоган. Според тоа, слоганот ја отсликува потрагата на главниот лик по фрагменти од фрагментирани идентитети во (пост)апокалиптично време, по кошмарот или во кошмарот што сè уште го живееме локално и глобално, по закрепнувањето од ексјугословенските војни, транзиции, пандемии. Со други зборови, сè уште не сме ја напуштиле апокалиптичната фаза, не сме преминале на другата страна на реката, метафорично кажано, не сме стигнале до пост-фазата. Апокалиптичноста продолжува да го дефинира нашиот свет.
ПОСЛАБА СЕЗОНА ВО СРБИЈА На прашањето за естетиката, сценскиот јазик и ракописот што ги означува настапите на овогодинешното Стеријино позорје тaa вели:
– Ако зборуваме за сценски јазици, кога ќе го погледнете списокот на режисери кои ги потпишуваат претставите – Кокан Младеновиќ, Андраш Урбан, Вељко Миќуновиќ, Ивица Буљан, Себастијан Хорват и други – јасно е дека станува збор за истражувачка поетика, пост -драмски јазик, изграден врз авангардното наследство, применет, се разбира, во рамките на институционалниот театар – вели Тасиќ.
Напоменувајќи дека најголемиот дел од изборот го сочинуваат претстави од регионот, што, меѓу другото, ја отвора дилемата што всушност кажува за домашниот драмски текст. Три претстави од натпреварувачката програма беа од Србија, а четири од регионот.
– Изборот секогаш е одраз на продукцијата, квалитетот на фестивалската програма не може да биде подобар од квалитетот на продукцијата, а оваа година покажува дека сезоната во Србија во целина беше уметнички послаба, се разбира, многу ми е жал што е така, но можеби овој вид на избор може да биде еден вид мотивација за нашите театри да бидат попосветени постудиозни и поудлучни на продукцијата на претстави базирани на современа српска драма. Успесите не доаѓаат случајно, туку се производ на добро осмислена репертоарска политика, континуитет на работа, истрајност, останување на зацртаниот пат и по неколку неуспеси и разочарувања, бидејќи успехот често доаѓа по вакви „падови“ – заклучува Тасиќ.
НОВИОТ ТЕКСТ НА МАТИШИЌ Искуството покажа дека изведбите на Стеријино позорје од ненатпреварувачката селекција „Кругови“ привлекуваат речиси исто внимание како оние од натпреварувачката селекција, понекогаш и повеќе. Како и во случајот за изборот на претстави за натпреварувачката програм, така и во селекцијата на „Кругови“ апсолутен приоритет при изборот на претставите е даден на нивниот уметнички квалитет, вредностите на драмските текстови, режијата, актерската игра, музиката, сценографијата и костимите, а се друго е подредено на тоа. Во програмата „Кругови“ беа претставени дела од други земји, најмногу од нашиот регион, поради финансиски околности, чии текстови се напишани од автори од тие земји, а нејзината цел е да биде еден вид простор за споредување на српскиот домашен текст со странската продукција. Оваа година во програмата влегоа три претстави од Хрватска и Босна и Херцеговина: „Моите тажни чудовишта“ (Градски драмски театар Гавела, Загреб), „Црвена вода“ (ХНК Сплит) и „Виолетово“ (Камерни театар 55 , Сараево), тематски блиски еден до друг во смисла на драматични, трилер, епски и трагикомични рефлексии, лични и политички несогласувања во современата историја на екс-југословенските простори „Моите тажни чудовишта“ се базирани на најновиот текст на еден од најдобрите современи драматурзи во регионот Мате Матишиќ, „Црвена вода“ донесе драматизација на извонредниот роман на Јурица Павичиќ, а „Виолетово“ е авторски проект на Селма Спахиќ, со многу посебни форми и значења.
БИТОЛСКИ ТЕАТАР НА СТЕРИЈИНО ПОЗОРЈЕ После триесет години ансамблот на НУ Народниот театар – Битола зеде учество во натпреварувачката програма на Стеријино позорје, со претставата „Брод за кукли“ на Милена Марковиќ во режија на Кокан Младеновиќ, а младата актерка Сандра Грибовска Илиевска ја доби наградата за најдобра млада актерка. Имено Грибовска Илиевска ја освои наградата од фондот „Дара Даринска Чалениѓ“,за улогите на малата сестра, Алиса, Снежана и Марика во претставата. Жирито во состав Дејан Средојевиќ, претседател, Марта Береш, Ирена Поповиќ Драговиќ, Душан Љуштина и Јанко Љумовиќ, едногласно ја донесоа одлуката за наградата.
Секоја година конкуренцијата на фестивалот станува се посилна и затоа ова се смета за еден од најголемите успеси во поновата историја на Народниот театар од Битола и македонскиот театар воопшто. Првото учество на Битолскиот театар на Стеријино Позорје било далечната 1977 година со претставата „Свадбата на Мара“ во режија на Љубиша Ѓорѓиевски; следната година театарот учествувал со претставата „Време за пеење“, во режија на Слободан Унковски. Потоа следеле гостувањата на претставите „Магна карта“, во режија на Златко Свибен (1987) и „Подземна Република“ во режија на Владо Цветановски во 1991 година.
– Со огромна радост целиот ансамбл ја дочека веста за наградата. Освен што е едно огромно признание за Сандра, за целиот театар значи уште поголема видливост во театарските кругови во регионот. Веќе пристигаат покани за нови гостувања со оваа а и со други претстави – изјави Иван Јерчиќ, директор на Битолскиот театар.
Тој потенцираше дека претставата „Брод за кукли“ е бајка без среќен крај и дека до сега веќе биле видени инсценации на текстот неколку пати низ годините на Стеријино позорје.
– На фестивалот поминавме одлично. Чести сме гости во Нови Сад така што публиката и колегите веќе наголемо знаат за Народен театар – Битола и за нас е тоа огромен комплимент. Самата селекција која ја направи селекторката Ана Тасиќ, и влегувањето во друштво на сите тие реномирани театри е само по себе признание за континуирана наша идеја да создаваме театар кој е жив, актуелен и говори гласно – рече Јерчиќ.
Во моментов во Битолскиот театар се подготвуваат две премиери, „Ричард III“, од Вилијам Шекспир, во режија на Мартин Мирчевски која треба да има премиера на Битола Шекспир Фестивалот, и „Галеб“ од А.П. Чехов во режија на Багријана Попов со премиера на Охридско Лето. Во тек се и подготовките за Битола Шекспир Фестивалот.
Ансамблот на битолскиот театар го очекува уште едно гостување, овојпат на домашен терен. Претставата „На дното“ од Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани е во селекција на 58. Македонски театарски фетивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, кој се одржува од 7 до 14 јуни.