Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

70 ГОДИНИ ОД ТИТОВОТО „НЕ“ (5)

May 8, 2018 Filed Under: Фељтон

Настанува пресврт во односот на Информбирото кон Македонија, секако, во рамки на својата политика кон Југославија. Сепак, симптоматично е што и покрај таа „позитивна” политика на Информбирото, балканските држави ги прогонуваат македонските учители, македонските училишта ги затвораат, а сите придобивки на Македонците во другите држави, наеднаш исчезнуваат

ПРОБЛЕМИ Сталин ја критикуваше идејата на Балкнска федерација а по 1948 година ја подржуваше – Димитров и Тито

Според историчарот Ристо Кирјазовски, Информбирото пред донесувањето на резолуциите против КПЈ поддржува создавање на Обединета Македонија во рамките на Југославија, па дури и самиот СССР го поздравува формирањето на ДФ Македонија. А и другите комунистички земји, како на пример НР Бугарија, како и НР Албанија позитивно гледаат на македонското прашање. Во НР Бугарија дури на Македонците им се дава културна автономија, а и се заговара обединување на Пиринска Македонија со тогашна НР Македонија, додека во НР Албанија пак се отвораат македонски училишта, се изучува македонскиот јазик од учители пратени од НР Македонија. Па дури и КПГ отворено се залага за правата на македонскиот народ во Егејска Македонија, па во текот на граѓанската војна се отвораат и таму македонски училишта.
По Резолуцијата на Информбирото против КПЈ, Информбирото излегува со паролата „Независна македонска држава во Балканската федерација“. Настанува пресврт во односот на Информбирото кон Македонија, секако, во рамки на својата политика кон Југославија. Сепак, симптоматично е што и покрај таа „позитивна” политика на Информбирото, балканските држави ги прогонуваат македонските учители, македонските училишта ги затвораат, а сите придобивки на Македонците во другите држави, наеднаш исчезнуваат.
КПГ и покрај помошта од КПЈ, ФНР Југославија и НР Македонија, ја прифаќа политиката на Информбирото, па на својот V пленум, ја истакнува идејата за македонска држава во балканска федерација.
Захаријадис, одговарајќи на забелешките на членот на ПБ на КПГ, Мичос Парпалидис, што ќе стане со Вардарска Македонија, односно НР Македонија, кога ќе се формира македонска држава во рамките на балканската федерација, тој одговарра:
„Точно другари. Овој наш став и парола е насочена против Република Македонија, бидејќи, со преминувањето на Тито на страната на империјалистите, Вардарска Македонија, не само што не може да претставува центар за обединување, туку нејзиното ослободување се поставува како императив…”
Со паролата „Независна македонска држава во рамките на балканската федерација” не се сложи ниту раководството на НР Македонија. Паролата на КПГ на V Пленум, беше тема на расправа на II Пленум на ЦК на КПМ што се одржа на 19-ти и 20-ти Април 1949 година, во Скопје. Во пленумската резолуција во врска со паролата се вели:

„Вториот пленум на ЦК на Македонија остро ја осудува паролата за обединувњето на Македонија во рамките на балканската федерација, како парола на империјалистите, која ја прифатија некои наши „критичари”, во кампањата против нашата земја, што е поведена на база на злогласната Резолуција на Информбирото, да ја искористат за разбивање на единството на југословенските народи, заради отцепување на Народна Република Македонија од Федеративна Народна Република Југославија и и да и се нанесе штета на социјалистичка Југославија.

ОДГОВОР Одоговорот на КЈП на нападот на Информбирото на насловна страница на „Политика“

Вториот пленум на ЦК на КПМ ја осудува таа парола, која во денешната ситуација оди на разбивање на единството на демократското движење на Балканот и му нанесува штета, посебно, на демократското движење во Грција.
Нашата Партија, во принцип, никогаш не била против обединувањето на македонскиот народ, ниту било кога се откажала од него. Македонскиот народ од Народна Република Македонија, воспитуван од својата славна историја,, научи прашањето на своето обединување да го гледа не тесно, не националистички, туку водејќи сметка за општата положба на Југославија и за можностите за остварување на тоа обединување, без штета на демократските движења на соседните земји и за развитокот на општата борба против империјалистите, за цврст мир. Како за време на Народноослободителната борба, така и денес, ние пред се во однос на Егејска Македонија го поставивме прашањето за заедничка борба на македонскиот народ и на грчкиот народ, јакнењето на нивното единство во таа борба, како единствен пат преку кој македонскиот народ утре ќе извојува свои национални права…”

ВИЧ Напис на грчки и македонски на митинг во село Вич, Егејска Македонија

 

(продолжува во следниот број)

Filed Under: Фељтон

СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ
БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ (2): ИДЕНТИТЕТИ – БУДЕЊЕ И УМЕТНИЧКАТА СОРАБОТКА СО РИСИМА РИСИМКИН
СТУДЕНТИТЕ И ГО ОДЗЕДОА ВИДОВДЕН НА ВЛАСТА

Најново

  • СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
  • ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
  • ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet