Во ова време карикатурите ни помагаат да ги одржуваме работите во рамнотежа, нè потсетуваат дека нашите мисли и чувства, нашето знаење и смисла за хумор не смеат да се складираат туку треба да се изразат, а секако карикатурите и нè засмејуваат

МАРИЈА ТОДОРОВСКА
ОСТЕН е ден од најстарите македонски медиуми – -потсети во интервју за НОВА тв.мк со ликовниот уметник, карикатурист и претседател на Галерија Остен, Мице Јанкуловски. Оваа година Остен го одбележува своето 80-годишно постоење. Во текот на својот пат, од хумористичниот билтен до светската галерија на карикатури и биенале за современи визуелни уметности, Остен оставил неизбришлива трага во културната и уметничката сцена, како во Македонија, така и глобално. Во интервју со Мице Јанкуловски, кој го зачувува брендот Остен, зборувавме за историјата и значењето, од нивната улога во светот на карикатурата, до меѓународниот успех и растечката влијателност на ОСТЕН БИЕНАЛЕТО, кое овој пат собра повеќе од 270 уметници од 51 земја, изложбата во Чифте амам и останатите настани за одбележување на јубилејот 80 години.
НОВА: Остен оваа година одбележува 80 години. Како би го опишале патот на Остен низ годините?
Јанкуловски: Многу е тешко да се направи 80-годишна ретроспекција за патот на ОСТЕН низ годините, а да не се одземе многу време и простор,… но еве ќе се обидам тоа да го направам најкусо што можам:
Во 1943 година кога се формирала Првата македонско-косовска ударна бригада се издавал билтен со хумористична содржина со наслов „Сред поле џунџуле”. Есента во 1944 година група млади, врвни интелектуалци го основаат весникот ОСТЕН, кум на весникот е Блаже Конески, а потоа земале учество: Лазар Мојсов, Киро Хаџи Василев, Петре Богданов Кочко, Василије Поповиќ-Цицо, Владо Малески, како и Славко Јаневски, Ацо Шопов, Панде Јаревски…
Првиот број излегува на 1-ви јануари 1945 година и се печати во печатницата Гоце Делчев во Скопје. Поднасловот на весникот е „Излегува кога ќе му текне“, а прв главен уредник е Владо Малески.
Владо Малески е главен уредник и на ребрендираниот ОСТЕН од 1951 година кога во редакцијате се вклучува и Цветан Станоевски.
Во 1966 година како основач на весникот се појавува Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Главен уредник е Славко Јаневски.
Во 1967 година главен уредник е Ацо Шопов.

Во едно свое сеќавање за ОСТЕН Ацо Шопов ќе забележи: „ОСТЕН беше многу популарен меѓу лугето во целата држава, тиражот беше дефиниран, но за еден број се јавуваат од Штип и бараат поголем дополнителен тираж. За што се работи: до трафиката каде што се продавале весници меѓу кои и ОСТЕН, имало рибарница и дента пристигнало поголема количина свежа риба, страниците на ОСТЕН биле поевтини од месарската хартија која била многу скапа и недоволна…“ . Од тогаш поднасловот на весникот е „Весник за завиткување”.
Во 1968 година ја имаме првата професионална редакција. Директор и главен уредник е Дарко Марковиќ, а први професионални уредници се Ефтим Проески и Владо Јоциќ.
Во 1969 година, на 6-тите Средби на солидарноста на која учествуваат сите држави кои ја помагаат обновата на Скопје од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, беше формирана СВЕТСКАТА ГАЛЕРИЈА НА КАРИКАТУРИ. Денес таа е најстарата светска манифестација од областа на карикатурата и сигурно најголемиот македонски извозен бренд во културата. Во деновите кога се одржува оваа светска манифестација Скопје е главниот град на светската карикатура, собиралиште на карикатуристи од цел свет, место каде што се разговара за карикатура вчера, денес и утре.
Во 1970 година ОСТЕН влегува во состав на НИП Нова Македонија сè до 2004 година кога Нова Македонија, а со тоа и ОСТЕН, отидоа во стечај. Во овој период ОСТЕН има видни домашни и меѓународни активности и голем придонес во афирмација на карикатурата. ОСТЕН беше иницијатор за формирање на првото Здружениеа на карикатуристи во светот, а тоа беше Здружението на карикатуристи од Македонија (ЗКМ), кое во 1984 година беше иницијатор за формирање на Светската федерација на организации на карикатуристи ФЕКО (FECO – Federation of Cartoonists Organizations – https://www.fecocartoon.com/index.php/feco-mainmenu-48/what-is-feco-mainmenu-32/141-the-history-of-feco). Седиштето беше во Скопје и прв председател беше Ана Василевски.
Во овој период уредници на ОСТЕН беа: Дарко Марковиќ, Дукан Јелен, Владо Јоциќ, Ефтим Проески, Ѓуро Варга, Боро Пејчинов, Живко Павлов, Љупчо Силјановски, Димитар Чудо, Ане Василевски.
Во овој период карикатуристите од ОСТЕН беа на повеќемесечна специјализација во Загреб Филм, Загреб и подоцна го формираа студиото за цртан филм кој подоцна влезе во рамките на Вардар филм.
Во 1984 година во Тренто Италија ОСТЕН ја добива Наградата за најдобар медиум во Европа.
Од 2004 година ОСТЕН е приватна институција, мал тим од 7 луѓе: Мице Јанкуловски, Корнелија Конеска, Стефан Јанкуловски, Ангела Костова, Наташа Илиевска, Мерт Расим, Зоран Јорданов.
Во 2009 година како континуитет на Светската галерија на уметност на хартија се роди ОСТЕН БИЕНАЛЕ. Ова манифестација е единствена од ваков вид во Македонија, на оваа манифестација учествуваат и добитници на награди се најголемите имиња во светот на уметноста како: Пистолето, Кошут, Кабаков, Сулаж, Марина Абрамовиќ, Кристо итн. Добитници на наградата светско културно наследство се меѓу најголемите уметници во историјата на уметност, како: Пикасо, Вазарели, Мур, Кокошка, Миро, Дали, Пандилов, Наумовски…
Оваа манифестација е едно од основите кои го формираат ОСТЕН МУЗЕЈОТ. Денес ОСТЕН музејот е наша гордост и во него имаме збирка од околу 15000 дела.

Изложбата во Чифте амам беше првиот од серијата настани во чест на 80-годишнината на Остен. Кои се фактите и кои се Вашите импресии од овој настан?
– Отворањето на изложбата за нас повеќе претставува празник, отколку само успешно завршување на една од носечките активности на ОСТЕН – ОСТЕН БИЕНАЛЕТО за современи визуелни уметности Скопје. Активностите на ОСТЕН БИЕНАЛЕТО Скопје 2024 кои со голем успех се одвиваа во текот на целата 2024 година, имаше своја завршница на 6 февруари во Чифте амам, со отворањето на официјалната изложба и доделувањето на награди и признанија на уметници и сорботници на ОСТЕН. Овој настан е уште позначаен со оглед на фактот што е првиот во низата настани планирани во оваа јубилејна година – 80 години од постоењето на ОСТЕН!
Симболично, на изложбата изложуваа 80 наградени уметници и финалисти од над 40 земји, од кои повеќето лично дојдоа во Скопје од различни страни на светот да ги примат наградите. Изложени се дела од визуелните уметности – уметност на хартија, сликарство, објекти, инсталации, фотографии, видео и мултимедијална уметност.
На самото отворање, во еден момент целиот простор наЧифте амам беше преполн со посетители, така што една од наградените уметници која успеа да дојде од Кипар, не успеа да влезе во салата каде што се одвиваше доделувањето на наградите за да ја подигне својата заради гужвата во салата … и сето тоа не исполнува со големо задоволство и со надеж дека сепак, уметноста е таа што ќе не спои, поврзе, помири и што ќе не води напред – и национално и интернационално.
Од НГМ – Чифте амам секојдневно добиваме информации за многубројна посета на изложбата, а исто така има интерес за одржување на комплементарни настани како водење низ изложбата со објаснување од страна на кураторот на изложбата Корнелија Конеска на различни групи – студенти, амбасадори, итн.
Кои се клучните критериуми за селекција на уметниците и делата на Биеналето?
– Во своето делување, ОСТЕН вклучува кредибилни поединци и организации со кои го унапредува нивото на организацијата на програмските активности и како резултат на тоа, со задоволство го гледаме растечкиот интерес кој ОСТЕН БИЕНАЛЕТО го предизвикува кај нашата и кај меѓународната јавноста со секое ново издание, за што говорат бројките: на ОСТЕН БИЕНАЛЕ Скопје 2024 учествуваа 273 уметници од 51 земјa со 863 дела! Ова бараше посебен професионален пристап при процесот на селекција и жирирање, при што беа вклучени врвни професионалци. Корнелија Конеска беше селектор и интернационално жири во сосав Бруно Кора, Италија, Пик Кеобандит, Белгија и Маја Колариќ, Србија одлучуваа за наградите. Така, покрај извонредните квантитативни показатели, во текот на процесот на селекција и жирирање заклучиме дека имаме издание со исклучително квалитетни уметници!
Колку е важно за Вас што многу наградени уметници лично дојдоа во Скопје?
– Паралелно со интересот што ОСТЕН БИЕНАЛЕ Скопје го предизвикува во нашата и меѓународната јавност, паралелно со зголемувањето на бројките и квалитетот на пристигнатите дела, се повеќе уметници доаѓаат на отворањето на официјалната изложба и доделувањето на наградите – и тоа посебно нè радува! Зашто, професионалниот дел е секако најзначајниот дел од работата, но комуникацијата со уметниците, дружењето, споделувањето на задоволството, искуството и вмрежувањето – е она што е исто така значајно и што ни носи вистинско задоволство!
Како лично ја доживувате улогата на Остен во македонската и светската уметност, се разбира и во светот на карикатурите?
– Еден така долгорочен бренд како ОСТЕН има свој специфичен развој.
Светската галерија на карикатури е формирана од прогресивната меѓународна заедница и уште од самиот почеток била (како што говори и самото име) светска, меѓународна. Од самиот почеток оваа манифестација била препознаена како своеврсен феномен зашто била место на средба на карикатуристите од исток (источен блок) и запад от(западен блок), кои немале можност да комуницираат заради долгогодишната „железна завеса“, па едвај чекале да дојдат во Скопје и да се дружат меѓусебно.
(целото интервју можете да го прочитате на саајтот НОВА тв.мк, а илустрациите се на Глобус)