БЕСА АРИФИ
Во правна држава бегството на главното лице одговорно за осумгодишно прислушување на повеќе од 20.000 граѓани е мегаскандал за себе. Не е тоа некое случување за кое никој не чувствува потреба да даде било какво објаснување како тоа се случило, додека пак носењето на одговорност од било која инволвирана институција е утопија сама за себе
Македонија нема никогаш да биде правна држава. Жалам, ама нема да нé биде. Се додека со Груевски снимаме продолжение на филмот „Фати ме ако можеш“, се додека Гордана Јанкуловска станува ТВ ѕвезда која го окупира медиумскиот простор на две национални телевизии за една вечера, ширејќи го непрекинато својот наратив на сечени, лепени, монтирани и манипулирани снимки, и се додека СЈО бара притвор за сите освен за „господин“ Мијалков, кој ете, е примерен граѓанин и се јавува на суд и ги исполнува своите обврски редовно, најредовно, токму така како што тоа го правеше и „господинот“ Груевски, од нас правна држава не бидува.
Во правна држава бегството на главното лице одговорно за осумгодишно прислушување на повеќе од 20.000 граѓани е мегаскандал за себе. Не е тоа некое случување за кое никој не чувствува потреба да даде било какво објаснување како тоа се случило, додека пак носењето на одговорност од било која инволвирана институција е утопија сама за себе. Во правна држава не се случува да не се знае каде е човекот кој треба да лежи затвор, а кого го чекаат и многу други казни во секојдневните судски постапки што се водат против него. Во правна држава судот не калкулира со роковите и не ги одолговлекува непотребно процесните дејствија за да тоа резултира со бегство на осудениот, кој наместо да се подготви за издржување на казната, го користел мудро тоа време да се подготви да кидне од земјата.
Во правна држава судот не игра криенка три дена по ред, обидувајќи се на осуденикот да му го врачи упатниот акт за одење во издржување на казната. Македонија е мала земја, не може три дена да се чека да се дознае каде тоа бил Груевски и дали навистина го избегнува доставувањето на упатниот акт. Во правна држава судот не чека да настапи соодветно време кога ќе се врачи упатниот акт за во затвор, туку сам создава такво соодветно време и не чека спокојно да помине викенд. па Груевски да се јави на рочиште во „Титаник“.
И во правна држава кога постои правна празнина во врска со избегнувањето на осудениот да му се достави упатниот акт за во затвор, судот не стои на страна, туку употребува нешто што се вика правна аналогија, решавање на случајот по слична ситуација. Сличната ситуација е фактот што Законот за кривична постапка предвидува дека, доколку осомничениот избегнува да му се достави поканата да се јави пред органите на правдата, тогаш истиот се приведува со судска наредба и се донесува пред истите. Доколку ова важи за покана на осомничен во разговор во Обвинителство, според argumentum a fortiori, важи уште посилно кога се зборува за осуден криминалец кој избегнува врачување на упатен акт за одење во затвор.
Во правна држава полицијата не оди да му тропа на врата на осуденикот четири дена откако тој не бил веќе виден никаде во државата.
Во правна држава полицијата има јасни и прецизни информации за тоа каде се наоѓа лице кое е обвинет за повеќе кривични дела и кој е веќе осуден за дел од нив. Во правна држава не се манипулира со категоријата „човекови права“. Дел од објаснувањата што ги читав и слушнав се дека полицијата немала право да го контролира и следи Груевски, бидејќи немало со судска наредба одредени ПИМ мерки за него, па ако го следела Груевски тогаш би му ги прекршила неговите човекови права.
Бре, што сме имале многу совесна и внимателна полиција. Кое човеково право ќе му го прекршеше? Правото на бегство од носење на одговорност и од соочување со Шутка, токму тоа право на бегство кое пред извесно време токму претседателот на Врховниот суд на РМ по барање на тогашниот Јавен обвинител на РМ му го призна на Сеад Кочан, кој дури беше во бегство, херојски беше ослободен од притвор?
Ако нашата премногу внимателна и џентлментска полиција е загрижена за правото на приватност на Груевски, да ја потсетам дека Европскиот суд за човекови права во неколку случаи пресудил дека, кога се зборува за јавен интерес и за одговорност на носители на јавни функции, сегашни или поранешни, правото на приватност е доста ограничено и тоа ограничување не ја прави една судска постапка несправедлива. Така што наместо да се занимаваат со чувањето на правото на приватност на Груевски за тоа што јадел за вечера ден пред одењето во Шутка, подобро ќе беше да се позанимаваа поефикасно со спречувањето на неговото спектакуларно бегство. Бидејќи јавен интерес е носителот на јавна функција да одговара за злоупотребата на својата службена должност. Тоа е јавен интерес, а не правото на приватност на Груевски.
Во правна држава ад хок формираното Специјално јавно обвинителство, основано заради фактот што редовното јавно обвинителство не ја вршеше својата работа, не седи спокојно знаејќи дека главните обвинети не се во притвор, туку упорно бара тие „господа“ да бидат ставени во притвор токму заради нивните силни врски, моќни пријатели, и длабоки џебови со кои нема граница која не би можеле да ја преминат, со или без пасош, во женска или во машка облека.
Во правна држава Специјалната јавна обвинителка не би можела око да затвори ниту една вечер пред да биде сигурна дека нејзините главни обвинети се во притвор, и таков притвор ќе бараше упорно, секој ден, секоја недела, секој месец по секој законски основ дури не го добиеше истиот. Зарем требаше толку многу убедување да се ставаат братучедите во притвор, после спектакуларното бегство, па после и враќање на Сеад Кочан, како и уште поспектакуларното бегство во неповрат на Грујовски и Бошковски?! Зарем уште треба убедување дека Мијалков мора да оди во притвор пред и тој да побегне?!
Ако УБК за Миле Јанакиевски имала некоја белешка дека се подготвувал за бегство, којзнае што досие има за братучедот-спасител, недопирливиот врбувач на гласови на пратениците кои некни го создадоа потребното мнозинство за уставни измени.
Во правна држава нема вакви работи. Во правна држава вистински се одговара за сторените злодела. Во правна држава не се одговара делумно, само до фаза на правосилноста на пресудата која никогаш не се извршува. Во правна држава правото се извршува, а казната се издржува до крај. Во правна држава не се прават калкулации, туку секој одговара индивидуално во границите на својата вина. Во правна држава нема недопирливи луѓе, нема некои кои се секогаш склони правдата да ја избегнат додека пак други гнијат по затвори за истите дела за кои биле заеднички соизвршители.
Во една правна држава неправото не може да произведе право, законот е ист за сите и важи еднаков за сите. Во една правна држава осудените криминалци не се оставаат да бегаат за да потоа се бараат назад преку барања за екстрадиција кои се знае дека ќе се оценат за неприфатливи. Во една правна држава криминалците одат во затвор, и не се третираат како спасители на државата па дури и ако во некој момент придонеле за благосостојбата на истата. Но, ние за жал, не сме правна држава. Нема никогаш да бидеме.