Тие беа југословенски, советски, чехословачки и француски репрезентативци и играа фудбал. Звучи како почеток на шега од Втората светска војна, но всушност е директен опис на ситуацијата на првото Европско фудбалско првенство во 1960 година
„Фудбалот, како и здруженијата како УЕФА, настојуваат да ги вклучат источноевропските и западноевропските земји во нивната заедница и покрај тешкотиите што ги создаде во организацијата на натпреварувањето. Иако имаше јасна поделба на политичко ниво, можеме да кажеме дека фудбалот се обидува да ги надмине овие разлики уште од 1950-тите“, вели Хуан Антонио Симон Санјурјо, професор по историја на Факултетот за физичка активност и спортски науки во Мадрид за Би-Би-Си.
Освен домаќинот Франција, другите три земји учесници на првиот Европски куп на нации, како што првично се викаше турнирот, денеска ги нема. Победникот, Советскиот Сојуз, второпласираната Југославија и третопласираната Чехословачка исчезнаа од геополитичката карта на Стариот континент на почетокот на 1990-тите. Со распаѓањето на овие земји, на фудбалската сцена стапија нови репрезентации, што предизвика конкуренцијата да се прошири на 16 учесници уште во 1996 година во Англија.
Геополитиката на Европа продолжи да се менува, се појавија повеќе нови земји, како Црна Гора и Србија, додека одредени зависни територии, на пример Гибралтар, добија право да се натпреваруваат на меѓународни фудбалски натпревари, исто како и некои репрезентации, чии земји географски припаѓаат на Азија. – Израел и Казахстан!
Унијата на европски фудбалски асоцијации (УЕФА) ги следеше тие трендови, па бројот на нејзините членови и репрезентации кои играат во квалификациите порасна на 55.
ТУРБУЛЕНТНИ ПОЧЕТОЦИ Во средината на глобалната Студена војна, период на крајно затегнати односи меѓу капиталистичкиот Запад и социјалистичкиот Исток, беше покрената иницијатива за заедничко фудбалско натпреварување на европските репрезентации. Набргу по основањето на УЕФА во 1954 година, беше даден предлог за започнување на континентално првенство, кој по многу контроверзии и дебати беше усвоен на конгресот на организацијата во Стокхолм во јуни 1958 година. За ова се гласаше една година претходно, а резултатите беа 15 гласа за, седум против, четири воздржани и едно празно ливче. Англија беше воздржана, додека Западна Германија и Италија, меѓу другите, беа против.
Ниту една од нив не учествуваше на Европскиот куп на нации во 1960 година, додека играа сите земји од таканаречениот Источен блок.
„Првото Европско првенство во 1960 година се одигра без значајни врски со политичката или меѓународната заедница. Попроблематичен беше патот до нивното формирање, на што првично се спротивстави ФИФА, односно нејзиниот секретар Курт Гасман, а учеството на само 17 тимови може да укаже на можни приговори или политички проблеми“, вели Јан Венд, полски географ и професор на Универзитетот во Гдањск за Би-Би-Си.
Првиот официјален натпревар е одигран на 28 септември 1958 година на стадионот Лужники во Москва помеѓу Советскиот Сојуз и Унгарија.
Домашните славеа со резултат 3:1, пред повеќе од 100.000 гледачи.
Така, децениската идеја за паневропски турнир, која беше предложена од секретарот на Француската фудбалска федерација, Анри Делоне, во далечната 1927 година, конечно оживеа.
Натпреварувањето беше од турнирски тип, па пред завршната фаза во Франција – во Париз и Марсеј, се одиграа квалификациските натпревари од осминафиналето и четвртфиналето.
Ждрепката одлучи социјалистичкиот Советски Сојуз и Шпанија, тогаш под екстремно десничарско владеење на диктаторот Франциско Франко, да се сретнат во четврт-финалето. „Франко му забрани на шпанскиот тим да игра против Советскиот Сојуз за да го зајакне имиџот на САД како сојузник и да избегне можен понижувачки пораз од комунистите“, тврди Симон Санџурхо.
Шпанија беше дисквалификувана, а Советите обезбедија директен пласман во последната фаза од натпреварувањето.
„Извршниот комитет на УЕФА одговори со строго применување на правилата на турнирот, истовремено тврдејќи дека спортот треба да биде аполитичен“, додава шпанскиот историчар.
Следното Европско првенство во 1964 година се играло во Шпанија.
Франко потоа ги искористи спортот и фудбалот „за да ја подобри својата меѓународна репутација и да се доближи до новосоздадената Европска економска заедница (еден вид претходник на Европската унија)“, според Симон Санџурхо.
Таа година, исто така, одбележа четвртина век од крајот на Шпанската граѓанска војна, во која силите на Франко ги поразија републиканците.
„Режимот на Франко се обиде да го искористи Европското првенство за да прикаже попријатна слика за франкоизмот на надворешниот свет, додека внатрешната слика беше засилена со победата на националниот тим“, додава историчарот.
Шпанија стана нов шампион на Европа победувајќи го Советскиот Сојуз со 2:1.
Купот на европските нации официјално го смени името во Европско првенство од следниот турнир во Италија во 1968 година.
СТУДЕНАТА ВОЈНА И ЈУГОСЛАВИЈА Покрај Европското првенство, поделбата на Стариот континент од Студената војна најмногу се почувствувала во самата УЕФА, за време на борбата за власт меѓу „претставниците на капиталистичките и комунистичките земји“, според Симон Санџурхо. „Исто така, важно е да се разбере дека во текот на тие години УЕФА се бореше за моќ во ФИФА и другите континентални конфедерации. Нејзините членови сфатија дека нивната сила во рамките на ФИФА зависи од создавањето на силна организација во која една голема Европа, вклучувајќи ги и земјите од двете страни на Железната завеса, може да коегзистира“, истакнува шпанскиот историчар.
Железната завеса е термин измислен од британскиот политичар и поранешен премиер Винстон Черчил за метафорично да ја опише политичката поделба во Европа по Втората светска војна.
Репрезентациите на земјите од Источна и Западна Европа редовно играа на ЕП, а често се среќаваа и во финалето.
„УЕФА имаше за цел да го постигне она што можеме да го наречеме обединета Европа, здружувајќи го Западот со неговата периферија, вклучувајќи ги источноевропските земји, како и оние од Балканот и Балтикот“, објаснува Симон Санџурхо.
Тој вели дека ако Студената војна ги наруши активностите на УЕФА, како што е квалификацискиот натпревар меѓу Шпанија и СССР пред Евро 1960 година, тогаш неговиот извршен комитет ригорозно ќе ги примени статутите на организацијата за да спречи обвинувања за произволни одлуки.
Тоа е Југославија единствената социјалистичка земја која го организираше Европското првенство во 1976 година во Белград и Загреб, додека сите други турнири, до крајот на Студената војна во раните деведесетти, се одржуваа во западноевропските земји.
Од 1948 година и расколот меѓу Тито и Сталин, лидерите на двете земји, оваа балканска земја избра да не застане на страната на ниту еден од блоковите, кои подоцна ги официјализираше како основач на Движењето на неврзаните.
НОВА ЕРА, НОВИ РЕПРЕЗЕНТАЦИИ Последната фаза од Студената војна се случи во втората половина на осумдесеттите, а настаните што се случија, како падот на Берлинскиот ѕид или бројните револуции на исток, навестуваа победа на капиталистичкиот Запад.
Конечниот крај дојде на крајот на 1991 година, со распадот на Советскиот Сојуз. Така, Европското првенство во Шведска следната година, последното со осум селекции во финалната фаза, го дочека целосно изменета геополитичка карта на континентот.
На турнирот требаше да настапи и Југославија, кој започна како Социјалистичка Федеративна Република во мир и како прва во групата ги заврши квалификациите, за до јуни 1992 година да стане Сојузна Република Југославија, во чие маало беснееше војна. Се состоеше од Србија и Црна Гора, две од поранешните шест југословенски републики.
СР Југославија беше дисквалификувана од Европското првенство поради санкциите на Советот за безбедност на Обединетите нации од 30 мај 1992 година, кои вклучуваа забрана за учество на меѓународни спортски настани.
Непосредна причина за воведувањето санкции беше масакрот на цивилите во редот за леб во улицата Васа Мискин, во центарот на Сараево, за што беа обвинети Србите од Босна и Херцеговина.
Веќе следниот ден УЕФА и ФИФА ја суспендираа репрезентацијата на земјата создадена во април, што значеше забрана за учество на ЕП.
Данска отиде на турнирот и го освои, победувајќи ја новообединетата Германија со 2:0 во финалето.
„Наместо Советскиот Сојуз, играше тимот на Комонвелтот на независни држави – очигледно и јасно влијание на геополитичките промени“, објаснува полскиот професор Јан Венд.
На следното ЕП во Англија во 1996 година, бројот на учесници се зголеми на 16.
Меѓу новодојдените беа Хрватска, поранешната југословенска република и вицешампионот Чешка, која заедно со Словачка претходно ја формираа Чехословачка, европски првак во 1976 година.
Од 2016 година дури 24 репрезентации отидоа во завршниот дел на турнирот, а истата година УЕФА ги пречека Косово и Гибралтар.
Во евроквалификациите играат и земји кои (физички) географски не припаѓаат на Стариот континент, како репрезентацијата на Казахстан од 2002 година и Израел од 1994 година.
Велика Британија не се натпреварува како целина, но Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска играат поединечно, како и Фарските Острови, една од трите составни територии на Кралството Данска со висок степен на автономија.
На овогодинешното Европско првенство не изостанаа знамињата на различни политички и воени организации, националистички симболи и честитки, песни кои повикуваат на омраза и насилство.
Историчарот Санрухо го наведува како пример влијанието на минатата изборна кампања за францускиот парламент врз нивната репрезентација и како „група играчи предводени од (капитенот) Килијан Мбапе јасно се позиционираа против екстремната десница“.
Има и скандирање на стадионите на хрватските и албанските навивачи против Србите и гестот на дефанзивецот на турската репрезентација Мерих Демирал кој го покажа знакот на екстремно десничарската турска група Сиви волци“, додава шпанскиот историчар.
Турскиот дефанзивец поради овој потег беше суспендиран, па не играше против Холандија во четврт-финалето, а истата казна од УЕФА ја доби и албанскиот напаѓач Мирлинд Даку поради тоа што изводеше песна со мегафон со која ги навредува Србите и Македонците.
Навивачите на Србија беа казнети поради политички карактеристики на нивните знамиња, па сите три балкански репрезентации – Хрватска, Србија и Албанија се на врвот на листата на казнети фудбалски сојузи во Германија.
Симон Санџурхо вели дека војната во Украина влијаела и на овогодинешниот турнир, но не во финалната фаза, туку во квалификациите. На 28 февруари 2022 година, четири дена по почетокот на руската инвазија на Украина, УЕФА ги суспендираше сите руски тимови, како и нивната репрезентација.
Нивната кандидатура за организација на ЕП беше одбиена, па турнирот во 2028 година ќе го организираат Велика Британија и Ирска, а четири години подоцна Италија и Турција.
Украина ги одигра квалификациските натпревари во Полска и успеа да се квалификува преку плеј-офот, додека друга поранешна советска република – Грузија – дебитираше на првенството.
УЕФА ги забрани натпреварите меѓу Ерменија и Азербејџан, Белорусија и Украина, Гибралтар и Шпанија, Косово и Србија и Косово и Босна и Херцеговина за време на квалификациите за ЕП 2024.
Сепак, Симон Санџурхо „не верува дека во овој момент влијанието на геополитиката е поважно отколку пред неколку години“.
„Тоа е повеќедецениска врска која имаше моменти на повеќе или помалку тензии и која веројатно би можела глобално да расте во рамките на она што би можеле да го наречеме новата „Студена војна“, иако нема значајно влијание конкретно на Европското првенство“, заклучува тој.